Македонија
Тестирани 18 вработени во Заводот за рехабилитација – Козле, откако пациент заболи од коронавирус
Се чекаат резултати од 18 тестови направени од вработените во Заводот за рехабилитација во Козле. Таму сè уште течат и анкетите, како и анализите, за да се види дали некој имал контакт со заболено лице од коронавирус или, пак, бил во странство.
Ова следува откако 69-годишен тетовец, кој е неподвижен и лежел во заводот во текот на овој месец, се заразил од коронавирус.
„Во Заводот за рехабилитација во Козле траат анкетите и анализите. Земени се материјали на уште 18 вработени. По добивањето на резултатите ќе се направи план за работа на оваа установа, постои голема веројатност од понеделник да работи само амбулантскиот дел, со соодветен распоред на здравствени работници. Но, не се готови анализите, по завршување на тестовите, ќе се направи овој план“, рече министерот, Венко Филипче.
Ќерката на на 69-годишниот жител на Тетово преку социјалните мрежи посочи дека од понеделникот молела за лекарска помош за нејзиниот татко.
Таа вели дека не се знае како се заразил нејзиниот татко, а таа добила решение за самоизолација. Според нејзините пишувања, 69-годишниот тетовчанец бил хоспитализиран во Центарот за рехабилитација во Козле поради мозочен удар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средношколките во Охрид ќе се едуцираат како да се заштитат од сајбер напади
Камп за сајбер безбедност за средношколки се одржува во Охрид, како дел од проектот CybHER – Зајакнување на жените и девојките во сајбер безбедноста, кој го спроведува Британскиот совет во државите од Западен Балкан, со поддршка од Владата на Обединетото Кралство.
Пред учесниците на кампот денеска ќе се обрати државниот секретар во Министерството за образование и наука Елена Ивановска.
Македонија
УЈП потсетува за пресметка до 31 март 2026
УЈП потсетува дека крајниот рок за поднесување електронска пресметка за доход остварен во странство во 2025 година е 31 март 2026. Обврската се однесува на сите физички лица што примиле плата или друг вид доход од странство и важи без разлика дали данокот во странската држава е платен или не, а пресметката се поднесува преку системот е-Даночни услуги.
Клучната порака на Управата е практична: со пресметката мора да се достават и докази што ја потврдуваат висината, видот и периодот на доходот, како и евентуално платениот данок во странство. Тоа, во пракса, значи дека даночниот обврзник треба да може документарно да го „затвори кругот“ – од исплатата до даночниот третман. Дополнително, за примената на договорите за избегнување двојно оданочување, УЈП упатува дека постојат насоки и процедури што ја дефинираат документацијата и начинот на пресметка.
Зад административната формулација стои појасна порака: контролата не е „локална“ работа. УЈП наведува дека во 2025 година, во рамки на меѓународната соработка, поднела 203 барања до странски даночни органи за проверка на документација за граѓани што преку американски компании работеле во Авганистан и Ирак. Тоа е сигнал дека механизмите за размена на информации се активни и дека „ќе помине незабележано“ е сè послаб план.
Македонија
Одрон на патот Кичево-Гостивар кај Колари
На патниот правец Кичево – Гостивар поради голем одрон кај село Колари од 7 часот изутринава е воведен наизменичен сообраќај по една коловозна лента во должина од 30 метри, информира Диспечерско-информативниот центар на ЈП Македонијапат.
Поради одронот сообраќајот на патот Кичево – Гостивар од 5.40 часот беше во целосен прекин.
АМСМ информира дека од 05:45 часот на патниот правец село Лисец – Попова Шапка воведена е забрана за сообраќај на тешки товарни возила и автобуси.
– Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата – велат од АМСМ.
Препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Во сила е законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата.

