Македонија
Се укинува бесплатниот јавен превоз

Загадувањето на воздухот е намалено, од утре се укинува бесплатниот автобуски превоз, соопштија службите на Град Скопје.
Оттука појаснија дека мерките за намалување на загадувањето престануваат бидејќи мерните станици измериле помалку од 100 мг пм10 на м3 а границата за алармирање треба да надмине 150пм10 честички.
Градоначалничката Данела Арсовска на денешниот брифинг со новинарите потенцираше дека сите институции, на централно и на локално ниво, треба да реализираат мерки кои се во нивна надлежност со цел истите да имаат вистински ефект. Таа се осврна на дел од мерките кои градскиот инспекторат ќе го спроведува во наредниот период, како што се засилените активности на терен на комуналните инспектори, како и вонредните инспекции на индустриските капацитети чија контрола е во надлежност на Град Скопје.
Бесплатен јавен превоз ќе почне етапно за одредени категориии граѓани од 1 јануари, а ноќните линии на ЈСП веќе се во функција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Алијанса за Албанците: Македонија е безбедна држава далеку од каква било опасност

На 27 март 2020 година, Република Северна Македонија стана најновата членка на НАТО. Од овој момент, РСМ, како дел од најмоќната Северноатлантската алијанса, е безбедна држава и далеку од каква било опасност за суверенитетот и интегритетот на земјата. РСМ како членка на НАТО дава свој придонес за секоја земја во која мора да се обезбеди светскиот мир, велат од Алијанса за Албанците.
Според оваа партија, руската агресија врз Украина, загрозувајќи ја глобалната безбедност, уште еднаш докажа дека како дел од НАТО, граѓаните и земјата се заштитени од сојузот на најмоќните држави во светот.
„Алијанса за Албанците имаше среќа да придонесе во процесот на членството на Северна Македонија во НАТО. Алијанса за Албанците со иста динамика и сериозност ќе даде политички и програмски придонес за забрзување на процесот за членство во ЕУ заедно со предизвиците на уставните измени кои се предуслов и примарна цел на членството на земјата во ЕУ“, потенцираат од партијата.
Македонија
(Видео) Приведени 18 навивачи по инцидентите на натпреварот Вардар-Пелистер во Аеродром

Полицијата приведе 18 навивачи по инцидентите во салата „Јане Сандански“ каде имаше дерби во Првата македонска ракометна лига меѓу Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер. По фрлањето на предмети на теренот, а потоа и судир меѓу групите, известен е и јавен обвинител.
„Известен е јавен обвинител и се преземаат дополнителни мерки и активности за расчистување на случајот по закон за спречување насилство на спортски натпревари“, велат од МВР за „Макфакс“.
По натпреварот, битолската навивачка група Чкембари, со шест автобуси и едно комбе заминаа од салата „Јане Сандански“. Вардар го совлада Пелистер. Долж булеварот беа распоредени униформирани полицајци и специјалци.
Натпреварот беше прекинат во 17-тата минута при резултат од 6-6, откако гостински навивачи при влегување во салата „Јане Сандански“ почнаа да фрлаат кон домашните навивачи со пиротехнички средства, на што возвратија навивачите на Вардар, кои влегоа на теренот фрлајќи со шишиња и тврди предмети.
Во рамките од петтото коло во ракометната Суперлига, Вардар на домашен терен во Скопје со 31:24 (13:10) славеше победа откако го победи Пелистер.
Македонија
(Видео) „Левица“: Природна и социјална катастрофа – Експлоатација на песок на реката Пчиња

Жителите на селата долж текот на реката Пчиња цела деценија се соочуваат со еколошка катастрофа. Како и на повеќето реки низ Република Македонија, така и овде бизнис интересите задираат во квалитетот на животот на жителите и условите кои го одредуваат, соопштија од „Левица“.
„ Речните корита во минатото, пред да почне расчеречувањето кое го предводат СДСМ-ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, им служеле на селаните кои живееле околу нив. Поради негувањето на односот помеѓу човекот и природата, изобилното плодно земјиште било организирано во задруги и им користело како на жителите така и на државата. Сега, кога богатењето на поединци е далеку поважно од добробитта на луѓето и зачувувањето на државните ресурси, правилата на игра се различни.
Партиите на милионерите кои владеат изминатите децении, го впрегнаа државниот апарат директно на штета на чесниот народ. Така, коритата на реките на чии пространства се наоѓаат селата, нивите и пасиштата кои се во сопственост на АД Водостопанство, свирепо и систематски се уништуваат.
И во случај на селата Горно, Средно и Долно Коњари, под превезот на уредување на речните корита се врши предаторска експлоатација на песок која ја уништува плодната почва и ги контаминира подземните води кои селаните ги користат за пиење“ додаваат од партијата.
На средба со селаните од овие села разговараа пратеникот Борислав Крмов, членот на Президиумот Реџеп Исмаил и портпаролот Амар Мециновиќ, на кои им беа посочени сите препреки со кои се имаат соочено во нивната борба. За сите повеќегодишни притисоци кои кулминираат со минатогодишниот протест и блокирањето на патиштата околу селата.
„ Просторот помеѓу селата е потполно уништен а самото корито е поместено од прекумерното ископување. Живиот свет во реката е речиси пред исчезнување.
„Левица“ е секогаш на страната на селаните, работниците и обесправените, и во отсуство на слух од централната власт, како и од градоначалниците на општините во ова подрачје, се залагаме за крајно решение, реставрација и одговорност за стореното“ велат од „Левица“.