Македонија
Семејствата на изгубените девојчиња стравувале да не се повтори Србија, тинејџерките им рекле: „Непотребно кренавте паника“
Речиси осум часа траеше агонијата на родителите чии девојчиња се изгубија вчера во Скопје. Беа пронајдени доцна вечерта по 23 часот откако МВР ја потврди информацијата.
Според сведоштво на близок роднина на едно од семејствата на девојчињата, тие дошле на екскурзија за да го посетат Саемот на книгата во главниот град. Се изгубиле околу 16 часот кога последен пат биле видени во друштво на своите соученици во „Веро Џамбо“.
Таму наставничката им кажала дека имаат еден час можност да прошетаат и да разгледаат самостојно и оттогаш на девојчињата им се губи секаква трага, раскажува роднината за „Макфакс“.
Според планираното, тие требало да си заминат од Скопје во 16 часот, групата се собрала во 15.50 часот, но двете ученички не се појавиле на договореното место. Наставничката чекала да се вратат, а по извесно време пријавила и во полиција. Оттогаш почнала потрагата по нив, објаснува нашиот соговорник.
На социјалните мрежи синоќа беа споделувани апели за помош и фотографии од местото каде што последен пат беа видени двете тинејџерки.
Од МВР, по неколкучасовната потрага, потврдија дека децата се пронајдени и се во добра здравствена состојба.
Тоа денеска го дообјасни и нашиот соговорник, кој рече дека девојчињата не биле воопшто исплашени додека талкале низ скопските улици и понесени од желбата да го пронајдат местото на кое требало да се вратат, тие не ни размислиле да прашаат каде да се упатат, туку едноставно само се движеле по улиците.
„Тие си одат нормално, си разговараат меѓу себе, кажуваат дека не биле исплашени“, раскажува роднината.
„Зошто кренавте таква паника, ние имавме пари, ќе си фатевме такси и ќе си дојдевме“, им кажале подоцна девојчињата на загрижените родители.
Соговорникот за „Макфакс“ додава дека децата носеле со себе телефони, кои, како што вели подоцна, биле со испразнета батерија.
„Тоа се деца. Носеа со нив постари телефони и, најверојатно, додека патувале во автобусот, ги користеле по што им се испразнила батеријата и не можеле да се јават. Не може да ги обвините нив затоа што се деца од село, кои никогаш не биле во Скопје и не го познаваат. Тие биле пред ‘Веро Џамбо’, таму наставничката им дала одреден временски период да шетаат самостојно и да разгледаат, но тие, најверојатно, сакале да одат во трговскиот центар ‘Ист гејт’ и потоа заталкале“, раскажува нивниот роднина.
Додава дека децата не биле исплашени и врз нив, како што беше потврдено и од страна на полицијата, нема забележано траги на насилство.
Траума и голем страв, според него, доживеале нивните семејства, кои, кога слушнале за случката, се упатиле кон Скопје.
Тука беа мајките на двете девојчиња, тие тргнаа во 17 часот кон Скопје. Ги пребарувавме сите места на кои ни беше укажано дека децата се видени, бевме многу исплашени. Во тој момент сите имавме само едно во главата: да не се повтори Србија“, раскажува роднината за „Макфакс“.
Децата беа пронајдени синоќа по 23 часот во скопската општина Кисела Вода.
Во тој временски период и родителите, и роднините и наставничката, како и многубројните граѓани, сите биле во исчекување добри вести, раскажува тој.
Вели дека случката била огромен стрес за сите, но олеснително било тоа што настанот завршил добро. Се заблагодари на големиот одѕив на граѓаните, кои на секаков можен начин се обиделе да придонесат во потрагата по изгубените деца.
„Не можам да ја заобиколам ниту огромната помош од страна на полицијата, тие беа во голем број и на секој можен начин се обидуваа да ги пронајдеме девојчињата. Тука беа и огромниот број граѓани, кои споделуваа фотографии од сите можни места на кои биле видени изгубените девојчиња, па дури и ни помагаа да дојдеме до тие места“, раскажува роднината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Капиштец повеќе од шест часа без вода, дефект кај Цветен пазар ја поплавува улицата Народен фронт
Жителите на делови од скопски Капиштец повеќе од шест часа останаа без вода за пиење.
Кај Цветен пазар вечерва е забележан багер и ископана е голема дупка, додека во близина тече вода по коловозот.
Засега е познато дека станува збор за уличен дефект, но не е соопштено кога состојбата ќе биде целосно нормализирана.
„Поради уличен дефект на водоводна цевка Ф100мм на улица Народен Фронт 5 до цветен пазар, со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на улицата Васил Ѓоргов и Народен Фронт од бр.5 до бр.21“, велат од ЈП Водовод и канализација.
Од претпријатието попладнево известија дека водата кај корисниците е сопрена во 13.30 часот и ќе остане така се’ до поправка на дефектот. Жители на Капиштец за „Макфакс“ велат дека кога прашале кога ќе биде пуштена водата, од службата за известување во „Водовод“ им кажале дека нема изгледи оти ќе го поправат дефектот денес.
Македонија
Во подготовка закон за високите раководители во управата – професионализација наместо партизација
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Петер Ваги, виш советник во OECD/SIGMA, на која беа разгледани клучните реформски процеси во областа на јавната администрација, со посебен акцент на подготовката на Законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите, како и на Закон за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ).
На средбата се дискутираше за принципите на професионализација, мерит систем, транспарентност и отчетност во именувањето и управувањето со високите раководни структури во државната управа, како и за потребата од јасно разграничување на надлежностите, унапредување на координацијата и зголемување на ефикасноста во функционирањето на институциите преку новото законско решение за организација и работа на органите на државната управа.
Министерот ја истакна важноста од континуираната експертска поддршка од страна на OECD/SIGMA во процесот на подготовка и усогласување на законските решенија со европските стандарди и добри практики.
„Реформата на јавната администрација претставува еден од нашите врвни приоритети. Со Законот за високите раководители поставуваме јасни, транспарентни и професионални критериуми за избор и одговорност на раководниот кадар. Нашата цел е администрација која работи во служба на граѓаните, заснована на знаење, интегритет и резултати“ истакна министерот.
Од страна на претставникот на OECD/SIGMA беше изразена подготвеност за натамошна поддршка, со цел обезбедување усогласеност со принципите на добро управување и европските административни стандарди.
Министерството за јавна администрација останува посветено на спроведување сеопфатни и одржливи реформи, насочени кон јакнење на институционалниот капацитет, департизација и зголемување на довербата на граѓаните во јавните институции.
Македонија
Забрана за камиони кај Стража поради снег
Од 17:00 часот е воведена забрана за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар-Стража-Кичево и обратно.
Од АМСМ информираат дека забраната е поради обилни врнежи од снег и задржување на коловозот.

