Македонија
Се преврте македонски автобус во Србија – тројца загинаа, 30 повредени

Најмалку тројца луѓе загинаа, а 30 се повредени во тешка сообраќајна несреќа која се случи на автопатот кај Лесковац во 1 часот и 40 минути по полноќ, јави РТС. Автобусот кој патувал од Скопје кон Белград, според првичните информации, се превртел откако возачот не успеал да воспостави контрола на лизгавиот автопат. Според РТС, станува збор за прилепски автобус, кој патувал кон Виена, но оваа информација не е официјално потврдена. Од српски „Блиц“ пак имаат информација дека станува збор за автобус кој сообраќал од Штип кон австриската престолнина.
Екипи на брза помош од Лесковац и Ниш пристигнале на местото на несреќата. Повредените патници се пренесени во болниците во овие два града, а сите повредени, од кои некои потешко, се надвор од животна опсаност.
Во болницата во Лесковац се пренесени 28 лица, додека четири со посериозни повреди се хоспитализирани во болницата во Ниш, кој завршиле на хирургија но тие се надвор од состојба опасна по живот, пренесува РТС.
На самото место, екипите затекнале стравотна глетка на автобус превртен во снежната лапавица. Очевидци за српските медиуми изјавиле дека автобусот бил превртен на страна, а тројца патници биле затекнати без знаци на живот. Тимовите за брза помош од Лесковац, кои први пристигнале на местото на настанот, им помогнале на повредените и извршиле пребарување. Имало и патници кои биле заробени во автобусот. Тие биле извлечени од припадници на единицата за спасување.
Полициски екипи излегле на местото на несреќата, каде е направен увид, но уште не се соопштени причините за овој сообраќаен инцидент.
Како што информираат српските медиуми, во Лесковац вчера врнело дожд, а од полноќ непрекинато почнал да паѓа сенг, па се претпоставува дека можна причина за несреќата е лизгавиот коловоз.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.