Македонија
Скопскиот Регион со најмногу интервенции, пожарите сѐ уште активни на седум локации

Во изминатите 24 часа во државата се евидентирани вкупно 32 пожара на отворен простор, информираат од Центарот за управување со кризи. Според нивните податоци, седум пожари се сѐ уште активни, еден е локализиран, еден под контрола, а 23 се веќе изгаснати.
Најсериозни пожари се пријавени во општините Прилеп (с. Бешиште), Македонски Брод (меѓу с. Црешнево и Слатин), Чашка (во близина на Солунска Глава), Чучер-Сандево (меѓу с. Блаце и Чучер), Шуто Оризари (депонијата кај хотелот „Њу стар“), Дојран (с. Николич) и Крива Паланка (с. Жидилово). Гори претежно нискостеблеста и мешана шума, а пожари има и на депонии и на карпести терени.
Пожарот на градската депонија во Делчево е локализиран, а пожарот во с. Самаково, Македонски Брод, каде што горел лесно запалив материјал, е ставен под контрола.
На 23 локации во земјата пожарите се изгаснати. Најмногу интервенции имало во Скопскиот Регион – Сарај, Петровец, Аеродром, Ѓорче Петров, Чучер-Сандево и во Центар. Изгаснати се пожари и во Велес, Куманово, Старо Нагоричане, Кратово, Штип, Долнени, Боговиње, Брвеница, Желино, Врапчиште, Битола, Свети Николе и во Прилеп. Гореле ниски вегетации, стрништа, лозја, депонии, како и мешани шуми.
Надлежните апелираат до граѓаните да не палат оган на отворен простор, особено во периоди на високи температури, поради зголемен ризик од пожари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Синоќа повторно предизвикан пожар во „Дрисла“

Синоќа пред 23.00 часот повторно беше предизвикан пожар во депонијата Дрисла, на сосем друго место, подалеку од местото кое беше активно претходните денови, соопшти директорот на ДЗС Стојанче Ангелов.
„На лице место веднаш се упатија скопските пожарникари кои започнаа со гаснење но поради спецификата на пожарот беше потребно истовремено затрупување на опожарената површина поради што се активираа градежни машинити кои веќе беа таму со тоа што брзо пристигнаа нивните возачи“.
Еден час подоцна, појаснува Ангелов, пожарот бил изгаснат и затрупан со што како што нагласува, е спречено ширење на огнот во главнината на депонијата.
Македонија
„Марш за Ангелите” во Кочани и мирен протест во Скопје: шест месеци од трагедијата во дискотеката „Пулс“

Денеска се навршуваат шест месеци од трагедијата во дискотеката „Пулс” во Кочани, во која животот го загубија 62 млади лица. По тој повод, родителите на починатите организираат „Марш за Ангелите”.
Маршот ќе почне во 15:35 часот од „Паркот на Револуцијата“ и ќе се одвива по веќе востановената маршрута – општинска зграда, УЈП, полиција, кочанскиот суд и обвинителство, а ќе заврши повторно во „Паркот на Револуцијата“.
Од иницијативата „Кој е следен“ повикуваат на мирен собир на плоштадот во Скопје. Собирот е најавен за во 20 часот и 16 минути.
„Ова не беше несреќа. Не беше трагедија. Беше масакр. Свирепо убиство од страна на дисфункционалните институции и партискиот картел. Не смееме да отрпнеме. Болката мора да ја почувствуваме сите заедно. Таа болка треба да не разбесни и да не поттикне на акција. Вистинската борба за живот или смрт е токму борбата за Кочани“, велат организаторите.
Семејствата на загинатите преку „Марш на ангелите“ во Кочани секоја сабота веќе шест месеци бараат одговорност и правда за нивните деца, а протести се организираа и во други градови.
Македонија
Изгаснат е тежок пожар пред Пинтија, под контрола се пожарите во „Дрисла“ и Трубарево, активен е пожарот на Кожуф

Рано утрово пред четири часот изби тежок пожар во сервис за возила пред Пинтија (над Стаклара во местото наречено Каменик) во кој имаше повеќе автомобили, уље и други запаливи предмети, информира утрово директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Тој додаде дека БППЗ Скопје веднаш излегле на лице место и со 8 возила после тешка борба со огнот, пожарот бил изгаснат пред 6.00 часот.
Според последните информации од ЦУК до 07:00 часот утрово на територијата на Р.С.Македонија има вкупно 13 пожари на отворен простор, од кои 1 е активен, под контрола се 2 пожари, а изгаснати се 10 пожари.
Активни: 1
1. Општина Гевгелија: Кожуф планина кај с. Петрово (приземен пожар, лисна маса);
ПОД КОНТРОЛА: 2
1. Општина Студеничани: Депонија Дрисла (ѓубре);
2. Општина Гази Баба: с. Трубарево (електричен отпад);
Изгаснати: 10
1. Општина Пробиштип: нас. Калниште – с. Добрево (висока дабова шума и нискостеблеста вегетација);
2. Општина Кочани: м.в. Царев Врв, Осоговски Планини (ниска вегетација и стрништа);
3. Општина Шуто Оризари: ул. Нов Живот (ѓубре);
4. Општина Гази Баба: ул. Перо Наков (ѓубриште);
5. Општина Студеничани: с. Горна Количани (ниска вегетација);
6. Општина Врапчиште: с. Неготино (ниска вегетација);
7. Општина Долнени: с. Лажани (ниска вегетација);
8. Општина Демир Хисар: Грејшки Пат (ниска вегетација);
9. Општина Куманово: градски гробишта (ниска вегетација);
10. Општина Липково: с. Оризаре (стрниште).