Македонија
(Видео) Медицинската сестра што беше фатена при кражба од 28 февруари нема стапнато на Клиниката, вели директорката на Онкологија

Директорката на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Виолета Клисаровска, вели дека како организациски тим тие се целосно им достапни на надлежните и на истражните органи со цел за брзо откривање на виновниците во однос на случајот на Онкологија. Таа апелира надлежните институции да донесат одлука и ако има виновници, да ги именуваат.
„За нашата клиника, ова е од непроценлива, огромна важност. За да се отфрли т.н. колективна вина, која сега се надвиснува над целата наша институција, односно над целиот медицински тим, што ја руши довербата пациент – лекар, што директно се одразува врз здравјето на граѓаните. Стручниот колегиум на клиниката најостро осудува секое несовесно и нестручно работење со молба и апел кон сите надлежните и медиумите да не се генерализира проблемот“, порача Клисаровска.
„Од дното на душата сакам да се открие, вината да добие име и презиме и пациентите да ја вратат довербата“, рече таа.
Таа тврди дека откога е на функција, периодот од ноември 2022 година, дека секој пациент ја добивал препишаната терапија во согласност со индикацијата, дозата, типот на лекот според она што неговиот соодветен лекар тоа ќе го поставел и без никаква манипулација со лековите.
„Имавме информации и сомнежи за манипулации со лекови. Кога јас станав директорка на Клиниката на онкологија и радиотерапија, подигната е безбедноста на патеката на лековите, од влезот на Клиниката до пациентот. Медицинската сестра од Клиниката за онкологија и радиотерапија, која на 28 февруари беше фатена при повторна кражба на лекови, доби отказно решение на 23 мај, а од 28 февруари нема стапнато на Клиниката.“, рече Клисаровска.
За случувањата на Онкологија денес зборуваше и премиерот Димитар Ковачевски. Како многумина други политичари изминатово деноноќие, и тој од лично име и од име на Владата даде целосна поддршка на акцијата на Министерството за внатрешни работи и на Обвинителството од кои очекува да ги идентификуваат оние кои правеле криминал на Клиниката и на пациентите им биле давани физиолошки раствори, а скапите лекови против канцерогените заболувања завршувале на црниот пазар.
И министерсот за надворешни работи Оливер Спасовски уверува дека МВР има капацитет да ја води истрагата бескомпромисно и онака како што денес повика премиерот Димитар Ковачевски, „без пардон за никого“.
Поради откриениот криминал на Онкологија, денеска во 18 часот пред Владата е закажан граѓански протест.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.