Македонија
Силјановска Давкова: Власта никој не ја овластил да менува Устав, за тоа треба да се праша народот
Денес во Кочани во рамки на акцијата „Важно е! Од тебе зависат промените“ се одржа дебата насловена „И Европа и Македонија, интеграција и идентитет“, на која Гордана Силјановска Давкова, универзитетска професорка и пратеник во македонското собрание, истакна дека македонскиот Устав за 30 години има 36 амандмани, а сега власта предлага уште три.
Според неа, најголемиот број на измените на македонскиот Устав не дошле од граѓаните, туку однадвор, а тоа во науката се вели како наметнато.
„И повторно на дневен ред се такви амандмани. Немало во историјата Устав кој што уште само што бил донесен, нашиот Устав уште во 1992 година замислете ја доживеа првата измена и тоа повторно на барање однадвор. Што беше образложението? Дека ако напишеме во Уставот дека немаме територијални претензии кон соседите дека нема да имаме проблем и тоа го побара Бадентеровата комисија“, потсети таа.
Пратеничката посочи дека по амандманот во 1992 година, започнаа промените, за знаме, за Рамковниот договор, за Преспанскиот договор.
„Овие конфузни луѓе кои себеси си противречат ден за ден, не може да бидат државници. И тие не знаат што е национален интерес. А, Уставот ги изразува и ги штити националните интереси“, рече таа.
„Можеме да влеземе во Европа со она различното што го имаме за да и го дадеме. Бидејќи ЕУ е единство на различности“, порача пратеничката.
Нагласи дека власта никој не ја овластил да менува Устав, а за тоа треба да се праша народот.
„Не може вие да правите пазар без мандат, без легитимитет, со нешто што припаѓа само и само на народот. А, тоа го прават овие луѓе од власта“, истакна Силјановска Давкова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Комунална хигиена-Скопје: Најголемо количество непрописно одложен отпад во февруари, 600 кубни метри, е подигнато во општината Центар
Во текот на месецот февруари 2026 година, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа приближно 11 000 тони мешан комунален отпад од домаќинствата на територијата на градот Скопје, извести ЈП Комунална хигиена-Скопје.
„Отстранети се и 2505 кубни метри отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини, а најголемо количество непрописно одложен отпад – 600 кубни метри – е подигнато во општината Центар.

Еко-патролата при ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на месец февруари изготви вкупно 100 записници за претставници на стопанските субјекти и физички лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпадот. Записниците за прекршителите на Законот за јавна чистота беа врачени во следните општини:
1. Општина Чаир – 54 записници
2. Општина Карпош – 18 записници
3. Општина Аеродром – 11 записници
4. Општина Центар – 9 записници
4. Општина Ѓорче Петров – 6 записници
5. Општина Гази Баба – 2 записника
ЈП Комунална хигиена-Скопје продолжува со реализација на еко-предавања и работилници во скопските основни училишта и предучилишни установи. Преку еко-едукацијата најмладите жители на нашиот град се запознаваат со активностите на Претпријатието, се едуцираат како правилно и совесно да постапуваат со својот комунален отпад, на кој начин се врши примарната селекција на отпадот и како се одвива процесот на рециклирање.

Во текот на минатиот месец, 253 ученици и 64 дечиња од основните училишта и градинките во општините Аеродром, Центар и Чаир имаа можност да ги проследат едукативните предавања за правилно постапување со отпадот и заштита на животната средина. Предавањата се одвиваа на македонски, албански и турски јазик“, соопшти ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Македонија
Посебен режим на сообраќај денеска во Скопје
Денеска, во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Н.Е. Марк Руте.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.
Македонија
Без вода делови од Центар и Сарај
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· Поради дефект на водоводна цевка со пречник од Ф-2 цол на улицата Св. Кирил и Методија 38 (на паркингот кај Трготекстил), 09:00 часот до санирање на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Св. Кирил и Методија, општина Центар;
· Поради чистење и дезинфекција на двете комори во резервоарот за питка вода во село Бојане, во наредните 4 дена (03.03 до 06.03.2026 година) помеѓу 08:00 и 13:00 часот, можно е да има намален притисок и краткотрајни прекини на водоснабдувањето во село Бојане, општина Сарај.

