Македонија
Силјановска-Давкова телефонски разговарала со Зеленски: украинскиот народ може и во иднина да смета на македонското сојузништво и пријателство
Претседателката Гордана Сиљановска Давковa денеска оствари телефонски разговор со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
„Во разговорот со украинскиот претседател Зеленски, Сиљановска Давкова ја нагласи нашата цврста и недвосмислена поддршка кон Украина во однос на неиспровоцираната и неоправдана руска воена агресија. Осврнувајќи се на меѓународното право, принципите на Повелбата на ОН и Статутот на Советот на Европа, претседателката рече дека украинскиот народ може и во иднина да смета на македонското сојузништво и пријателство во справувањето со историскиот предизвик со трајни и несогледливи последици.
Двајцата соговорници разменија мислење и за претстојниот Самит чиј домаќин ќе биде Швајцарија, а со цел да создаде рамка поволна за сеопфатен и траен мир во Украина“, соопштија од нејзиниот кабинет.
Претседателот Зеленски во текот на разговорот ја поканил претседателката да ја посети Украина, за што тие, како што е појаснето, дополнително ќе се консултираат на Самитот во Швајцарија.
За време на разговорот биле нагласени одличните билатерални односи меѓу двете земји, карактеризирани со идентични вредности, меѓусебна почит и разбирање, силно потврдени со континуираната соработка во сите области од заеднички интерес.
Сиљановска Давкова и Зеленски ја реафирмирале посветеноста од натамошна заемна поддршка во меѓународната дипломатија, во насока на исполнување на европската аспирација на двете држави.
Телефонскиот разговор со Зеленски, Сиљановска Давковa го оствари од Рим, за време на нејзината посета на Италијанската Република и Светиот Престол по повод манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Украс во Владата ќе биде и портрет од Талат Џафери, техничкиот премиер во заминување
Техничкиот премиер Талат Џафери на Фејсбук објави дека во Владата е истакнат и неговиот портрет како премиер на техничката Влада, која следниот викенд се очекува да биде сменета со новата влада предводена од Христјан Мицкоски.
Портретот на Џафери го насликал уметникот Едмонд Драми.
„Благодарам Едмонд Драми за маестралното сликање на мојот премиерски портрет. Ти посакувам понатамошни успеси во уметничкото патешествие!“, напиша Џафери на Фејсбук.
Македонија
Сончево и топло со температури до 35 степени
Времето ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и југозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 17, а максималната ќе достигне од 27 до 35 степени.
Во Скопје сончево и топло со мала облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од западен правец. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Во првите два дена од следната седмица во попладневните часови ќе има локална појава на пороен дожд и грмежи. Потоа се очекува период на стабилно и топло време со постепен пораст на дневната температура
Македонија
Без вода дел од општина Карпош
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека во недела, на ден 16.06.2024 година, поради дефект на огрлица од ф – 80 мм на ул. Љубица Георгиева бр.3, во периодот од 08.30 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците од ул. Љубица Георгиева. ( општина Карпош )
-поради три улични дефекти од ф – 80 мм ул. Девол – крак 2 и Девол – крак 11, како и ул. 1010 б.б, во периодот од 10.00 часот па се до отстранување на дефектите без вода ќе останат корисниците од ул. Девол, Девол – краци – 2 и 11, ул. 1010, како и дел од корисниците одул. Жданец. ( општина Карпош )