Македонија
Се подготвува првиот водич кај нас, кој ќе ги објасни нередовните циклуси, анксиозноста, заморот и несоницата во перименопауза

Стручна група за перименопауза, составена од водечки експерти од рачни медицински области, односно двајца гинеколози од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, матичен гинеколог, ортопед и психијатар од Универзитетската клиника, ендокринолог и матичен лекар го подготвуваат првиот водич за перименопауза кај нас. Водичот е предвидено да биде основа за системски и координиран пристап кон ова значајно животно поглавје за жените, а ќе биде наменет за матичните лекари, семејните лекари, гинеколозите и за другиот медицински кадар.
„Перименопаузата е периодот кој почнува со првите симптоми на менопауза и завршува една година по последната менструација, кој може да трае неколку години. Периодот на перименопаузата е обележан со хормонални промени, што предизвикуваат разни симптоми – од нередовни менструални циклуси, преку несоница, анксиозност, замор и проблеми со концентрација, па сè до значајни физички промени. Во Македонија овој процес не е институционално препознаен, а би можело значително да го подобри квалитетот на животот на жените“, велат од ХЕРА за оваа важна, но занемарена тема за женското здравје кај нас.
Иницијативата се реализира под координација на ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување и МАГО – Македонска асоцијација на гинеколози и опстетричари, со цел да се обезбеди стручна поддршка и да се изработат конкретни насоки за унапредување на здравствената грижа во период на перименопауза за жените во нашата земја.
Со формирањето на оваа стручна група се отвора простор за стручна дискусија и изработка на материјали кои се засновани на медицински докази, кои ќе им овозможат на жените во Македонија пристап до квалитетна грижа, навремено препознавање на симптомите и соодветни медицински информации и услуги за справување и поддршка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Алиу го промовира електронскиот систем за евиденција и управување со барањата за листата на лекови

Во Министерството за здравство денеска беше промовиран нов информациски електронски модул – систем за евиденција и управување со барањата за листата на лекови.
Со модулот, како што истакна министерот за здравство, Азир Алиу, првпат се почнува со дигитализација на постапката за ставање нов лек на позитивната листа.
Тој појасни дека модулот е изработен од Управата за електронско здравство, во соработка со Секторот за фармација во Министерството за здравство, ќе биде јавно достапен на интернет-страницата на Министерството (www.lekovi.zdravstvo.gov.mk) и во функција ќе биде веднаш кога ќе стапат во сила измените на прописот, со кој се уредува оваа постапка, а кој се очекува деновиве да се објави во „Службен весник“.
Модулот, како што рече, овозможува електронско поднесување на барањата и внесување на неопходната документација за лекот во системот, што досега се доставуваа исклучиво во хартиена форма. Со ова, според него, се постигнува значителен напредок во дигитализација на одделните процеси на стандардната оперативна процедура на уредената постапка.
„Станува збор за прва електронска евиденција и управување со барањата за листата на лекови во националниот систем, со што се овозможува и транспарентност на процесот преку достапен јавен портал и следење на одделните процеси и на напредокот на постапката во реално време.
Придобивки на новиот е-модул се: подобрено управување со барањата за листата на лекови и ефикасност на постапката, намалување на административниот товар за фармацевтските компании, кои се јавуваат како апликанти во постапката, транспарентност на постапката и размена на информации, прецизна евиденција и управување со поднесоците и лесен пристап до податоци, унапредување на пристапот за лековите на позитивна листа“.
Македонија
Реконструкција на улицата Боро Кралевски во Радишани

Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски изврши увид во активностите за реконструкција на улицата “Боро Кралевски”, во должина од 568 метри.
Од општината најавија дека градежната офанзива во населба Радишани продолжува.
„Локалната самоуправа целосно ги реконструираше улиците “Симче Настевски”, “Киро Димушков” и “Скоевска”. Покрај тоа, во завршна фаза е изградбата на мега-паркот и плоштадот, на површина од 10.000 м2.
Реализацијата на овие проекти во Радишани претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот и уште еден чекор кон обнова и подобрување на патната инфраструктура на општина Бутел“.
Македонија
Платите во јули пораснале за над 10,5 отсто во споредба со јули 2024, а државниот и јавниот долг намалени првпат по долго време, рече Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски се осврна на најновите податоци од Државниот завод за статистика во врска со информацијата за движењето на платите.
„Никогаш не можете да бидете задоволен од висината на приходите, односно на платата, и секогаш, како Влада, треба да работиме повеќе за да обезбедиме дополнителни средства или да обезбедиме таква средина за бизнисот да се развива, за да можат работниците да добијат повисока плата“, кажа премиерот.
Според него, токму со ваквите податоци од статистика, се распрснуваат тезите на опозициската партија СДСМ дека платата не растела и дополни дека вчера Државниот завод за статистика објави податок дека и бруто и нето платата во јули е за повеќе од 10,5% поголема од јули 2024 година.
„Но, она коешто е важно е дека сите оние тези на СДСМ, дека платата не растела, дека долгот се зголемувал, дека сме ги задолжиле неродените генерации со седум милијарди итн, полека но сигурно, како меур од сапуница, се распрснуваат. Имено, вчера Државниот завод за статистика објави податок дека и бруто и нето платата во јули е за повеќе од 10,5% поголема од јули 2024 година, којшто, впрочем, беше и прв месец од оваа Влада. Така што тезата на СДСМ дека платите не само што не растеле, туку и се намалувале, не држи вода“, истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека на крајот од вториот квартал заклучно со месец јули 2025 година, за прв пат после многу време и државниот и јавниот долг се намалени, едниот за 4%, другиот за 2,7%.
„Исто така, СДСМ има уште една теза, повторно лажна, а тоа е дека сме ги задолжиле неродените генерации. Министерството за финансии излезе со јасен дијаграмски приказ колкав е процентот на државниот и јавниот долг од бруто-домашниот производ, и многу лесно можете да забележите дека на крајот од вториот квартал, заклучно со месец јуни 2025, за првпат после многу долго време, и државниот и јавниот долг се намалени едниот за 4%, другиот за 2,7%.
Мицкоски им препорача на опозицијата, да бидат конструктивни, да научат од грешките во минатото и да не ги повторуваат.