Македонија
Се реконструира физикалната медицина во кочанската болница, соопшти Митева

Во моментот се одвива реконструкција на просторот за физикална медицина во кочанската болница, со вкупна површина од 350 квадратни метри.
Рокот за завршување на работите е предвиден во наредните три-четири недели.
Владината портпаролка Марија Митева информира дека е почнато со поставување нови прозорци, целосно нова електрична инсталација и нова водоводна и канализациска мрежа.
Реконструкцијата ќе продолжи со хидроизолација на објектот, поставување комплетно нова вертикала на водоводната и на канализациската мрежа, која ги поврзува и горните оддели над физикалната медицина – конкретно хирургија, гинекологија и неврологија, порамнување и обновување на подот и поставување нови врати.
„Особено важно што цениме како Влада дека е потребно да се нагласи оти по многу години се оспособува хидрантската мрежа, која беше целосно нефункционална, и во тек е поставување нов противпожарен систем, неопходен елемент за безбедноста на пациентите и на медицинскиот персонал. Ова не е само реконструкција – ова е јасен сигнал дека Кочани добива системска грижа“, рече Митева.
Информира и дека се преземаат сериозни чекори за подобрување на условите во Пониква, каде што од утре ќе бидат примани и пациенти.
Министерството за спорт целосно ги опреми двете игралишта за рекреација, поставени се комарници, кои се од суштинско значење за заштита на пациентите во оваа фаза. Спроведена е и комплетна дезинфекција, дезинсекција и дератизација, вклучително и на шахтите околу објектот, во соработка со Центарот за јавно здравје – Кочани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Герасимовски пред преполните контејнери: Четири години нашите хигиеничари им ја вршат работата на Комунална хигиена

Градоначалникот на Центар Горан Герасимовски во обиколка на улиците, заедно со хигиеничарите на Центар, затекна контејнери опкружени со купишта ѓубре, известуваат од Општината. Од терен тој упати апел до Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ редовно да го собира отпадот и да ја преземе својата законска обврска.
„Вака Комунална хигиена си ја завршува својата работа. Како изминативе години, така и денеска, и ова понеделничко утро, центарци се будат во ѓубре. Целата општина е полна со смет, нашите хигиеничари се постојано на терен, го сработуваат сето она што Комунална хигиена не го сработува изминативе години. И после овој мој апел, повторно ќе слушнеме демант на Јавното претпријатие дека навремено си ги завршуваат своите обврски, го собираат сметот од улиците, рече градоначалникот на Центар.
Во утринската акција, хигиеничарите на ПОЦ го расчистија просторот околу контејнерите. Герасимовски порача дека општина Центар ќе продолжи да работи во интерес на своите жители и кога тоа е надвор од ингеренциите. Најави нова опрема која ќе се набави во наредниот период, се наведува во соопштението.
„Нашите 120 хигиеничари цело време се на терен и ја завршуваат работата која е обврска на Јавното комунално претпријатие и за која граѓаните на Општина Центар ги плаќаат. Продолжуваме да си го чистиме Центар и да ја завршуваме работата на Јавното комунално претпријатие, продолжуваме и со она што го ветивме пред граѓаните – да купуваме дополнителна опрема. Во наредниот период се купуваат нови две цистерни за да се мијат улиците, но и нови метларки и камион кој ќе ни треба, бидејќи очигледно Комунална хигиена не си ја врши работата. Верувам дека после толку апели ќе се свестат и овој смет нема повеќе да го има на улиците на Центар“, рече градоначалникот Герасимовски.
Македонија
ЦУК: Гори на планините Кожуф и Добра Вода, под контрола се четири пожари

Денеска, до 07:00 часот, на територијата на Македонија имало вкупно 34 пожари на отворен простор, од кои два се активни, четири се под контрола, а 28 се изгаснати, извести Центарот за управување со кризи.
Активни се пожарите во општина Гевгелија: Кожуф планина, кај село Петрово (букова шума) и во општина Македонски Брод: Планина Добра вода (ниска вегетација).
Како што информира ЦУК под конртола се четири пожари: Општина Гази Баба 1: с. Трубарево (електричен отпад); Општина Гази Баба 2: с. Виниче, м.в. Муратица (нискостеблеста шума); Општина Студеничани: с. Батинци (ниска вегетација и мешана шума); Општина Кочани: с. Бали (депонија).
Изгаснати се 28 пожари.
Македонија
Левица се заплетка во лагите за парите кои завршиле во џебовите на раководството, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Левица на прес-конференција практично признаа дека податоците добиени од свиркачи за парите кои од сметката на партијата завршиле во џебови на тесното раководство се точни, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според владејачката партија, парите од сметката на партијата Левица по разни основи завршиле кај тесното раководство на Левица. Мојсоска која самата изнесе информација дека била сметководител на Левица, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, требало да знае дека доколку ја говори вистината, актот е противзаконски.
„Правниците од Левица би требало да знаат дека во Законот за пратениците јасно е наведено:
– Член 4: „Функцијата пратеник во Собранието се врши професионално.“
– Член 5: „Пратеникот нема право да врши други јавни функции или професии, кои согласно со закон се неспојливи со функцијата пратеник.“
– Член 9: „Функцијата пратеник е неспојлива со вршењето на дејности со профитна цел.“
Законот е јасен Јована Мојсоска како пратеник, не смеела да остварува профит и да врши сметководствени услуги за Левица. Доколку е вистина улогата на сметководител, Мојсоска сериозно го прекршила Законот.
Левица бегајќи од вистината се заплетка во сопствените шеми за извлекување на партиски средства за лични потреби на раководството“.
Вистината, според ВМРО-ДПМНЕ, излезе на виделина.
„Левица под закрила на идеологија, чесност и приказни за неподмитливост испумпува пари на личните трансакциски сметки.
Пропагандата на Левица за чесност и неподмитливост се претвори во параван зад кои се испумпуваат пари.
Левица не е имуна на корупција и не се бори против неа, туку е дел од неа“.