Македонија
Советничка група на ВМРО-ДПМНЕ: За Шилегов, сè е анонимно, дури и садењето трева среде плоштадот

„Анонимноста на Петре Шилегов станува негов заштитен знак. Анонимно се плаќа Дино Мерлин во износ на 100 милиони евра за една вечер, кажува дека анонимни граѓани садат трева среде центарот на плоштадот, анонимно се полнат кантите со отпадоци, само не се анонимни недостигот на резултати и неспособноста да се менаџира со градот.
Петре Шилегов потфрли и не ги реализира клучните ветувања за Скопје – еколошки град.
Топ-5-те работи во екологијата што ги вети не ги реализира. Шилегов вети Скопје – град без смог, а реалноста е дека Скопје е еден од најзагадените градови во светот“, соопшти советничка група на ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, Шилегов вети Скопје за Европска зелена престолнина во 2021 година, а Скопје во реалноста е измачена престолнина со најголемо загадување. И во 2019 беше одложена реализацијата на зелените коридори на Серава и Лепенец, кои Шилегов во континуитет ги ветува уште од 2017 година.
„Шилегов вети град со јавен превоз со електрични автобуси, со постојните дизел-автобуси конвертирани во еколошки автобуси на гас. Најавените екоавтобуси уште во 2018 не допатуваа, ниту во 2019 година, иако беше ветено така. Пропадна и идејата за субвенции за приватни автобуски превозници за адаптирање на постојните автобуси со мотори на еколошки горива за што Град Скопје веќе втора година имаше издвоено дури 20 милиони денари. Едноставно, и годинава, како и лани, не се пријавил ниту еден заинтересиран превозник.
Шилегов вети дека Водно ќе им го врати на скопјани, но Водно им го даде на дрвосечачите и багерите. Шилегов вети справување со дивите депонии, но тој, наместо отстранување, создаде нови. Ова се резултатите од неговото владеење, сè друго е гол популизам“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од населбата Драчево денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе остане дел од населбата Драчево.
Од 08:30 до 12:00 часот, корисниците од дел од улицата Маркова Река во населба Драчево, општина Кисела Вода, ќе останат без струја.
Македонија
Сончево и ветровито време, температури до 38 степени

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, по должината на Повардарието повремено засилен ветер од северен правец, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 22, а максималната ќе достигне од 31 до 38 степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, повремено засилен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Во следните денови следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.
Температурите ќе бидат во постепен пораст, особено од четврток и за време на викендот кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе достигне до 40°C.