Македонија
Се крати бројот на членови во управните и надзорните одбори во јавните претпријатија, нови кадри ќе се бираат преку јавен повик
На предлог на Министерството за економија Владата на денешната седница го усвои Предлог -законот за изменување и дополнување на Законот за јавни претпријатија со кој се намалува бројот на членови во управните и надзорните одбори во јавните претпријатија.
Согласно новото законско решение бројот на членови на управните одбори се намалува од сегашните 15, на 7 членови, односно 5 во помалите општини, а бројот на членови во надзорните одбори на јавните претпријатија се намалува од сегашните 5 на 3 членови, објави министерот за економија Крешник Бектеши на својот Фејсбук профил.
Дополнително со измените и дополнувањата, се регулира постапката за избор на членовите на управни и надзорни одбори и висината на надоместокот. Новата регулатива треба да го подобри и изборот на кадри за тие позиции како и да воведе ред во висината на надоместокот кој го земаат членовите на управни и надзорни одбори.
Со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавни претпријатија се воспоставува транспарентност при постапката за избор на членови на управни и надзорни одбори во јавните претпријатија, како и мерит процедура при селекцијата и именувањето.
Според законското решение, за првпат станува законска обврска објавувањето на јавен повик за членови на управни и надзорни одбори на јавни претпријатија и тоа на веб-страниците на Владата, односно општината или Градот Скопје и на веб-страницата на самото јавно претпријатие три месеци пред истекот на мандатот на актуелниот состав.
На јавниот повик ќе може да аплицираат сите граѓани кои ги исполнуваат законските услови за членови на управни и надзорни одбори.
Како што наведуваат од министерството, со предложените законски измени се очекува подигнување на стручноста и професионалноста при управувањето и надзорот на работењето на јавните претпријатија.
Со измените во Законот за јавни претпријатија се зајакнуваат критериумите кои треба да ги исполнуваат идните членови на управни и надзорни одбори во делот на образованието и работното искуство. Исто така се воведува законска обврска за формирање на Комисија за селекција, која на најтранспарентен начин ќе ја врши постапката за селекција на сите пријавени кандидати.
Дополнително, Предлог- законот пропишува и услови за разрешување на членовите на управните и надзорните одбор на јавните претпријатија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.

