Македонија
„Системот е следен“ – протест во Скопје за сите трагедии кои ја потресоа целата држава

Во Скопје попладнево се одржа протест на иницијативата „Кој е следен“, на кој се бараше правда за жртвите во досегашните трагедии, а беа прочитани и имињата на 61 жртва од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, 14-те жртви во пожарот во модуларната болница, 45-те жртви од сообраќајната несреќа на автобусот на „Беса транс“, на 16-те жртви во превртениот автобус на „Дурмо турс“ кај Ласкарци, 22-те жртви од поплавата во Стајковци на 6 август 2016, како и на загинатите кои беа прегазени од автомобили на улиците.
„Денеска сме на улица да се избориме против системот кој не’ тера да ги заборавиме сите овие трагедии. Исто така протестираме за сите барања кои се изнесени во јавноста досега и властите се запознаени. Но, повеќе се вртат муабети кои сме ние, наместо да се обрати внимание на она што ние го бараме“, рече Анастасија Митревска од „Кој е следен“ на почетокот на протестот.
Протестот почна пред Владата, а потоа продолжи кон Собранието. На крајот, пред Основниот кривичен суд во Скопје дел од претставниците на „Кој е следен“ имаа свои обраќања изјавија дека не се нечии платеници туку се економисти, правници, ИТ инженери, психолози, доктори, учители, урбанисти кои немаат партиски штаб.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Наместо куќен притвор, мерки на претпазливост за двајца поранешни инспектори на ДПИ, иста мерка и за лице од дискотеката

Основното јавно обвинителство Кочани, постапувајќи во предметот во врска со пожарот во кабаре клуб “Пулс”, до Основниот суд во Кочани достави предлог за замена на претходно определената мерка куќен притвор во мерки на претпазливост за двајца осомничени во својство поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат.
Замената на мерките, како што е појасенто во информацијата е побарана врз основа на проценка на законските основи за обезбедување и фазата на проверки во однос на оваа институција.
Освен ова, како што додаваат надлежните, за првпат по настанот побарани се мерки за претпазливост за уште едно лице од првата група осомничени, кое до сега беше на лекување.
Станува збор за лице од дискотеката, а мерките се предложени во согласност со неговата моментална здравствена состојба и потребата од натамошно лекување.
Македонија
Културата остана без плата – министерката на олигархијата чека насоки од „горе“, велат од партијата Левица

Над 3000 вработени во културата се оставени без мартовска плата во пресрет на Велигден. Додека Министерство за култура се однесува како Министерство без ресор и без министер, а Министерството на олигархијата чека насоки од „горе“, историјата на вработените веќе четврта година се повторува еднаш како комедија, еднаш како фарса, а во моментов како трагедија, велат од партијата Левица.
„Изживувањето кое се врши врз културните работници, особено по закажаните протести кои Синдикатот на култура ги замрзна заради дописот од Министерство за култура и изживувањето што се врши врз културата како целост, којашто е лик на една нација, всушност е показател на лицемерниот и ноншалантен однос на власта и нејзините загари кон репрезентот на еден народ и држава“.
Левица апелира до сите чинители и одговорни министерства да си ги исполнат законските обврски и да не оставаат повеќе од 3000 вработени во културата на празна празнична трпеза.
Македонија
Поради Велигден, утре посебен сообраќаен режим во Скопје

По повод верскиот празник „Воскресение Христово-Велигден” утре (19.04.2025), Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај на одредени сообраќајници во централното градско подрачје на град Скопје, како и во општините Ѓорче Петров и Аеродром.
Имено, утре во периодот од 18.00 часот па до завршувањето на настанот по повод верскиот и државен празник „Воскресение Христово-Велигден”, во центарот на град Скопје по потреба, за сообраќај ќе бидат затворени:
– бул.„Партизански Одреди” од крстосница со ул.„Франклин Рузвелт” до крстосница со бул.„ВМРО”,
– бул.„Св.Климент Охридски” од крстосница со бул.„Илинден” до крстосница со ул.„Димитрие Чуповски”,
– ул.„Митрополит Теодосиј Гологанов“ од крстосница со ул.„9-ти Мај” до кружна крстосница со ул.„Св. Кирил и Методиј”.
На автобусите кои што минуваат преку мостот „Гоце Делчев” по потреба ќе им се менува трасата на движење при што истите ќе се движат по бул.„Илинден” и преку ул.„Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на бул.„Партизански Одреди”, додека автобусите кои што минуваат преку центарот на градот ќе се движат по ул.„М.Т.Гологанов” па преку ул.„Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на бул.„Партизански Одреди”. И во спротивна насока автобусите ќе ги користат истите сообраќајници.
Во општина Ѓорче Петров по потреба за сообраќај ќе се затвори ул.„Македонска Војска“ пред црквата „Свети Петар и Павле“ на потегот од крстосница со бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“.
Во општина Аеродром по потреба за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон с. Лисиче.
По потреба за сообраќај ќе бидат затворени и други сообраќајници кои гравитираат околу верските објекти.
Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.