Македонија
Собранието не расправаше за новите мерки, опозицијата побара дополнително време за да ги разгледа
На барање на опозицијата, во Собранието денеска не се расправаше за измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести.
На собранискиот сајт во предлог-дневниот ред за денешната 18. седница како последна точка беше ставен овој закон, но истиот не беше на дневен ред бидејќи од ВМРО-ДПМНЕ побарале да го разгледаат и да дадат свои предлози.
Станува збор за измени и дополнувања во насока на мерките кои претходно беа усвоени на владина седница. За да стапат на сила овие мерки, неопходно е да се направат измени во Законот за заштита на населението од заразни болести.
Пакетот се состои од три мерки: задолжително носење маски на отворено, ограничување на групирањето по 22 часот надвор на максимум четири лица и ограничување на семејните собири, односно едно семејство да смее да прими најмногу четири гости.
На денешната седница пратениците ја изгласаа потребата за носење закон за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по договорот за заем за финансирање на Проектот за модернизација на земјоделството, по скратена постапка. Изгласани беа и одлуките за испраќање двајца припадници на Армијата во меѓународната операција на Организацијата на Обединетите нации „УНИФИЛ“ во Република Либан, како и испраќање на припадник на Армијата за учество во меѓународната операција на Европската Унија „АЛТЕА“, во Босна и Херцеговина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Зелениково и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 10.00 часот, дел од корисниците од улиците Самоилова и Јоаким Крчовски, како и објектот на Музејот на Современа Уметност, општина Центар;
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од селата Зелениково, Ново Село, Страхојадица и Смесница, општина Зелениково;
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците лоцирани околу ул. Австралиска бр. 5 во населба Даме Груев, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Променливо облачно, претпладне со повремен локален дожд
Променливо облачно, претпладне со повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Утре во претпладневните часови ќе има локални врнежи од дожд, кои во текот на денот насекаде ќе престанат. Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен северен ветер. Потоа до крајот на неделата времето ќе биде стабилно и суво со пониска утринска температура.
Македонија
Ѓорѓиевски отпушти 500 вработени
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека се отпуштени 500 вработени од претпријатијата на Скопје затоа што се месеци, дури и години, не оделе на работа.
„500 лица до денес, се отстранети од работа од претпријатијата во градот Скопје. Тоа се лица кои се платени од парите на скопјани, но не оделе на работа со месеци, дури и години“, објави Ѓорѓиевски.
Тој најави дека секој кој чесно си ја работи работата, ќе биде награден, а оној што не работи ќе биде казнет.
„Тука, нема да има толеранција, а ќе има и одговорност! Секој оној што чесно си ја работи својата работа ќе биде награден, а оној што не работи – ќе биде санкциониран. Ред во Скопје, мора да има! Она што е платено со парите на граѓаните јас мора да го заштитам“, напиша Ѓорѓиевски на „Фејсбук“.

