Македонија
Сиљановска Давкова – Павловски: Максимално да се искористат сите можности за економски развој на земјава
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова остварила средба со Крис Павловски, директор на водечката светска компанија за дигитални платформи Рамбл, кој е во посета на земјата во рамките на конференцијата Македонија 2025.
На средбата, како што соопшти претседателскиот кабинет, Павловски ја претставил работата на Рамбл, компанија која котира на индексот Наздак на берзата во Њујорк, со нејзината етаблирана видео платформа и е во подем во дејноста на развојот на дигиталната инфраструктура и клауд услугите.
Како водечки претприемач со македонско потекло, Павловски изнел мислења за состојбата во дигиталниот сектор, за трендовите и перспективите кои може да се искористат.
Претседателката Сиљановска Давкова го информирала Павловски за нејзината иницијатива за развивање на соработката со македонската дијаспора, со цел максимално да се искористат сите можности за економски развој на земјава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан договор за доградба на основното училиште „Панајот Гиновски” во Бутел 2
Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, денеска потпиша договор со Министерството за образование и наука, за доградба на општинското основно училиште „Панајот Гиновски” во Бутел 2.
„ООУ ‘Панајот Гиновски’ е дел од проектот за унапредување на основното образование (ПЕИП). Договорот предвидува доградба на училиштето на површина од 400 м2 – 4 училници, 2 санитарни јазли, ходник и поврзување со постоечкиот објект. Локалната самоуправа по 56 години изврши реконструкција на фасадата и ќе преземе активности за реконструкција на училишната спортска сала“, вели Костовски.
Тој додава дека реализирањето на проектите во ООУ „Панајот Гиновски” ќе обезбеди услови за транзиција од двосменска во едносменска организација на наставата.
Костовски, исто така, рече дека во населеното место Бутел 2 се гради и нова детска градинка.
Македонија
Меџити: Во Чаир се реализираат конкретни проекти
Нов асфалт, стандардизирани тротоари и јавно осветлување се дел од проектот што се реализира на улицата „Методија Митевски“, информираат од кабинетот на градоначалникот на Чаир, Изет Меџити.
Денес, како што е соопштено, беше извршено асфалтирање на улицата, по претходно уредување и стандардизација на тротоарите. Оваа инвестиција претставува значаен чекор кон подобрување на инфраструктурата и зголемување на безбедноста на пешаците и учесниците во сообраќајот.
Работите ќе продолжат со завршната фаза, која опфаќа поставување на јавно осветлување, со што просторот ќе стане побезбеден и пофункционален за сите жители.
„Во Чаир се реализираат конкретни проекти. Реални инвестиции и стандарди што граѓаните ги заслужуваат. Секоја уредена улица е чекор повеќе кон поразвиена и побезбедна општина,“ истакна градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити.
Во продолжение ќе се работи со ист интензитет и на асфалтирање на другите улици предвидени во рамки на овој проект, соопштија од општина Чаир.
Македонија
(Видео) Јакимовски: Ако победев на изборите немаше да броиме 100 дена, туку завршени проекти
Поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, објави видео на Фејсбук во кое вели дека доколку победел на локалните избори, немало да брои 100 дена, туку завршени проекти.
„Ако победев на локалните избори, денес немаше да броиме 100 дена. Ќе броевме завршени проекти. Градинката „Мајски Цвет“ во Тафталиџе 1 веќе ќе беше вселена. „Пролет“ кај Канела ќе беше во завршна фаза – а децата на 1 мај ќе влегуваа во нов простор, не во ветувања. Спортската сала во ООУ „Димов Хаџи Димов“? На 8 март ќе сечевме лента. Улиците Петар Чаулев, Козле 3, Софиска, Џумајска, Јуриј Гагарин, Загребска, Атинска, Бранислав Нушиќ, Трифун Бузев – ќе беа завршени. Канализациите во Бардовци и на Ловќенска ќе беа решени. Потпорниот ѕид на Загребска ќе беше безбеден, а не тема за оправдувања. Проектите за катни гаражи во Карпош 1 и Карпош 2 ќе беа готови, со распишани тендери“, вели Јакимовски.
Додава дека не е прашањето во деновите, туку прашањето е во посветеноста.
„Кој знае – прави. Кој не знае – брои. А денот се познава по утрото. Како што почнаа овие 100 дена – така ќе изгледаат и следните 1.000“, вели Јакимовски.

