Македонија
Следи заладување, дожд и силен ветер
Времето утре ќе биде претежно облачно и нестабилно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни, проследени со грмежи и силен ветер. Ќе дува умерен, а вдолж Повардарието и особено во југоисточните делови засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу 8 и 13, дневната ќе достигне од 15 до 21 степен.
Во Скопје претежно облачно со повремени врнежи од дожд, а ќе има и појава на грмежи. Ќе дува умерен, а повремено и засилен јужен ветер. Температурата ќе се движи од 10 до 19 степени.
И во понеделник ќе биде променливо облачно и нестабилно со локални врнежи од дожд, кои на места ќе бидат поројни, проследени со грмежи, силен ветер, а ќе има и услови за појава на град. Во понеделник кон крајот на денот и во вторник, поради спуштање на студена воздушна маса, ќе дува засилен северозападен ветер што ќе предизвика позначително опаѓање на температурите, па во вторник наутро ќе има услови за провејување на слаб снег на повисоките планини. Во среда утрото ќе биде студено, но преку денот ќе преовладува посончево и потопло време.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Таравари поднесе тужба за клевета против Изет Меџити
Претседателот на поделената Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, преку својот адвокат, Aбидин Абдули, вчера поднесе тужба за клевета во Основниот суд Скопје 2 против градоначалникот на Чаир, Изет Меџити.
Тужбата доаѓа по изјавите дадени од Меџити во телевизиска емисија на „Лајм“, каде што тој тврдел дека Таравари за време на својот мандат како министер, издал седум лиценци за фабрики за преработка на канабис.
Според соопштението, пред поднесувањето на тужбата бил даден и законски рок за јавно извинување, кој Меџити не го искористил.
Таравари категорично ги демантираше овие обвинувања, оценувајќи ги како невистинити и клеветнички. Тој претходно најави дека ќе преземе правни чекори доколку не биде упатено јавно извинување за дадените изјави.
Со поднесувањето на тужбата во Основниот суд Скопје 2, случајот сега се очекува да добие институционален тек.
Македонија
Пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, го оштетил буџетот за 1,4 милиони денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари, две други лица и еден правен субјект, за злоупотреби и несовесно работење со што го оштетиле буџетот на општина Кичево за сума од над 1.400.000 денари.
„ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Ф.Д.(52) од кичевското село Србица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, против Б.К.(46) од кичевското село Аранѓел поради постоењер основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“, против Д.С.(41) од кичевското село Длапкин Дол за сторено кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, како и против едно правно лице со седиште во Длапкин Дол“, соопшти МВР.
На 08.01.2025, Ф.Д., во својство на градоначалник на општина Кичево, искористувајќи ја својата службена положба донел план за јавни набавки за 2025 година на општина Кичево спротивно на одредбите од Законот за комунални дејности. Иако, општина Кичево има јавно комунално претпријатие, Ф.Д. сите комунални дејности ги доверил на пријавеното правно лице со седиште во Длапкин Дол со намера да се стекне со поголема имотна корист на штета на буџетот на општина Кичево.
Второпријавениот, одговорно овластено лице за одржување на зелени површини, пропуштил должен надзор и несовесно постапил во вршењето на своите овластувања и должности, додека третопријавениот во својство на управител во правното лице, свесно ги повредил прописите на постапката за јавен повик.
Со тоа, вкупно исплатените парични средства за одржување на зеленилото околу зградата на општината изнесува вкупно 1.457.205 денари на штета на општина Кичево.
Македонија
Меџити го дочека претседателот на Албанија во Чаир
Градоначалникот, Изет Меџити, свечено го пречека во Чаир претседателот на Албанија, Бајрам Бегај кој допатува во тродневна посета на земјата.
Меџити му посака добредојде пред општината, нарекувајќи го брат.
Албанскиот претседател заедно со делегацијата ќе ја посети џамијата „Мустафа Паша“ и Старата скопска чаршија, кадешто ќе има свечен настан.
За утре е превидено, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, да биде домаќинка на Бегај. Албанскиот претседател ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следи тет-а-тет средба на претседателите, а потоа и пленарен состанок на македонската и албанската делегација.
Во рамки на официјалната посета, претседателот на Република Албанија ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Најавена е и посета на Тетово во сабота.
МВР соопшти дека поради посетата во главниот град деновиве ќе има посебен сообраќаен режим.
Сообраќајот пред општината Чаир попладнево беше целосно блокиран. Автобусите сообраќаа по изменета рута, додека пешаците беа пренасочувани од другата страна на булеварот.

