Македонија
Се откриваат скандали во градежништвото, од издадени 2.810 лиценци, нерегуларни се дури 427

Вкупниот број на издадени лиценци во делот на градба, проектирање, надзор, изработка на детални урбанистички планови е некаде над три илјади и до денес прегледавме 2.810 лиценци и бројката на одземени лиценци е веќе 427, објави вечерва вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој најави дека во вторник ќе бидат објавени финалните бројки и по име ќе бидат извадени сите носители на лиценци на кои ќе им бидат одземени, а за истото ќе бидат информирани надлежното обвинителство и МВР, за да можат тие, како што рече, да проверат од свој аспект.
Министерот Николоски информира дека во делот на градежништвото ќе бидат околу 430 лиценци, а ќе бидат испратени дописи и до сите засегнати страни кои работат со овие субјекти за да знаат дека тие веќе немаат лиценци.
Меѓу другото информира дека се прават контроли и во делот на патниот сектор – превоз на патници, автобуси, комбиња и итн, исто така превоз на стоки и внатрешно и меѓународно во делот на камиони.
Таму, рече Николоски, во моментот се прават испитувањата, но до вторник ќе има финални бројки.
– Најголема е бројката за изведувачи на градба од Б категорија, а тоа е се што не е врвен државен објект и станбени зградени, каде ќе се одземат 198 лиценци, рече вицепремиерот и министер за транспорт.
Николоски информира дека по итна постапка уште во вторник ќе бидат доставени законски измени, со кои овие контроли ќе станат облигаторни на секои шест месеци да мора да се прават, а исто така второстепеноста и третостепеноста, во рамки на одлучувањето нема да влијае на постапките за одземање на лиценца.
– Мојот предлог на измени на закон ќе биде жалбата да не го одлага извршувањето односно лиценцата веднаш се одземе, а после тоа да имаат право да се жалат. Оние кои ќе ја изгубат лиценцата најмалку една година нема да можат да аплицираат повторно. Доколку за било кој од нив, МВР или Јавното обвинителство утврди дека имале и кривични дела во рамки на своето работење, тогаш веќе настапуваат други органи и тогаш веќе има и кривична одговорност во нивното работење, изјави Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Едночасовен молк во скопскиот Градски парк за жртвите од пожарот во Кочани

Во скопскиот Градски парк, попладнево, стотина млади се собраа да оддадат почит на жртвите од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани со едночасовен молк.
Како што беше наведено и во најавата од страна на „Студентски пленум” за денешниот собир, граѓаните почнаа да се собираат околу 16 часот, по што едночасовниот молк започна една минута пред 17 часот, односно, симболично, во 16:59 часот.
Минатата недела во пожарот во дискотеката, загинаа 59 лица, а околу 200 лица се здобија со повреди.
Македонија
Подготвен е протокол по кој идната недела ќе бидат пречекани првите пет пациенти кои се лекуваат во странство

Подготвен е протокол според кој идната недела ќе бидат пречекани првите пет пациенти кои што се лекуваат надвор од државата, информираше денеска министерот за здравство Арбен Таравари по состанокот на Кризниот штаб за повредените од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Како што соопшти Таравари, петте пациенти се очекува да пристигнат во среда или четврток, а ќе бидат пречекани од специјални екипи и возила кои ќе се придржуваат до протоколот и информациите за состојбата на пациентите, по што, појасни, ќе ги сместат во болниците од каде биле претходно пуштени пациентите, каде ќе им биде направена првата тријажа.
– Протоколите ќе бидат објавени на нашата веб страна, исто така ќе бидат испратени и до Министерство за надворешни работи и надворешна трговија, како и до сите други држави. Ќе имаме специјални екипи кои што ќе работат со овој протокол кои што ќе се придржуваат до информациите за состојбата на пациентите кои што треба да ги добиеме. Ќе има специјална екипа која што ќе ги прифаќа и специјални возила кои што ќе ги пречекаат и сместуваат во болниците. Првата тријажа ќе се направи во болницата од каде што е пуштен пациентот, па ќе бидат хоспитализирани во болници каде што треба. Доколку нема потреба ќе се пуштаат на домашно лекување, рече Таравари.
Секоја фаза, посочи, има свои компликации и потешкотии, појаснувајќи дека во оваа фаза постои ризик од развивање на инфекции, затоа, рече, состојбата на пациентите може да флуктуира.
– Јас кажувам каква е моменталната состојба на пациентите. Одредени пациенти веќе добиваат антибиотици за да се превенираат тие инфекции, така што се надевам и тие што ќе пристигнат, веќе зборувавме за стерилизирање на автомобилите со кои што ќе дојдат, како и собите каде што ќе се третираат, така што се надеваме на што помалку компликации и подобро здравје на сите тие што ќе се вратат во државата, рече Таравари.
Екипите кои што ќе ги пречекаат пациентите, додаде, ќе бидат од нашата држава, а во зависност од каде и со што ќе доаѓаат, така ќе бидат и пречекувани.
– Екипите кои што ќе ги пречекаат пациентите ќе бидат од нашата држава, во зависност од каде доаѓаат и со што ќе доаѓаат. Доколку доаѓаат со авион, ќе бидат пречекани на Меѓународниот аеродром во Скопје, а ако се од соседните држави, за што мислам дека најдоцна ќе се враќаат бидејќи таму се најтешките пациенти, односно во Србија, Бугарија и Грција, рече Таравари.
Таравари соопшти дека е стабилна состојбата на 55-те пациенти кои се лекуваат во државава, а од 115 пациенти во странство во критична состојба се пет.
Македонија
Таравари: Во македонските болници сите пациенти се во стабилна и добра состојба

По завршување на редовниот состанок на кризниот штаб, министерот за здравство Арбен Таравари информираше за состојбата со пациентите, кои беа повредени во несреќата што се случи во Кочани.
Во македонските болници сите пациенти се во стабилна и добра состојба, рече тој и додаде дека планирано е 9 пациенти да бидат испишани на почеток на неделата, откако ќе им бидат направени сите токсиколошки и психолошки испитувања.
– Надвор од државата се 115 пациенти, во критична состојба продолжуваат да бидат 5 пациенти, но состојбата на пациентите флуктуира. Седми ден е, нула починати. Нема ниту еден пациент кој починал. Очекуваме да се подобрува состојбата. Следната недела имаме најави за враќање на повеќе пациенти во државава – рече Таравари на денешната изјава за медиумите, по завршување на редовниот состанок на кризниот штаб.
Во пожарот во „Пулс“ загинаа 59 лица, а над 200 беа повредени. Трагедијата се случи за време на настап на групата ДНК.