Македонија
Собранието го избра Насер Зибери за народен правобранител
Иако Насер Зибери не успеа да стане првиот премиер Албанец, се избори за функцијата народен правобранител. Го предложи ДУИ, а Собранието го изгласа со 61 глас „за“, без против и воздржани, при што беше запазен принципот на Бадентерово мнозинство. Пратениците од Алијансата за Албанците и од ВМРО-ДПМНЕ не беа присутни во салата и не го поддржаа изборот Зибери да стане бранител на правата на граѓаните пред државните институции.
Зибери во јуни за време на парламентарните избори ДУИ го промовира како кандидат за прв премиер Албанец, но подоцна во преговорите со коалицискиот партнер СДСМ оваа идеја пропадна. Заев и Ахмети се договорија да има само Албанец вицепремиер и оваа функција ДУИ му ја довери на Артан Груби.
На денешната расправа на собраниската седница албанската опозиција остро се противеше на предлогот Зибери да стане омбудсман бидејќи, според нив, зад изборот се крие политички пазар помеѓу коалициските партнери.
„Ако го земеме предвид фактот дека си имаме работа со фигура за која најмалку може да се рече дека не е политичка поради тоа што пред само 6 месеци беше кандидат за премиер на политичка партија, а денеска ни доаѓа како предлог на таа политичка партија во Собранието“, рече Сурија Рашиди, пратеник на Алијансата за Албанците.
И за опозициската ВМРО-ДПМНЕ не беше прифатлива кандидатурата на Зибери. Неговото поврзување со политиките на ДУИ, според нив, фрла сомнеж дека тој ќе биде достоинствен бранител на правата на граѓаните.
„Народен правобранител е аполитична функција од Рим до денес, само кај нас се случуваат вакви преседани. Тука се избираат луѓе со знаење, со професионална кариера, а не бивши политичари, министри, пратеници. Овде се работи за меѓусебен пазар. СДСМ си помислил – да не се обиде ДУИ да го реактивира прашањето за премиер, па ајде да му го дадеме местото народен правобранител“, рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова.
Зибери пред да стане политичар бил новинар. Во 90-тите како кадар на ПДП влегува во политиката и во периодот од 1996 до 1998 станува министер за труд и социјална политика во владата на Бранко Црвенковски. Бил пратеник во два собраниски состава. Повеќе од 10 години не беше активен во политиката и работеше како нотар до минатата година кога ДУИ го номинира за прв премиер Албанец. За време на кампањата тој ветуваше мултиетничка химна, задолжително учење албански јазик, ветинг (проверка) за сите, флексибилно работно време, консензуално одлучување со врзан потпис, 13 август, денот на потпишувањето на Рамковниот договор, да биде државен празник.
Заедно со Зибери на конкурсот што го распиша Собранието се пријавија уште четворица кандидати, при што Ана Чичаковска веднаш ја повлекла кандидатурата. Така, како противкандидати на Зибери останаа Фехим Стафа, Сашко Костов и Светислав Јовановски. Тој доаѓа на предлог на ДУИ, при што на Комисијата за избори и именувања доби поддршка од мнозинството пратеници, а Собранието на денешната седница го верификува неговиот избор.
Функцијата народен правобранител не е пополнета повеќе од еден месец откога Иџет Мемети, по 16 години на оваа функција, замина да биде член на Советот на јавните обвинители.
Според прописите, народниот правобранител се избира за време од осум години, со право на уште еден избор. Народниот правобранител, како што е пропишано со Уставот, ги штити уставните и законските права на граѓаните кога им се повредени од органите на државната управа и од други органи и организации што имаат јавни овластувања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче и Заев сакале да му ја земат болницата на Жан Митрев, Обвинителството да истражи, порача Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, на денешната прес-конференција обвини дека поранешниот министер за здравство Венко Филипче и поранешниот премиер Зоран Заев, од позиција на власт, вршеле притисок врз доктор Жан Митрев со цел да му ја одземат сопствената болница.
Стојаноски се повика на интервју на Митрев во кое докторот раскажа дека Филипче и Заев му се заканувале, а институциите ја блокирале неговата лична сметка, како и сметката на болницата. Дополнително, како што наведе, била изречена и забрана за продажба на болницата, која, според сведоштвото, била укината веднаш штом политичарите изразиле интерес за откуп.
„По само една недела, ЈО му ја отстранило забраната. Како е ова можно?“ – праша Стојаноски.
Тој исто така, повикувајќи се на интервјуто, рече дека Филипче и Заев сакале да ја купат болницата по цена далеку пониска од реалната, нарекувајќи го ова уште еден пример за злоупотреба на моќта во време на здравствена криза.
„Додека луѓе умираа секојдневно од КОВИД, тие се занимавале со сценарија за одземање болници“, изјави Стојаноски.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ го повика Јавното обвинителство да го истражи случајот и неселективно да постапи.
Македонија
Филипче: Мора да има контрола на податоците од „Сејф сити“
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање потенцираше дека СДСМ не е против системот „Сејф сити“ од аспект на безбедноста, туку во сегашното решение постојат други сериозни и суштински прашања кои мора да се прецизираат .
„Еден таков закон кој се однесува на проектот „Сејф сити“ во којшто се регулира еден дел од сообраќајот, со којшто се намалува ризикот од несреќи, сообраќајќи , апсолутно во тој дел го поддржуваме. Меѓутоа, има важни работи за коишто треба да се зборува“, рече Филипче.
Во тој контекст, Филипче укажа дека треба да се има предвид економската состојба и стандардот на граѓаните, но и начинот на кој ќе се располага со податоците од граѓаните.
„Во сегашниот контекст, тоа е економската состојба во државата, стандардот на граѓаните, мора да се зборува за висината на казните. И второ, исто важна работа, што и кој ги контролира огромната количина на податоци коишто системот ‘Safe City’ ги собира“, рече Филипче.
Притоа, Филипче рече дека ВМРО-ДПМНЕ има историја во злоупотреба на податоци и службите за безбедност и затоа е важно да има дискусија во Собранието за овие прашања.
„Станува збор за влада на ВМРО-ДПМНЕ, која има историја на злоупотреба на служби за безбедност, пратење и прислушкување на огромен број на граѓани. Не сме комотни да туку така тој дел помине без дискусија. Се сомневаме дека можат тие податоци да ги злоупотребуваат за нивни тесни, партиски цели. Така што, ќе се дебатира во Собранието за овие две работи“, посочи Филипче.
Македонија
Поради дефект без парно делови од Центар, Аеродром и Кисела Вода
Поради лоцирање на дефект на дистрибутивната мрежа во моментов има прекин во испораката на топлинска енергија кај потрошувачите од Центар, Аеродром, Ново Лисиче, Кисела Вода и Автокоманда, соопшти ЕСМ.
Екипите на ЕСМ Дистрибуција на топлина се на терен со цел точно лоцирање на дефектот и изолирање на истиот, со цел воспоставување на нормална испорака на топлинска енергија.
За дополнителни информации, потрошувачите можат да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви (02) 3076 200 и 075 400 100.

