Македонија
Скопските градоначалници: Со здружени сили во борбата со нередот и загадувањето
Градоначалникот Петре Шилегов и градоначалниците на 10-те скопски општини денеска потпишаа меморандум за соработка за заедничко вршење на надлежностите во делот на инспекцијата.
„Од денеска за комуналниот ред и животната средина во Скопје повеќе не постојат административни граници и пречки. Инспекторите за животна средина, комуналните инспектори и комуналните редари од Град Скопје заедно со инспекторите и редарите од сите скопски општини од денеска се дел од еден заеднички тим. Ваквиот заеднички тим го формираме заради заштита на животната средина и природата, за преземање мерки за заштита и спречување на загадувањето на водата, воздухот, земјиштето, заштита од бучава и нејонизирачко зрачење утврдени во Законот за локална самоуправа. Нашата заедничка цел е воспоставување ефикасна и независна инспекциска служба, целосно елиминирање на просторот за злоупотреби, со повеќе казни за оние што не го почитуваат законот и повеќе едукација за граѓаните во превентивна насока. Затоа со овој меморандум ги поставуваме основите за заедничко институционално делување во делот на инспекцијата, го прошируваме и надградуваме тимот и го унапредуваме целиот процес пред формирањето на заедничка комунална полиција која во градови со големина на Скопје е повеќе од неопходна“ – рече градоначалникот Шилегов на денешната прес-конференција.
Со воспоставувањето ефикасен систем на контрола врз почитувањето на законите, додаде тој, во овој дел се најавува бескомпромисна борба со сите фактори кои претставуваат закана за средината во која живееме, природниот амбиент, воздухот, водата и почвата кои мора да бидат заштитени заради заштита на здравјето на граѓаните.
„Ова е еден голем чекор напред што го воспоставуваат општините. Сакам да се заблагодарам на сите градоначалници на скопските општини за нивната политичка зрелост да пристапиме кон еден ваков чин. Нашите планови за во иднина се да најдеме начин да ја прошириме оваа соработка не само на регионално ниво, туку да формираме заеднички тимови и со државните инспекторати за делување во повеќе области. Политичка волја постои, постојат ресурсите, а постојат и желбата и поривот да живееме во чиста и здрава животна срдина. Со тоа ги исполнуваме основните предуслови за заедничко делување. Убеден сум дека за една година ќе можеме повторно да се собереме со конкретни извештаи и со конкретни бројки кои ќе покажат дека сме биле во право кога сме верувале дека може да се делува заеднички и може да се успее“ – нагласи Шилегов.
На денешната прес-конференција присуствуваа и градоначалниците на скопските општини Гази Баба, Бутел, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Карпош, Кисела Вода, Аеродром, Ѓорче Петров и Сарај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

