Македонија
Скопје е меѓу европските градови со најнезадоволни жители од јавниот превоз
Скопјани се меѓу најнезадоволните жители на европските градови кога станува збор за јавниот превоз.
Седум од 10 жители во Европа, генерално, се задоволни од јавниот превоз во нивниот град, се вели во извештајот на Европската комисија што го објави „Евроњуз“.
Извештајот на ниво на европските градови покажува дека само 47 отсто од жителите на Скопје се задоволни од јавниот превоз во градот.
Помало е задоволството во Никозија, Белград, Подгорица, Тирана и во Рим.
Најмногу граѓани изразиле задоволство од јавниот превоз во европските метрополи Виена, Хелсинки, Осло, Прага и Луксембург.
„Кога се споредуваат факторите, како што се цената, безбедноста, колку често сообраќаат и колку се држат до распоредот, постои географски тренд, каде што градовите од северна и западна Европа чувствуваат поголемо задоволство од јавниот превоз, а градовите од јужна и источна Европа покажуваат пониски стапки на задоволство.
Оваа разлика е уште поголема меѓу градовите што не главни, со стапки што варираат од 22 отсто во италијанскиот Палермо до 95 отсто во швајцарскиот Цирих.
Кога станува збор за чувството на сигурност во јавниот превоз, скопјани се трети на листата од назад.
Зад Скопје по ова прашање се само Тирана и Рим, каде што жителите се изјасниле дека имаат најниско ниво на сигурност во превозот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР за уапсените за тероризам: Планирале напади врз јавни објекти во Македонија
Четворица терористи, со идеологија на ИСИС беа уапсени во Македонија, а од МВР информираа дека планирале напади.
За првопријавениот постојат сомневања дека создал терористичка ќелија во која што со активно учество делувале останатите три кривично пријавени лица.
„Намерата на членовите на терористичката ќелија била извршување на терористички акт на цивилни или така наречени меки цели односно јавни објекти на територија на Република Северна Македонија со намера да се создаде чувство на несигурност или страв кај граѓаните“, велат од МВР.
Ќелијата делувала од позиција на идеолошка матрица на познатата терористичка организација ИСИС, а за остварување на намерата првопријавениот формирал повеќе групи на социјалната мрежа Телеграм, во кои што споделувал претходно набавен и преведен пропаганден материјал на ИСИС и регрутирал нови членови, се обидел да набави огнено оружје, а набавил и упатства за изработка на импровизирани експлозивни направи кои што потоа ќе ги искористат за извршување на терористички напади.
Останатите членови биле дел од телеграм групите, каде што се споделувале преведени материјали кои претходно биле преземени од официјални медиуми користени од терористичка организација ИСИС.
Претходно Обвинителството соопшти дека акцијата се одвивала на пет локации во Скопје и Гостивар. Биле извршени претреси на дом и други простории при што се пронајдени и одземени автоматска пушка, пиштол, пропаганден материјал, телефонски апарати, компјутерска опрема и други предмети што ќе бидат предмет на понатамошни форензички вештачења. На осомничените им е определен 30-дневен притвор.
Во декември беше спроведена акција којашто, истотака, се однесуваше на разбивање на ќелија на ИСИС која делувала во Гостивар. Првоосомничен беше 21-годишен гостиварец кој ги ширел намерите на групата преку повеќе групи на социјалната мрежа Телеграм, каде што споделувал и пропаганден материјал на терористичката организација „Исламска држава“ чија идеолошка матрица, според Обвинителството, била во основите на групата.
Македонија
(Видео) Лефков: Мафијата на смртта поддржана од Филипче за три години земала 35 милиони евра тендери само од Онкологија
Мафијата на смртта поддржана од Филипче за 3 години земала 35 милиони евра тендери само од Онкологија. Деновиве сме сведоци на вештачки искреирана криза на Онкологија токму од главното протеже на таа мафија, кој е во блиски релации со Венко Филипче, истакнува Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Имено веледрогеријата Др. Пановски, е сопственост на таткото на Ирина Пановска, која Венко Филипче ја постави за директорка на Клиниката за Хематологија од 2022 година до сега земала неверојатни 35 милиони евра тендери само од Клиниката за онкологија и радиотерапија.
Годишно во просек оваа веледрогерија блиска до Венко Филипче од Онкологија земала над 12 милиони евра тендери.
Онкологија и државата се заложници на оваа веледрогерија со огромни профити, која креира вештачки кризи секоја година“, додава Лефков.
Бара Венко Филипче јавно да излезе и да каже дали ја поддржува оваа веледрогерија во кризата која ја прави и дали тој стои зад истата.
Го повикува ЈО веднаш да постапи и отвори случај, а истовремено да каже до каде е со истрагите од случајот „Диво месо“.
„Ова се трговци со животи и души на луѓе и мора најостро да бидат санкционирани. Не смееме да дозволиме оваа мафија на смртта да печали на грбот на народот, а особено не на болните од рак, кои секоја секунда живот повеќе им ја должат на лекарствата со кои оваа мафија тргува“, подвлекува Лефков.
Македонија
Уште четворица уапсени во Македонија поради тероризам: регрутирале нови членови на ИСИС и ширеле терористичка пропаганда
Уште четири лица се приведени во Македонија, како дел од акцијата што почна во декември, а се оснедуваше на тероризам.
На пет локации во Скопје и Гостивар извршени се претреси на дом и други простории при што се пронајдени и одземени автоматска пушка, пиштол, пропаганден материјал, телефонски апарати, компјутерска опрема и други предмети што ќе бидат предмет на понатамошни форензички вештачења.
„Акцијата е резултат на преземените дејствија на Лабораторијата за дигитална форензика при Основното јавно обвинителсво за гонење на организиран криминал и корупција, каде се откриени повеќе групи на социјалната мрежа Телеграм во кои осомничените споделувале претходно набавен и преведен пропаганден материјал на ИСИС и регрутирале нови членови“, велат од Обвинителството.
Постапувајќи по кривичната пријава надлежниот обвинител донесе наредба за спроведување на истражна постапка против овие лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело „терористичка организација“.
Ценејќи дека се исполнети законските услови, предметниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлози за определување на мерка притвор спрема сите осомничени. Судијата го прифати предлогот и на осомничените им определи мерка притвор во траење од 30 дена.