Македонија
Скопје доби „мерцедес“ екоавтобус

Градоначалникот Петре Шилегов и Михаило Зографски, директор за продажба на комерцијални возила на „Мак аутостар“ потпишаа договор за пробно користење автобус „мерцедес“ на гас во градскиот превоз. Потпишувањето беше во просториите на изложбено-продажниот салон на „Мак аутостар“ каде што присуствуваа и директорот на ЈСП „Скопје“, Кристијан Чушков, и претставникот на „Мерцедес“ од Германија, Дарко Цвијановиќ.
„Скопје заслужува автобуски превоз кој нема да загадува, ќе биде енергетски ефикасен и кој во целост ќе излезе во пресрет на потребите на граѓаните коишто го користат. За таа цел потпишавме договор со ‘Мак аутостар’ за пробно користење автобус на гас од производителот ‘Мерцедес бенз’ за период од два месеца. Автобусот е направен по последните технолошки трендови во оваа индустрија. Станува збор за енергетски ефикасен автобус, наменет исклучиво за јавен превоз, со намалена потрошувачка на гас“, истакна Шилегов.
Споредено со потрошувачката на старите дизел автобуси, овој автобус ќе троши речиси 50% помалку гориво, што дополнително ќе ги намали трошоците на ЈСП. А најголема предност на овој автобус е тоа што емитува значително помалку ЦО2 и речиси воопшто не го загадува воздухот.
„Минатиот месец потпишавме договор за пробно користење електричен автобус за период од шест месеци, наменет за линија 15, а овој автобусот наредниве 2 месеца ќе сообраќа на линија број 5. Ова се одлични можности кои ќе нè збогатат со нови искуства за градот, што понатаму ќе можеме да ги користиме во планирање на модернизацијата на јавниот градски превоз. Наша заложба е креирање јавен транспорт кој е економски ефикасен и не го загадува воздухот“, рече Шилегов. Тој нагласи дека решавањето на деценискиот проблем со јавниот превоз во Скопје е дел од листата на приоритети на Градот и дека годинава од буџетот на Градот се предвидени субвенции за набавка на екоавтобуси во висина од 100 милиони денари за ЈСП и 20 милиони за приватните превозници.
Новиот пробен автобус „мерцедес бенз цитаро ЦНГ“ испушта помалку издувни гасови од еуро 6 моторите и со тоа загадувањето е сведено на минимум. Овој автобусот има систем за автоматско „клекнување” на возилото на автобуски постојки, сензори за светло и за дожд, приклучоци за полнење мобилни телефони, како и видеокамери за да се следи делот кај возачот и делот за евиденција на билетите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Уште еден вознемирувачки напад врз бугарски државјанин во Северна Македонија!“, напиша Ковачев

„Сериозно сум загрижен од она што се случи денес со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска – бугарска државјанка. Ги повикувам Министерството за надворешни работи и бугарската амбасада во Скопјe веднаш да ѝ обезбедат правна, конзуларна и морална заштита“, напиша бугарскиот европратеник Андреј Ковачев на социјалните мрежи.
„Ова е уште еден случај на насилство, малтретирање и јавно линчување врз бугарски државјани кои држат високи јавни функции и стекнале бугарско државјанство врз основа на докажано бугарско потекло – само затоа што се осмелиле да се изјаснат како Бугари.
За жал, притисокот е толку силен што нашите сонародници се принудени да го кријат или негираат својот бугарски идентитет. Сличен случај неодамна беше со министерката за енергетика Сања Божиновска, со неколку пратеници од владејачката ДПМНЕ, како и со луѓе од најблискиот семеен круг на сегашниот, минатиот и претходните премиери на земјата.
Бугарската држава има должност кон своите над 216.000 бугарски државјани во Република Северна Македонија, кои станале такви по своја слободна волја, го докажале своето бугарско потекло со документи и со свој потпис изјавиле дека сега се чувствуваат како етнички Бугари. Бугарија е должна да ги заштити нивните права, безбедност и човеково достоинство“, додаде Ковачев.
Македонија
„Ќе глумиме дека не сме виделе?! Ќе чекаме некој да биде убиен за да се освестиме?!“, праша Јакимовски

Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски се огласи на социјалните мрежи, по нападот врз градоначалничката Данела Арсовска.
„Она што ѝ се случи денес на Данела Арсовска не е „инцидент“. Тоа е директен напад врз институцијата, врз една жена, врз јавниот поредок.
Со клоци, со пцуење, со закани за силување и убиство на нејзиното семејство.
И што? Ќе викаме „демократија“?! Ќе глумиме дека не сме виделе?! Ќе чекаме некој да биде убиен за да се освестиме?!“, праша Јакимовски.
Македонија
(Видео) Арсовска објави снимка од нападот: Јас го напаѓам него или тој мене?

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска објави снимка од денешниот напад врз неа, на социјалните мрежи.
Во објавата на социјалните мрежи, Арсовска прашува дали таа напаѓа или е нападната и се брани.