Македонија
Системот „Мое осигурување“ се врати, исплата на плати и боледувања нема

Системот „Мое осигурување“ на Фондот за здравство е вратен во функција по двонеделниот сајбер-напад поради кој податоците не беа достапни. Лекарите утрово велат дека веќе може да го користат.
„Утрово пред осум часот се обидов и успеав да го отворам. Податоците беа достапни, но набргу пак станаа недостапни. Имаше такви падови, но сега веќе се надминати и ‘Мое осигурување’ се отвора без проблем“ , вели лекар од Скопје.
Од Фондот очекуваат системот „Мое осигурување“ целосно да биде ставен во функција до крајот на денот. Исплата на плати и боледувања нема оти на враќање на тој системот сè уште се работи.
„ФЗОРСМ активно работи и на системот за исплата на плати, породилни боледувања и други рефундации. Очекуваме во текот на денешниот ден враќање и на другите системи“, велат од Фондот.
Во петокот Фондот за здравство им даде рок до денес на сите јавни здравствени институции да достават документи за исплата на плати за да може во текот на оваа недела да ги исплатат платите за јануари.
И здравствените работници му дадоа рок на Фондот до денес да ги исплати платите што законски треба да бидат исплатени до 15 во месецот. Некои од вработените во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје за денес најавија мирен протест во дворот на болницата поради доцнењето на платите, а в среда, без разлика дали ќе им бидат исплатени платите дотогаш, на протест ќе излезат и здравствените работници од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја делови од Кисела Вода и Карпош

Без струја денеска ќе бидат делови од општините Кисела Вода и Карпош, информира Центарот за управување со кризи.
„Од ЕВН Македонија АД известуваат дека на ден 06.08.2025 година ( среда ) без електрична енергија ќе останат:
· од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од ул. Таки Хрисик, ул. Тони Богдановски, ул. Борис Трајковски крак 7 и ул. Андреј Богдановски. (Општина Кисела Вода)
· од 09.00 до 12.30 часот, дел од корисниците од ул. Франце Прешерен. (Општина Карпош)“, информира ЦУК.
Македонија
Сончево време, попладне со локален пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне, претежно во северните делови ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18, а максималната ќе достигне од 27 до 35 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе има услови за краткотраен пороен дожд и грмежи. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 33 степени.
Следува период на стабилно и топло време со пораст на дневната температура.
Македонија
На Богородица и Табановце се чека по 10-тина минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, информира АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила, нa ГП Богородица и ГП Табановце времето на чекање е 10-ина минути, на останатите граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.