Македонија
Се избираат двајца нови членови на Комисијата за АЕК, пријавени седуммина

Во Собранието денеска ќе се избираат двајца нови членови на Комисијата за Агенцијата за електронски медиуми, каде што пријавени се седуммина кандидати. Некои од нив ѝ се познати на јавноста, шестмина од нив досега биле поврзувани со политички партии, а има и такви кандидати што извршувале функции во рамките на партиите.
Со ДУИ се поврзуваат двајца кандидати, од кои Фикрет Зенуни е член на оваа партија и бил кандидат за претседател на партискиот разгранок во Врапчиште, од каде што потекнува. Тој дипломломирал бизнис и админситрација. Вториот кандидат е Арбнор Рушити, дипломиран инженер по информатика, кој работи на Клиниката „Мајка Тереза“ во Скопје. На профилот на Рушити има многубројни форографии споделени од него, а објавени од функционери на ДУИ, како и од Али Ахмети.
Втор мандат бара и Ервин Реџепагиќ. Тој е поврзан со политичката партија ДОМ, која е дел од владејачкото мнозинство. Неколку медиумски објави сведочат дека тој бил дел од партиска делегација што ја претставувала ДОМ.
Кандидат за член на Комисијата во АЕК е и новинарот Кристијан Ландов. Собранието објави дека тој е дипломиран софтверски инженер.
Со СДСМ се врзуваат тројца кандидати. Адвокатот Стевица Јосифовски, кој е досегашен претседател на Комисијата, бара втор мандат. Тој беше правен застапник на СДСМ. На листата е и името на уште еден адвокат, Мирослав Вуиќ. Познат на јавноста како адвокат на експремиерот Зоран Заев, беше член на бордот на „Телеком“, а е и екскандидат за градоначалник во Центар на СДСМ. Пријавен за член на Комисијата на АЕК е и Владимир Станивуковиќ, советникот на СДСМ во Карпош, моментно е помошник-директор во АД за стопанисување со станбен и деловен простор.
Кандидатите треба да исполнуваат неколку услови за да може да се пријават и да бидат избрани за членови на Комисијата. Меѓу другото, условите се да имаат факултетско образование од областа на информатиката, телекомуникациите, правото или економијата и најмалку пет години соодветно работно искуство и посебни знаења од областа на електронските комуникации.
Законот предвидува дека во текот на времетраењето на својот мандат членовите на Комисијата не може да бидат пратеници во Собранието на Република Македонија, членови на Владата на Република Македонија, како и лица што извршуваат должности во органите и телата на политички партии, како и да бидат вработени во оператори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Се укинуваат визите за Обединетите Арапски Емирати

Последната посета на Обединетите Арапски Емирати го донесе првиот конкретен резултат. На наше барање, тие ги укинуваат визите кои беа потребни за патување кон оваа земја, објави премиерот Христијан Мицкоски на социјалните мрежи.
Наскоро, како што појаснува, со конкретната примена на одлуката за без визното патување ќе се влијае на посилна економија, слободно патување, зајакнување на меѓусебното партнерство.
„Се бориме на секој можен начин да се помогне на нашите граѓани, и со секој ден да се носат промени за заедничката иднина“, пишува Мицкоски.
Македонија
Судот и’ го одзеде пасошот на претседателката на антикорупциската комисија која споделувала службени тајни на „Вибер“

На претседателката на антикорупциската комисија, Татјана Димитровска, одземен и’ e пасошот, откако Кривичниот суд го прифати предлогот за определување на мерки за претпазливост, како осомничена во дополнетата истрага за предметот „Адитив“.
Таа се сомничи дека преку апликациите за пораки „Вибер“ и „Ватс ап“ му оддавала службени тајни на друг обвинет за поведени постапки, за отворање предмети и одлуки против сега обвинетите фирми и лица во предметот „Адитив“, како и податоци за проверка на имот и неговото семејство.
Судот определи и забрана за преземање одредени работни активности поврзани со кривичното дело, што подразбира дека осомничената не смее да има контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на ДКСК, воедно не може да гласа и да распределува предмети.
За првоосоничениот Б.Н. кој се товари за злосторничко здружување, злоупотреба на постапка за јавни набавки и перење пари, определена е мерка притвор во траење од 30 дена, соопшти Кривичниот суд.
И за осомничената Б.П.М., определени се мерки за претпазливост, односно привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова и забрана за преземање одредени работни активности поврзани со кривичното дело.
Против овие решенија странките имаат право на жалба.
Македонија
Девет лица завршија во притвор поради злоупотреби со инвалидските пензии и туѓа нега

На деветмина осомничени од уапсените 23 во акцијата за туѓата нега, судот им одреди мерка притвор од 30 дена.
Едно лице сè уште е недостапно за органите на прогонот.
Притворот за деветмината осомниченни е определен поради опасност од бегство, попречување на истрагата со влијание врз сведоци и опасност од повторување на делото, информираа од Кривичниот суд.
Петмина завршија во куќен притвор, додека за девет лица, судот определи мерки на претпазливост, односно обврс да се јавуваат во судот и привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова.
Во истрагата на Обвинителството се опфатени вкупно 49 лица. Се работи за две криминални групи чии членови разработиле шема преку која на лица баратели на социјални услуги им овозможувале да добијат право на туѓа нега и инвалидска пензија. Меѓу осомничените има и лекари специјалисти кои биле претседатели Стручната комисија за издавање наод, оцена и мислење за потребата од помош и нега од друго лице.