Македонија
Собранието во моментов не може да избере уставни судии, ѝ одговори Џафери на Кацарска
Во моментов Собранието не може да избере уставни судии и да овозможи непречено функционирање на Уставниот суд, одговори кабинетот на претседателот на Собранието, Талат Џафери, по писмото што претходно денеска му го испрати претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска.
Од кабинетот на Џафери велат дека e опструирана работата на Комисијата за избори и именувања.
„Собранието, согласно своите уставни надлежности, е информирано за истекот на мандатот на уставните судии, односно Собранието, по предлог на Комисијата за избори и именувања избира уставни судии од редот на истакнати правници во Република Северна Македонија. Имајќи предвид дека се опструира работата на Комисијата за избори и именувања (преку изигрување на процедура и примена на методи коишто претседателот на Собранието ги има елаборирано пред јавноста), предлозите на членовите на Комисијата не може да добијат зелено светло за истите да бидат разгледани на пленарна седница на Собранието и во моментов Собранието не може да избере уставни судии и да овозможи непречено функционирање на Уставниот суд“, се наведува во писмото на Џафери.
Кацарска претходно изрази загриженост за состојбата со намалениот број на судии и побара Џафери да го заложи својот авторитет и во Собранието да се изберат нови четворица уставни судии во најскоро време. Во писмото, Кацарска наведе дека е отежнато фунционирањето на Уставниот суд поради тоа што во него има само петмина судии, иако Уставот предвидува полниот состав на Судот да биде со девет судии. Претседателката на највисокиот судски орган посочи дека таквата состојба влијае при одлучувањето кога често се случува предлогот да не го добие потребното мнозинство, поради што во моментот за 16 предмети не може да се донесе одлука поради недоволно мнозинство. Пред судот треба да се разгледуваат и предмети кои се од врвен интерес за државата, а за кои е потребно да се одлучува во полн состав со што одлуките би имале поголема тежина, посочи Кацарска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Кузеска: За еден час пред Владата ќе започне протест за поголеми плати, нека се симне Мицкоски, нека ги погледне работниците кои едвај може да си ги прехранат семејствата
„Со владин авион и парите од граѓаните премиерот бил на Јадранско море. На одмор. Ова е срамна слика за една опиена власт од луксуз, приватен бизнис и тендери“, истакна Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Додека, како што вели, граѓаните едвај врзуваат крај со крај, додека владата одбива 600 евра минимална плата и им крати 40 милиони евра на земјоделците, премиерот се луксузира врз грбот на народот.
„Исто како Груевски, тој купуваше очила од 60 илјади евра и луксузен мерцедес а Мицкоски има часовници од 60 илјади евра и сака да се луксузира со авион.
Пола Влада се шетала со владиниот авион. Главна дестинација- Будимпешта, кај нивниот шеф, Груевски. За еден час, овде, пред Владата ќе започне протест на работниците за поголеми плати, за достоинствен живот.
Нека се симне Мицкоски, нека ги погледне работниците кои едвај може да си ги прехранат семејствата и да им одговори: Колку ги чини граѓаните овој луксуз на премиерот со владиниот авион“.
Затоа ли се најавува купување на нов владин авион – за уште повеќе приватни патувања со народни пари, прашува Кузеска.
Македонија
Герасимовски: Јавен повик за Итно копче, брза и иновативна помош за повозрасните жители на Центар
Општина Центар ги повикува сите заинтересирани граѓани да аплицираат за услугата Итно копче, наменета за лица над 65 години, со приоритет за оние кои живеат сами или со брачен другар со нарушена здравствена состојба.
Услугата е наменета за лица со пензија до 35.000 денари и без дијагноза на деменција или Алцхајмерова болест, а може да ја користи само еден член на семејство.

„Со примена на оваа иновативна услуга обезбедуваме брза реакција за повозрасните или изнемоштените лица преку едноставно притискање копче што се наоѓа на уред во форма на алка. Станува збор за технологија која спасува животи и го подобрува квалитетот на живот на повозрасната популација“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Јавниот повик важи од денот на објава до исполнување на капацитетите, при што корисниците ќе се избираат по принципот „прв дојден, прв услужен“.

Документите се доставуваат во Канцеларија на Итно копче, ул. Славе Георгиевски Шнајдер бр.5, секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот.
Македонија
Перински: Поддршка за локалниот потенцијал – Објавен повик за зголемување на регионалната конкурентност
Министерството за локална самоуправа објави Јавен повик за финансирање на предлог-проекти насочени кон намалување на диспаритетите меѓу и во рамките на планските региони и зголемување на регионалната конкурентност за 2026 година, по одделни мерки и активности за поттикнување рамномерен регионален развој.
Целта на повикот е доделување средства на проекти кои ќе придонесат кон намалување на разликите во степенот на развиеност меѓу регионите, јакнење на регионалната конкурентност и поттикнување на локалниот развој преку искористување на сопствените потенцијали.
Како приоритетни за 2026 година се утврдени следните активности и мерки:
– развој на современа и модерна инфраструктура во планските региони;
– препознавање и искористување на конкурентските предности на планските региони;
– подобрување на енергетската ефикасност на јавните објекти и користење обновливи извори на енергија.
Вкупниот износ на средства предвидени за финансирање на проекти изнесува 74.840.000 денари. Овие средства се предвидени во Програмата за намалување на диспаритетите меѓу и во рамките на планските региони и зголемување на регионалната конкурентност за 2026 година.
Право на поднесување предлог-проекти имаат: Центрите за развој на планските региони, општините, општините во градот Скопје, градот Скопје, јавните претпријатија и јавните установи основани од државата, од општините, од општините во градот Скопје и од градот Скопје, високообразовните и научни институции и здруженијата.
Рок за поднесување апликации е во текот на 2026 година, односно до искористување на расположливите средства.
Повикот со условите и критериумите е достапен на веб-страницата на Министерството за локална самоуправа на следниот линк.

