Македонија
Собранието и Владата разменија искуства како поефикасно да ги поддржат граѓаните при нова криза
Пратеници од различни релевантни комисии, како и собраниска и владина служба, деновиве учествуваат на виртуелна симулација со експерти од Швајцарија и САД, со цел да стекнат знаење што ќе им помогне поефикасно да ги поддржат граѓаните при следната криза. Онлајн настанот насловен „Подготовки за следната криза: Развивање на поефикасен систем за управување со кризи“ е организиран од Националниот демократски институт и е дел од швајцарската „Програма за парламентарна поддршка“. Меѓу учесниците, беа претставници на владини министерства и институции, канцеларијата на претседателот на Републиката, граѓански организации и донаторската заедница во земјата.
„Преку дводневната анализа на постојната состојба и досега уредениот начин на справување со криза, улогата и одговорноста на секоја институција во иднина, а особено надзорната улога на Собранието, како и идентификување на точките за подобрување, верувам дека ќе дојдеме до вредни и сеопфатни одговори со цел подобро справување со евентуални кризи што би можеле да ни се случат во иднина“, истакна претседателот на Собранието, Талат Џафери.
„За сите држави во светот, корона-пандемијата е ситуација без преседан и затоа е неопходно од оваа криза да излеземе со сознанија и искуства што ќе ни помогнат во идните. Од секоја криза, како што е редот, и од оваа треба да извлечеме поуки и да ги преточиме искуствата и знаењата во секогаш подготвен и одржлив систем за управување со кризи и да воспоставиме формални механизми за надзор и контрола во вонредна состојба“ – рече премиерот Зоран Заев.
Во текот на симулацијата, учесниците ги испитаа надзорните функции на Собранието, вклучително неговите клучни одговорности, структури и работни процеси во сите фази на кризата – пред, за време и по неа – и идентификуваа потенцијални области и активности што можат да се подобрат. Тие ги анализираа постојните процеси за кризен менаџмент и ги разјаснија улогите и одговорностите во архитектурата за управување со кризи. Дополнително, учесниците ги оценија барањата на извршната власт од Собранието за подобрување на националниот процес на управување со кризи и идентификуваа начини за подобрување на надзорот на националните процеси за управување со кризи.
„Преку нашите заеднички напори за добро управување, македонските институции треба да спроведат транспарентно и ефикасно донесување одлуки и родово одговорно буџетирање. Има многу лекции што треба да се извлечат од изминатата година и половина, бидејќи земјите ширум светот беа под притисок на социјалните, економските и политичките ефекти на пандемијата. И Швајцарија и Северна Македонија не беа имуни на овие предизвици. Сега, повеќе од кога било, јавните службеници мора да разберат како безбедно да се вклучат во креирање инклузивни политики и надзор за решавање на предизвиците на управување поврзани со кризи. Ние охрабруваме, отворена и искрена размена за да се идентификуваат начините на Собранието и извршната власт да ги зајакнат своите процеси за управување со кризи и позасилена вклученост на граѓанското општество“, изјави швајцарската амбасадорка Сибил Сутер.
Еден од најзначајните заклучоци на овој документ според надлежните, е дека на стратешко ниво треба да се донесе сеопфатна „Стратегија за национална безбедност“ преку транспарентен и партиципативен процес, во согласност со последните измени и дополнувања на Законот за одбрана од февруари 2020 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кога немаат одговор на суштината, преминуваат на лични дискредитации, велат од ЗНАМ за СДСМ
СДСМ повторно се обидува да ја замени политиката со навреди, аргументите со етикети, а вистината со конструкции, реагираат од ЗНАМ откако претходно од СДСМ истакнаа дека Максим Димитриевски е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре.
„Кога немаат одговор на суштината, преминуваат на лични дискредитации. Движењето ЗНАМ за Наша Македонија е дел од оваа власт со достоинство, со принципи, со сопствена идеолошка и програмска матрица и сопствен пат делувајќи исклучиво во насока што ја ветивме пред граѓаните – чесна, одговорна и државничка политика. Кога од СДСМ се осмелуваат да зборуваат за тендери, првично нека се погледнат во огледало.
Години наназад токму тие ја претворија државата во партиска каса, институциите во сервис за свои луѓе, а правдата во селективен инструмент.
Денес, кога институциите почнуваат да функционираат без партиска директива, СДСМ панично бара алиби во измислени конструкции“, додаваат од таму.
Навредите за „кукавичко јајце“, „платеник“, „тендер коалиција“, според нив, се јазик на политичка немоќ.
Тоа, како што истакнуваат, е истиот тој наратив што ги оддалечи од граѓаните, од работниците од реалноста.
„Токму ваквото однесување и делување на СДСМ ја доведе економијата во состојба во која денес мора да се стабилизираат штетите од нивното владеење.
И наместо да понудат визија, тие сеат омраза. Наместо да бараат виновници во сите, освен во себе, нека соберат храброст и нека се соочат со сопствените постапки и грешки. Нека одговорат зошто по години власт зад себе оставија разочарани граѓани, нарушени институции и чувство дека државата служела на малкумина“.
Македонија
Се разработуваат планови за враќање на македонските државјани од Израел преку Египет, се работи на безбедна евакуација од погодените подрачја, соопшти МНР
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека интензивно работи на обезбедување услови за соодветна и безбедна евакуација на македонските државјани од погодените подрачја, вклучително и од Обединетите Арапски Емирати.
Во моментов се разработуваат планови за враќање на македонските државјани од Израел преку Египет, со користење комерцијални летови и, по потреба, владиниот авион. За Обединетите Арапски Емирати и Катар се разгледува можноста за ангажирање комерцијален или чартер-лет, во зависност од безбедносните и логистичките услови.
Во изминатиот период, преку дипломатско-конзуларните претставништва беше асистирано при безбедното извлекување на едно лице од Иран – фудбалер, кој преку Турција се врати во Република Северна Македонија. Дополнително, шест македонски државјани од Израел веќе имаат обезбедено авионски билети од Египет кон Скопје, при што Министерството активно асистираше во нивната координација и заминување.
Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Министерството, во директна комуникација со пријателски земји и партнери, како и преку дипломатско-конзуларните претставништва, ги презема сите неопходни активности за нивно безбедно и навремено враќање во државата.
Македонија
По пад од балкон загина 10-годишно момче во Тетово: родителите дознале од соседите
Денеска (03.03.2026) во 09:25 часот во СВР Тетово било пријавено дека во Клиничка болница Тетово било донесено починато 10-годишно момче од Тетово, информираат за „Макфакс“ од МВР.
Според пријавеното, детето кое било со здравствени проблеми паднало од тераса од станот во кој живеело во Тетово, а родителите за настанот биле известени од сосед, по што го однеле во болница.
Лекар констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција.

