Македонија
Се вози по влажни коловози, на граничните премини се чека половина час
Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен, информира АМСМ.
На граничниот премин Богородица има зголемена фреквенција и чекањето за излез е околу 30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почнавме процес со кој сакавме да дадеме платформа преку која судиите и јавните обвинители ќе можат меѓусебно да се координираат, вели Аврамовски од Коалиција „Сите за правично судење“
Коалицијата „Сите за правично судење“ во Скопје ги презентираше препораките и акцискиот план за подобрување на состојбите во правосудството, изработени во рамки на проектот „Подобрување на учеството на засегнатите страни во процесот на реформи во правосудство“.
-Почнавме процес преку кој сакавме да дадеме платформа преку која судиите и јавните обвинители ќе можат меѓусебно да се координираат, усогласат да изградат заеднички став во однос на оние битни проблеми и прашања кои ги сметаат за суштински и да се понудат препораки дадени изворно од нивната страна кои се однесуваат на извршната, законодавната но и на судската власт на самите судии и јавни обвинители и се во насока да се унапреди ефикасноста на брзината на кривичните постапки и секако владеењето на правото. Особено оние кривични постапки кои и јавноста најчесто ги следи и преку нив се информира за работата на судовите, изјави Дарко Аврамовски,извршен директор на Коалиција „Сите за правично судење“
Еден дел од препораките се однесуваат на промената на практиките и пристапот на постапување на самите јавни обвинители и судиите. Овие препораки, како документ ќе се користат понатаму за застапување. Од коалицијата најавија дека имаат закажано неколку состаноци со претставници на повеќето институции како и професионалните здруженија на вработените во овие установи.
Македонија
„Последната епизода од сапуницата ‘Есенска кошничка’ потврди дека Владата нема ниту желба ниту знае како да ги регулира високите цени“, реагира СДСМ
„Последната епизода од сапуницата на Владата наречена „Есенска кошничка“ ни донесе нови изненадувања и потврда дека Владата апсолутно нема ниту концепт, но нема ни желба да ги намали цените на производите кои вртоглаво растат“, реагира СДСМ на најавата на Владата.
„Намалувањето на маржите само на околу 100 производи не е никакво конкретно решение, ниту ќе има сериозен ефект на намалувањето на цените. После мачкањето очи на граѓаните со намалувањето на цените за фломастерите и моливите откако започна учебната година, ова е нова манипулација без никаков ефект кое има за цел само кратко да го смири гневот на јавноста.
СДСМ во време на сите кризи во изминатите години имаше конкретни и ефективни решенија. Цените беа намалувани за преку 500 производи за исхрана, но се држеа под контрола и цените на оснататите производи и на енергенсите. Ова е вистинска грижа и концепт за заштита на стандардот на граѓаните, а не половични решенија кои нема да имаат никаков ефект.
Ако Владата не знае, тогаш СДСМ ќе даде конректен предлог закон со кој проверено ќе заштедат сите граѓани и ќе се амортизира ценовниот шок, додека компаниите нема да сносат штети“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Претседателката Сиљановска-Давкова го прими регионалниот директор на Меѓународната организација за миграција за Европа и централна Азија, Алексоски
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Драган Алексоски, в.д. регионален директор на Меѓународната организација за миграција за Европа и централна Азија.
На средбата беше разговарано за соработката на македонските институции со Меѓународната организација за миграција и можностите за нејзино продлабочување, за областите во миграциската политика, на кои треба да им се даде приоритет, како и за претстојните иницијативи и активности на организацијата предвидени за нашата земја.
Изразувајќи благодарност за континуираната посветеност и поддршката од Меѓународната организација за миграција, почнувајќи од 1999 година, претседателката Сиљановска-Давкова изрази подготвеност за продолжување на меѓусебното партнерство во градењето на капацитетите за управување со миграцијата, граничната контрола и поддршката на ранливите групи.
На средбата беа разменети мислења за можностите за продолжување на соработката во однос на програмите за трудова миграција, кои ја олеснуваат интеграцијата на мигрантите и го зголемуваат нивниот придонес во националниот развој, како и за можностите за јакнење на соработката во областа на обезбедување на здравствени услуги за мигрантите.
Во таа насока беше изразен интерес и за соработка на планот на одржливи стратегии за ублажување на ризиците од климатските миграции и управување со миграцијата предизвикана од климатските промени.
На средбата претседателката беше информирана и за улогата на Меѓународната организација за миграција во спречувањето на насилниот екстремизам и програмите за реинтеграција и рехабилитација на вратените странски терористички борци и нивните семејства.
Претседателката ја реафирмира посветеноста на земјата во управувањето со легалната и нелегалната миграција во унапредување на институционалните капацитети и хармонизација на легислативата со меѓународните стандарди, како и напорите за соодветен одговор и управување со кризи на национално ниво и во регионални рамки.