Македонија
Се избираат двајца нови членови на Комисијата за АЕК, пријавени седуммина

Во Собранието денеска ќе се избираат двајца нови членови на Комисијата за Агенцијата за електронски медиуми, каде што пријавени се седуммина кандидати. Некои од нив ѝ се познати на јавноста, шестмина од нив досега биле поврзувани со политички партии, а има и такви кандидати што извршувале функции во рамките на партиите.
Со ДУИ се поврзуваат двајца кандидати, од кои Фикрет Зенуни е член на оваа партија и бил кандидат за претседател на партискиот разгранок во Врапчиште, од каде што потекнува. Тој дипломломирал бизнис и админситрација. Вториот кандидат е Арбнор Рушити, дипломиран инженер по информатика, кој работи на Клиниката „Мајка Тереза“ во Скопје. На профилот на Рушити има многубројни форографии споделени од него, а објавени од функционери на ДУИ, како и од Али Ахмети.
Втор мандат бара и Ервин Реџепагиќ. Тој е поврзан со политичката партија ДОМ, која е дел од владејачкото мнозинство. Неколку медиумски објави сведочат дека тој бил дел од партиска делегација што ја претставувала ДОМ.
Кандидат за член на Комисијата во АЕК е и новинарот Кристијан Ландов. Собранието објави дека тој е дипломиран софтверски инженер.
Со СДСМ се врзуваат тројца кандидати. Адвокатот Стевица Јосифовски, кој е досегашен претседател на Комисијата, бара втор мандат. Тој беше правен застапник на СДСМ. На листата е и името на уште еден адвокат, Мирослав Вуиќ. Познат на јавноста како адвокат на експремиерот Зоран Заев, беше член на бордот на „Телеком“, а е и екскандидат за градоначалник во Центар на СДСМ. Пријавен за член на Комисијата на АЕК е и Владимир Станивуковиќ, советникот на СДСМ во Карпош, моментно е помошник-директор во АД за стопанисување со станбен и деловен простор.
Кандидатите треба да исполнуваат неколку услови за да може да се пријават и да бидат избрани за членови на Комисијата. Меѓу другото, условите се да имаат факултетско образование од областа на информатиката, телекомуникациите, правото или економијата и најмалку пет години соодветно работно искуство и посебни знаења од областа на електронските комуникации.
Законот предвидува дека во текот на времетраењето на својот мандат членовите на Комисијата не може да бидат пратеници во Собранието на Република Македонија, членови на Владата на Република Македонија, како и лица што извршуваат должности во органите и телата на политички партии, како и да бидат вработени во оператори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Церемонија на свечено менување на државното знаме пред претседателската вила во присуство на основци од Скопје

Ученици од скопските основни училишта „Ѓорѓија Пулевски“, од општина Аеродром, „Св. Климент Охридски“ и „Кирил Пејчиновиќ“ од општина Кисела Вода, денеска го посетија Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Придружени од своите наставници, учениците ја проследија свечената церемонија на менување на државното знаме. Оваа церемонија се одржува секој втор петок во месецот и се реализира од Баталјонот за почести при македонската армија како израз на почит кон македонското знаме, како државен симбол.
По завршувањето на свечениот чин, младите посетители ги разгледаа просториите на Кабинетот и разговараа со претседателката за нејзините работни обврски, но и за личниот живот, почнувајќи од детството, школските и студентски денови, како и професорската кариера.
Во разговорот со учениците, претседателката ги охрабри да учат и да веруваат во себе, да го почитуваат знаењето, оти тоа ќе ги направи компетитивни, сигурни и успешни.
Македонија
Авионска дезинсекција против ларви од комарци во Скопје

Согласно добиено известување од Град Скопје- Сектор за комунални работи, Регионалниот центар за управување со кризи -Скопје информира дека на ден 11.05.2025 година (Недела) во раните утрински часови ќе се изврши Авионска дезинсекција против ларви од комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, во ист термин, велат надлежните.
Се известуваат пчеларите навремено да ги превземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Бискупот Стојанов упати честитки до папата Лав XIV: Вашата служба да донесе обнова и зацврстување на верата

Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, Киро Стојанов упати писмо со честитки до новиот папа Лав XIV.
„Со голема радост и синовска љубов ја примив веста за Вашиот избор за Петров наследник и Пастир на Универзалната Црква. Од името на верниот Божји народ на Католичката Црква во Македонија, свештенството и монаштвото, како и од мое лично име, Ви го честитам изборот и воедно благодарам што ја прифативте оваа одговорна и света служба, свесни за сите предизвици со кои се соочува Христовата Црква.
Сигурен сум дека со мудроста што Ви е дарувана преку Вашето мисионерско искуство, пасторалната грижа и верноста кон Евангелието, водени од Светиот Дух ќе управувате со коработ Петров – Црквата, низ немирното море, за доброто на целиот Божји народ.
Од Македонија, портата од каде што Свети Павле го пренесе христијанството низ цела Европа, од просторите од каде што потекнуваат светите браќа Кирил и Методиј и од родниот град на света Мајка Тереза, Ви ја ветувам мојата лична молитва, како и молитвите на целиот Божји народ во Македонија, со желби Вашата служба да донесе обнова и зацврстување на верата, единство меѓу христијаните и мир во целиот свет“, напиша бискупот Стојанов.