Македонија
Сиљановска-Давкова го прими министерот за економија на Азербејџан, Џабаров

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска оствари средба со Микаил Џабаров, министер за економија на Азербејџан, на којашто беше потврдена спремноста за продлабочување на соработката во областа на економијата, но и во други сфери, како инфраструктурата и туризмот.
За соговорниците, потпишувањето Декларација за стратешко партнерство и пријателство, е неопходен чекор кон склучувањето договор за стратешка соработка во областа на енергетиката.
На средбата, министерот Џабаров ја информираше претседателката за подготвеноста на Азербејџан да потпише со нас договор за долгорочно снабдување со гас, со којшто азербејџанската национална нафтена компанија SOCAR ќе го зајакне присуството во регионот и уште еднаш ќе го потврди угледот како сигурен и доверлив снабдувач со енергетски ресурси на европскиот пазар.
За претседателката, оваа иницијатива гарантира сигурна енергетска транзиција кон Зелената агенда. Таа очекува приклучување кон ТАП (Трансјадрански гасовод), како потенцијално решение за справување со глобалната енергетска криза.
Со оглед на брзиот инфраструктурен развој на Азербејџан, претседателката изрази став дека азербејџанското искуство и експертиза може да ни помогнат за поефикасна реализација на тековните и идни инфраструктурни проекти.
Министерот Џабаров изрази подготвеност за помош на овој план, укажувајќи на позитивното искуство со неколку земји од регионот.
Соговорниците се согласија околу потребата од визна либерализација како важен и неопходен чекор за меѓусебно зближување.
Обајцата укажаа на потребата од иницирање партнерски проекти во сферата на туризмот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Јавен обвинител бил во „Макпрогрес“ ама увидот не е почнат, пожарот уште тлее

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство од Кочани бил во фабриката „Макпрогрес“ но, како што информира Државното јавно обвинителство, увидот се уште не е почнат бидејќи пожарот не е во целост изгаснат и се уште траат активностите за обезбедување на локацијата.
– Во меѓувреме, јавниот обвинител издава наредби и насоки за други дејствија за целосно испитување на настанот, информираат од Јавното обвинителство.
Пожарот во фабриката за кондиторски производи и вафли избувна вчеравечер околу 18 часот при што беа опожарени магацински и производствени погони. Покрај пожарникарите од Виница, во гаснењето беа вклучени и пожарникари од неколку соседни општини.
Сите се во стабилан здравствена состојба. На осум лица, вработени во фабриката, им била укажана лекарска помош во Клиниката за токсикологија во Скопје. Четворица од пожарникарите кои учествуваа во гаснењето на пожарот, биле примени во Општата болница во Кочани, а една пожарникарка била хоспитализирана во Клиничката болница во Штип.
Македонија
Полициски хеликоптер и два ер трактори се борат со пожарот кај Раштак

Пожар попладнево изби над скопското село Раштак на Скопска Црна Гора. Чадот од пожарот се гледа од поголем дел од Скопје.
Дирекцијата за заштита и спасување информира дека пожарот се гасне и од воздух и дека се вклучени два „ер трактора“ и еден полициски хеликоптер.
– Во гаснењето учествуваат повеќе екипи на БППЗ Скопје, тим на ДЗС, два ер трактора на ДЗС и еден полициски хеликоптер, информира директорот на ДЗС Стојанче Ангелов.
Македонија
Сите хоспитализирани од пожарот во Виница се во стабилна здравствена состојба, соопшти МЗ

Тринаесет лица се хоспитализирани по пожарот што вчера доцна попладне избувна во фабриката за кандирани производи и вафли „Макпрогрес“ во Виница. Сите хоспитализирани се во стабилна здравствена состојба, соопштија попладнево од Министерството за здравство.
Осум лица, вработени во фабриката, биле на Клиниката за токсикологија во Скопје, една пожарникарка била хоспитализирана во Клиничката болница во Штип, а четворица пожарникари во Општата болница во Кочани.
Во гаснење на пожарот во Виница, покрај пожарникари од виничката Територијална противпожарна единица, вчера биле вклучени и пожарни единици од соседните општини.
Според последните информации од Центарот за управување со кризи, до 12 часот денеска, пожарот во фабриката е ставен под контрола.