Македонија
Се очекува и утре да вее снег – прогноза за времето до крајот на неделата

Времето до крајот на денот ќе биде облачно со повремени врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Ќе има услови за појава на голомразица и снежни наноси.
Утре не’ очекува променливо облачно и студено време со повремени врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -7 до 0, а максималната ќе достигне од -2 до 5 степени, јавува УХМР.
Во Скопје променливо облачно и студено со услови за провејување на слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Во четврток претпладне ќе се задржи претежно облачно и студено време со повремени врнежи од снег со слаб до умерен интензитет.Попладне насекаде врнежите ќе престануваат. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Во петок и за време на викендот ќе преовладува стабилно време со пораст на дневните температури. Утринските температури во текот на целиот период насекаде ќе бидат под нула, а наместа ќе се спуштаат и под -10 степени. По некои котлини ќе има појава на магла и пониски дневни температури.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
(Фото) Опожарени два контејнера во населбата Серава

Во текот на минатата недела, непознати сторители опожариле два сада наменети за одлагање на комуналниот отпад во скопската населба Серава, во општината Чаир. Контејнерите беа лоцирани на улицата Серава, а истите се со зафатнина од 1,1 кубен метар, извести Комунална хигиена-Скопје.
Микролокацијата веднаш била целосно исчистена од страна на екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје, по што биле поставени и нови садови за одлагање на отпадот.
„Апелираме до граѓаните внимателно да ракуваат со контејнерите поставени на јавни површини, бидејќи секое нивно оштетување значително ја нарушува динамиката на одлагањето, собирањето и транспортот на комуналниот отпад и го оневозможува навременото реализирање на тековните активности предвидени согласно Оперативната програма за работа на Претпријатието“, изјави в.д.директорот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Сабахадин Рустеми.
Во текот на 2024 година беа опожарени 24 садови наменети за одлагање на комуналниот отпад на територијата на градот Скопје. Сите случаи на опожарување на контејнерите се пријавени кај надлежните органи.
Скопје
ЗЕЛС ја прифати иницијативата на Герасимовски, малолетниците кои вандализираат да вршат општокорисна работа

ЗЕЛС едногласно ја усвои Иницијативата предложена од Општина Центар за меѓуинституционална соработка и воведување општокорисна работа за малолетни сторители на вандализам.
„Вандализмот зема замав во сите општини и е сериозен проблем што бара итна реакција. Малолетните сторители мора да се соочат со соодветни мерки, а одговорноста ја делат и нивните родители“, истакна градоначалникот Горан Герасимовски.
Иницијативата предвидува измени на Законот за прекршочна постапка, Законот за пробација и Законот за правда за децата, со цел воведување општокорисна работа како мерка која ќе спречи вандализам и ќе придонесе кон ресоцијализација на малолетниците.
Дополнително, се предлага и разгледување измени во Законот за семејство и Законот за извршување на санкции, за да се обезбеди правна рамка која ќе ја вклучи и одговорноста на родителите преку заедничка општокорисна работа.
За спроведување на иницијативата ќе се формира стручна работна група составена од Владата, ресорните министерства, центрите за социјална работа, училиштата и невладините организации. Целта е да се креираат ефикасни законски решенија и да се спречат потешки последици од ваквите негативни појави, соопшти општина Центар.
Скопје
Минатата недела санкционирани се 155 непрописно паркирани возила во Општина Центар

ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 03.02. до 09.02.2025 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 155 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
„ЈП ПОЦ и Општина Центар континуирано ќе ја спроведуваат оваа мерка со цел да се доведе во ред сообраќајниот хаос и проблемот со непрописното паркирање на комерцијалните и резидентните паркиралишта и улици на територија на Општина Центар“, велат од ЈП Паркинзи.