Македонија
Се гласа за наследник на Русковска
Раководителот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Трајче Пеливанов, е меѓу првите кои го даде својот глас на изборот за нов шеф. На ливчето има четири кандидати, а зад параванот може да се избере помеѓу досегашната шефица Вилма Русковска која бара нов мандат, Деса Пауновска од Вишото јавно обвинителство-Гостивар, скопскиот обвинител Ермон Незири и обвинителот од Гостивар, Ислам Абази за кого јавноста сè уште не знае како изгледа, а со тоа и дел од обвинителите кои денеска гласаат. До 9 часот гласале околу дваесетина обвинители.
„Има пет изборни единици. Ова не е нешто ново за обвинителите, вака се бираат совети на советот. Ова е 15-годишна традиција, а првпат се бира шеф на едно обвинителство. Денеска во скопското вишо обвинителство гласаат 91 обвинител од 163 обвинители. Процесот оди одлично. Ова се сигурно посериозно во однос на легитимитетот кој ќе го има, а тој одговара пред сите обвинители. Сите ќе видиме што ќе остави овој избор“, рече Јован Цветановски, јавен обвинител во Вишо јавно обвинителство Скопје, како и претседател на изборната комисија на гласачкото место во Вишото јавно обвинителство.
Кандидатите за шефови имаа соочување на дебата во „А1он“. Се појавија Вилма Русковска, Деса Пауновска и Ермон Незири. Ислам Абази, кој моментално е шеф на Вишото обвинителство – Гостивар, избега од дебата. Во јавноста се шпекулира дека тој е кадар на ДУИ. Абази се правдаше дека отсуствува од дебатата поради обврски, па откако оставивме простор сам да избере термин, тој престана да одговара на повиците и пораките. Дел од обвинителите, но и јавноста и медиумите не знаат ниту како изгледа овој обвинител, кој претендира да биде на чело на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Од останатите кандидати, Русковска во дебатата на „А1он“ кажа дека кога постапувала по предмети и кажале да внимава што прави за да не заврши како Катица Јанева.
Очекува победа, а сигурна е 102,5%. Во дебатата, Русковска посочи: „Опозицијата не ме запишува, а позицијата ме отпиша“.
Со програма на осум страници и петнаесетгодишно искуство обвинителот Ермон Незири од Скопското јавно обвинителство денес ќе бара доверба од колегите за шефовското место во Обвинителството за организиран криминал.
„Повторно излегоа на површина две тези: туристичка агенција и персонализација на Обвинителство. Барем јас така разбрав. Тоа е спротивно на тоа што јас планирам да го направам. Не може Обвинителството да се врзе со Ермон Незири. Таму има 15 обвинители кои самостојно одлучуваат, за тоа земаат плата, искусни обвинители “, рече Незири, а прашан кој ги разочарал младите обвинители, тој кажа: „Тоа секој си го сфаќа субјективно“.
Вишата обвинителка од Гостивар, Деса Пауновска, која е во трката за шефовското место во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, смета дека тимот таму е составен од исклучително добри, но и исклучително лоши обвинители. Таа во дебатата на „А1он“ посочи дека и Русковска како актуелна шефица знае дека: „таму има обвинители кои навистина многу работат и имаат многу тешки предмети и обвинители кои не се дораснати, не сакаат, немаат желба да работат“ и порача: „Тој начин мора да се промени“.
Околу 160 од обвинителите од целата држава денеска за првпат ќе го изберат новиот шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

