Македонија
Советот на Општина Карпош се противи на одлуката на Владата за одземање на спортската сала „Партизан“

Со 14 гласа „за“ и 7 „против“ Советот на Општина Карпош го изгласа заклучокот за усвојување информација за донесената одлука за престанок и за давање на трајно користење недвижна ствар на Министерството за спорт од Владата на РСМ, соопштија од Општина Карпош.
Станува збор, како што појаснуваат, за заклучок според кој Советот на Општина Карпош се противи на одлуката на Владата, со која ѝ се одзема спортската сала „Наум Наумовски-Борче“, која беше дадена во трајно владение на локалната самоуправа.
Пред да се отвори расправа за единствената точка на дневниот ред во рамките на денешната вонредна 69-та седница пред советниците се обрати градоначалникот Стевчо Јакимовски. Првиот човек на Општината образложи дека првенствено Владата ја донела оваа одлука без никакво образложение, кое треба да биде составен дел на правниот акт. Тој посочи дека со одлука на минатата влада во 2019 година во Агенцијата за катастар на недвижностите на РСМ спортската сала „Партизан“ е впишана дека ѝ е дадена на трајно користење на Општина Карпош.
Локалната самоуправа забележа некои недостатоци во рамките на спортскиот објект, кои се од техничка природа, па затоа со повеќе одлуки на Советот, Општината инвестира речиси 4 милиони денари со цел да ја направи функционална спортската сала „Партизан“. Притоа Јакимовски и мнозинството советници сметаат дека во најмала рака би било коректно Владата да ја извести Општина Карпош пред да ја донесе одлуката за одземање на салата бидејќи Општината со средства од граѓаните инвестирала финансии за одржување на овој за нив култен спортски објект. Дополнително, веќе се донесени, односно усвоени, повеќе одлуки од страна на Советот, со кои одредени делови од спортската сала се дадени на користење, со и без паричен надомест, информираат од таму.
„Оттука, со денешното гласање на заклучокот Советот на Општина Карпош особено се противи на начинот на донесување на предметната одлука и ја оценува како штетна, донесена без консултација и без претходно побарано мислење од Општината. Во таа насока Советот како орган на Општината ги задолжува стручните служби на локалната самоуправа и градоначалникот Јакимовски да поведат понатамошна постапка пред надлежните органи“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Филипче од Крушево: Илинден е нашиот темел – заедно да ја продолжиме борбата за Македонија

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче денеска од Крушево го честита 2 Август, Денот на Републиката – Илинден.
„Го честитам празникот Илинден од историското и храбро Крушево, од каде што тргна револуцијата, од каде што тргна големата борба, епопејата за слободна, независна држава. Денеска ги славиме и двата Илиндени, и тој од 1903-та и тој од 1944-та и АСНОМ. Мора прво да се присетиме и да оддадеме признание на сите жртви коишто со својата крв, со својата жртва се вградија во темелите на нашата модерна држава. Тие ја започнаа борбата за да од една сиромашна, полуфеудална и неразвиена земја ние сега живееме денеска во модерна и развиена држава“, кажа Филипче.
Тој додава дека „нашата мирновременска борба не е завршена, дека мораме уште многу напорно да работиме, да конечно станеме дел од Европа каде што припаѓаме, и цивилизациски, и културно, и географски“.
„Сите заедно мора да работиме и да ги оставиме настрана и поделбите и квалификациите на патриоти и предавници, затоа што вистински патриотизам е само унапредување на нашата држава“, истакна претседателот на СДСМ.
Македонија
Kостадиновски: Нашето современо илинденско наследство е вистинската посветеност на владеењето на правото и правната држава

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, упати честитка по повод Денот на Републиката, 2 август – Илинден.
„Денес, 122 години од Илинденското востание и 81 година од Првото заседание на АСНОМ, со воодушевеност си припомнуваме за епохалните победи и незаборавените жртви на нашите илинденци, на создателите на нашата Република.
Илинден е вечна инспирација за современа и праведна држава, симбол на визионерство и непокор, но и потсетник за должноста којашто ја имаме кон нашите предци и иднината којашто им ја должиме на нашите деца.
Чекориме во слободна држава, во земја која ги слави и возвишува идеалите на патриотизмот преку слободно и достоинствено живеење.
Чин на највисок патриотизам денес претставува вистинската посветеност на владеењето на правото и градењето на правната држава. Тоа е нашето современо илинденско наследство.
Да продолжиме со истиот жар и стремеж за правда, секој од нас да ја исполни обврската кон илинденците и никогаш да не згасне борбата за просперитетна, прогресивна, но пред сè правна држава!
Нека ни е честит Денот на Републиката!
Честит Илинден!“, стои во честитката на Костадиновски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Илинден е ден на обединување, ден кога сите треба да се поклониме пред минатото и да се заветиме за иднината

ВМРО-ДПМНЕ упати честитка по повод Илинден.
„Илинден е симбол на нашата непокорност, заветот на Крушево и борбата на партизаните за слободна Македонија. Тоа е ден кога се преклопуваат идеалите на сите генерации кои сонуваа за држава своја, слободна и праведна.
Илинден е и Крушевската Републикa, замислена како дом на сите луѓе, без разлика на вера и народност. Илинден е и АСНОМ, темелот на современата македонска држава, каде што повторно се повтори истиот идеал: Слободна Македонија, за македонскиот народ и за сите нејзини граѓани.
Денес, на нас е да ја чуваме слободата, да ја унапредуваме демократијата, да ја развиваме државата. И тоа во услови кога има многу предизвици, негаторски политики и разлилни пропаганди.
Илинден е и ден на обединување.Тоа е ден кога сите треба да се поклониме пред минатото и да се заветиме за иднината.
Нашата мисија е јасна, Македонија мора да победи. Да ја вратиме правдата, да го зачуваме идентитетот, да ја изградиме државата која ќе биде дом на достоинството и просперитетот. Илинден е најголемата вистина која живее, епопејата на народот за слобода и своја држава.
Честит Илинден!
Да живее Македонија!“, стои во честитката на ВМРО-ДПМНЕ.