Македонија
Скопјанка натепана од разбојник во Карпош, ќерката сведочи: Има повреди на окото, вратот и на раката – внимавајте!
Скопјанка сподели фотографии од нападот, кој непознат маж го извршил врз мајка ѝ пред влез на зграда, а снимен од безбедносните камери. Жената имала повреди на окото, вратот и на раката, јавно сведочи Анета Малова. Настанот се случил во Карпош за каде што во изминатиот период беа споделени информации дека крадци пустошат во домовите на жителите. Од МВР велат дека нема 70 кражби и 11 нападнати жени, туку дека шест објекти се ограбени, а три жени нападнати во изминатиот еден и пол месец.
„Видеото нема да го објавам затоа што ми се превртува желудник секојпат кога и да го изгледам. Нападната е пред влезна врата со што ѝ се нанесени повреди на окото, вратот и на раката. Пријавено е, реагирано е со време и тој што ја нападна е веќе приведен и нема место за паника. За среќа, од страна на полицијата се реагира експресно. Но, за жал, тој има направено повеќе штети и се надевам дека соодветно ќе одговара за тоа. Но, сепак, внимавајте, овој е само еден од многуте што се шетаат во Скопје. Жени, мајки, девојки, девојчиња и сите други, внимавајте, Скопје одамна не е безбедно место за живеење! И, да, мажи, не пиштол да купувате, излезете и пречекајте ги вашите блиски доколку мора да се вратат доцна навечер, барем тоа е најмалку што можете да направите за нив. Чувајте се. Мајка ми е добро, но стравот е поголем. Комшии, кога ќе слушнете повик за помош, не игнорирајте“, пишува во јавната објава на скопјанката.
Од МВР посочуваат дека за разбојништво извршено врз жена на дрзок начин е уапсен 39-годишен скопјанец. Во однос на кражбите се обидуваат да ги расчистат и да ги фатат сторителите.
„Во согласност со статистичките податоци, периодот од 1.1.2023 до 14.2.2023 година, на подрачјето на ЕВР Карпош пријавени се 2 (две) тешки кражби во куќи и 4 (четири) тешки кражби во станови за кои се преземаат мерки и активности за нивно расчистување. Во однос на делот од прашањето за наводни напади на 11 жени на подрачјето на ЕВР Карпош, пријавени се 2 (две) тешки кражби на дрзок начин и 1 (едно) кривично дело обид за разбојништво. Кривичните дела се расчистени и против лицето Д. М. (39) од Скопје е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство“, посочуваат од МВР.
Ова не е првпат преку апели скопјани да се штитат од разбојници и крадци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кадровски промени на Водно, правникот Божинов и новинарот Момировски ќе раководат со претседателскиот кабинет
Претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова за генерален секретар на својот кабинет го именувала Ѓорѓи Божинов, пратник кој работел во Министерството за земјоделство, а за негов заменик новинарот Горан Момировски.
Од функциите се разрешени генералниот секретар Миле Бошњаковски и неговите заменици Билјана Радева и Тоше Зафиров, кои беа ангажирани во мандатот на доскорешниот претседател Стево Пендаровски.
Генералниот секретар Ѓорги Божинов е дипломиран правник со речиси тридецениско работно искуство во областа на правото во земјоделскиот сектор, законодавната и институционалната рамка, процесите на јавни набавки, корпоративно советување, програмите за финансиска поддршка, државна помош, како и примена и хармонизација на легислативата на Европската Унија во овие области.
Претходно, Божинов својата кариера во областа на правото ја остварува на раководни административни позиции во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Македонија
Вработена во МВР наплатувала по 15.000 евра за лажно посредување за социјален стан
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 41-годишна вработена како аналитичар во СВР Скопје која е осомничена за продолжено кривично дело измама според член 247 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Од април 2023, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, осомничената довела во заблуда три лица, на кои лажно им се претставила како началник во полициска станица Гази Баба и член на Комисија за доделување социјални станови.
На трите оштетени невработени лица им ветувала дека ќе им посредува да добијат социјални станови во Лисиче по цена пониска од реалната, наведувајќи ги да и исплатат по 12.000 евра за стан и 3.000 евра за посредување и изготвување документација.
Парите и ги давале во повеќе наврати, а при последната исплата на 12.500 евра, во близина на полициската станица, била затекната веднаш по предавањето на парите.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрана за напуштање живеалиште, обврска повремено да се јавува кај службено лице во судот и одземање на патната исправа.
Македонија
Отфрлени се тужбите на „Европскиот фронт“ од Уставниот суд, ќе има прегласување
До доцна во ноќта Уставниот суд расправаше по тужбите на одлуките на Државната изборна комисија – ДИК за неколку избирачки места поднесени од коалицијата „Европски фронт“. Од судот соопштија за шест одлуки според кои тужбите се отфрлени како неосновани, а тоа значи, согласно одлуките на ДИК, дека ќе има прегласување на конкретни избирачки места.
„Европскиот фронт“ имаше поднесено седум тужби на одлуките на ДИК, а Управниот суд беше ограничен со роковите за нивно решавање.
Со одлуките на Управниот суд се потврдуваат решенијата на ДИК за прегласување во шест избирачки места во петтата изборна единица и едно во шестата изборна единица.
Според Изборниот законик, доколку одлуката за прегласување на едно избирачко место може да влијае на конечните резулатите од изборите, ДИК ќе организира повторно гласање 14 дена од одржувањето на изборите, односно на 22 мај.