Македонија
(Видео) Симовски: Нема попис во април, ќе се пролонгира
Април е непогоден термин за пописот и треба да се пролонгира, вели Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика, откако доцна синоќа беше постигнат договор за предвремени парламентарни избори на 12 април. Во статистика велат дека се затекнати од решението за избори во април и најавуваат дека новиот датум за попис треба да го одредат Парламентот и Владата, што поскоро.
„Оваа гломазна, тешка операција и организација е невозможно да се спроведе пред изборите. Кога ќе биде новиот термин за пописот, е одлука што не ја носиме ние туку Парламентот, а претходно и Владата со оглед на тоа што предлагач на законот за попис е Министерството за правда“, рече директорот Симовски и нагласи дека тие можат само да посочат дека март или октомври се најповолни за попис оти подвижноста на луѓето е помала.
Тој објасни дека законот за попис сè уште не е донесен па предложениот датум од 1 до 21 април 2021 година не е дефинитивен. Го одбрале овој датум бидејќи бил меѓу два изборни циклуси, а одобрување за датумот добиле и од „Еуростат“.
Усвојувањето на законот за попис Симовски вели дека се развлекува со месеци и покрај тоа што прифатиле голем дел од барањата на опозицијата.
„Опозицијата имаше 23 барања, од кои најголемиот дел не се прифатени, но оние што беа издржани ги прифативме. Не е прифатено барањето државна пописна комисија да го спроведе пописот место Државниот завод за статистика, барањето методологијата да ја носи друг, надвор од Заводот и слични барања кои немаат допирни точки со стандарди“, рече Симовски.
За можно пролонгирање на пописот за 2021 година Симовски рече дека и самите би ја избрале за пописна година 2021, но доколку бил успешен пописот од 2011 година. Бидејќи не успеал тој попис во настојувањата што поскоро да се направи пребројувањето, а да не се поклопи со избори, бил избран април 2020 година, терминот кој сега треба да се пролонгира.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

