Македонија
Следи промена на времето: Обилни дождови во текот на ноќта и температура до 22 степени

Времето денес ќе биде променливо облачно, во западните делови со повремен локален дожд. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта врнежите ќе се прошират насекаде и на места ќе бидат пообилни. Ќе дува засилен, повремено силен ветер (над 65 км/час) од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 11, а максималната ќе достигне од 18 до 22 степени.
Во Скопје претежно облачно, кон крајот на денот и во текот на ноќта со врнежи од дожд, повремено пообилни. Ќе дува засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 20 степени.
За време на викендот ќе преовладува облачно време со повремени врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат поројни и обилни (над 35 л/м2), особено утре во ноќните часови и в недела претпладне. Утре ќе дува засилен, повремено силен ветер (над 65 км/час) од југоисточен правец. Дневната температура в недела значително ќе опадне. Од понеделник времето ќе биде стабилно со утринска магла по одделни котлини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ троши 100.000 евра за партиска забава во Струмица, а глуми загриженост за граѓаните

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја обвини СДСМ за лицемерие, тврдејќи дека партијата троши огромни суми пари на забави, додека во јавноста глуми загриженост за економската состојба на граѓаните.
„Додека СДСМ оди по маркети и се преправа дека ја интересира како живеат граѓаните, истата таа партија троши околу 100.000 евра за настан кој го нарекуваат манифестација за Денот на жената. Ова е врв на нивното лицемерие“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата прашува кој ги платил трошоците за организацијата на овој настан, вклучително и партискиот марш во Струмица.
„СДСМ да одговори кој ги плаќаше сметките по кафеаните и кафулињата во Струмица? Кој ги покри трошоците за автобусите од Скопје, како и за најмените десетина комбиња?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека додека биле на власт, функционерите на СДСМ „краделе од народните пари“, а сега, според нив, со тие исти пари финансираат партиски забави.
„СДСМ треба да престане да ги лаже граѓаните и да даде конкретни одговори“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Василевска: ДУИ си вработи луѓе кои не одат на работа, а земаат плата, затоа глумат политичка жртва

Негативната селекција и позитивната дискриминација се два главни проблеми со кои македонското општество мора да се справи доколку сака вистински напредок во политичката култура, економскиот развој и стабилноста, истакна пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Иванка Василевска на трибината „Жените во домашната и меѓународната политика“.
„Погледнете овие 20 години – имаме огромна инфлација на незаслужени купени академски дипломи. Треба само да се направи анализа во државната и јавната администрација – колку од овие дипломи завршиле на раководни позиции? Ова ја уништува мотивацијата, но и вредноста на самата диплома, што е јасен пример на негативна селекција“, изјави Василевска.
Во однос на позитивната дискриминација, таа нагласи дека квотите за етничка застапеност не секогаш даваат квалитетен резултат.
„Апсолутно е потребно сите етнички заедници да имаат еднаков пристап до пазарот на трудот, но мора да се воспостави систем во кој критериумите ќе бидат правични и ќе овозможат квалитет, а не вештачки баланс“, додаде таа.
Василевска ја обвини ДУИ за злоупотреба на политичката моќ и создавање на лажни закани.
„ДУИ сега лиферува закани, но тоа е само одраз на нивното владеење. Колку членови на ДУИ се вработени во администрацијата без да се појавуваат на работа? Колку од нив земаат плата од државата, а работат во странство? Ова е класична злоупотреба на моќта за личен интерес“, рече таа.
На крајот, Василевска нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ веќе најавила укинување на балансерот за вработување во јавниот сектор, како и воспоставување праведен систем во кој сите граѓани ќе имаат еднакви можности.
Македонија
(Видео) СДСМ: Народот нема за леб, цените на производите се зголемени, а власта се гости со папаја и октоподи

Членката на Извршниот одбор на СДСМ, Лолита Ристова, на прес-конференција изјави дека партијата спровела контрола на цените низ маркетите и констатирала дека нема намалување, туку напротив, нови поскапувања на основните прехранбени производи.
„Јајцата се повторно покачени и достигнуваат до 140 денари за пакување, јогуртот со 3,2% масленост чини 72 денари, млекото е од 70 до 80 денари, а сирењето се продава од 440 до 650 денари. Кашкавалот стана луксуз за граѓаните, со цена над 600 денари. Поскапени се и шеќерот, грашокот, гравот, леќата – сè што е неопходно за домаќинствата“, изјави Ристова.
Таа оцени дека владините мерки за замрзнување на маржите немаат ефект, а најавените контроли се само „празни ветувања“ на премиерот Христијан Мицкоски.
„Владата не презема ништо за да ги спречи овие поскапувања, но затоа без проблем набавува луксузни намирници за своите функционери. Народот нема за леб, а тие јадат аспарагус, манго, папаја, октоподи, лигни и ракчиња. Апсурдноста е уште поголема ако се знае дека Владата одби предлог за минимална плата од 500 евра, а истовремено троши огромни суми на егзотични производи“, истакна Ристова.
Според неа, оваа ситуација е резултат на „неспособноста и негрижата“ на власта, која наместо да работи за доброто на граѓаните, „одработува за интересите на големите трговци“.