Македонија
Сончево време со максимална температура до 22 степена

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност, поголема во западните делови каде што ќе има услови за појава на краткотраен дожд, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието, повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 12, а максималната ќе достигне од 15 до 22 степена.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност и со слаб до умерен североисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 19 Целзиусови степени.
Утре во западните делови ќе има услови за појава на краткотраен дожд. Потоа следува период на стабилно време. Утрата ќе бидат постудени, а дневната температура до понеделник ќе опаѓа, а потоа ќе биде во благ пораст. Наутро по котлините кон средината на неделата ќе има се повеќе услови за појава на магла.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Митрески: Ќе дадеме наши предлог-заклучоци кои ќе се однесуваат на стратешките определби за членството во ЕУ

„Зборуваме за заклучоци коишто би се донеле евентуално по информацијата што ќе ја достави Владата до Собранието по која ние ќе разговараме. Не станува збор за промена на европскиот предлог, туку зборуваме за заклучоци кои ние како Собрание ќе ги донесеме за да ја задолжиме и обврземе Владата како да се однесува во следниот период. Јас денес очекувам одговорност од сите партии и пратенички групи бидејќи станува збор за сериозен процес во државата, бидејќи се работи за иднината на државата и нивните граѓани“, изјави меѓу другото координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески пред денешната работна група во Клубот на пратеници.
Митрески рече дека како пратеничка група „ќе дадеме наши предлог-заклучоци коишто ќе се однесуваат на нашите стратешки определби за членството во ЕУ со исклучување на билатералните – историски и образовни прашања. Ќе дадеме предлози и заклучоци коишто ќе значат безусловно почитување на определбата за посебните историски, јазични и културни посебности на македонскиот народ“.
Митрески по новинарско прашање рече дека „како Собрание уште еднаш ќе потврдиме дека билатералните прашања ќе бидат исклучени од рамката и ќе ја задолжиме Владата, затоа што овие заклучоци се обврзувачки за Владата, да се исклучат билатералните прашања од аспект на историјата и образованието“.
Македонија
МНР: Нема оправдување за ширење говор на омраза, извикување навредувачки пароли и поттикнување тензии

Министерството за надворешни работи ги осудува насилните и несоодветни постапки на дел од учесниците во синоќешните протести. Почитувајќи го правото на сите граѓани самостојно и слободно да го изразат своето негодување или револт преку протест, сметаме дека нема оправдување за ширење говор на омраза, извикување навредувачки пароли и поттикнувањето тензии, како и прибегнување кон насилство и насилничко однесување врз објектот на Министерството, стои во соопштението на МНР.
„Во истиот контекст, сакаме да посочиме дека е крајно несоодветно учеството на поединци вработени во Министерството за надворешни работи, на истите протести на кои се каменува куќата на дипломатијата, држејќи притоа дневнополитички говор, што претставува и директно прекршување на етичкиот кодекс, но и целосно омаловажување на дипломатската професија. За овие бројни прекршувања, согласно внатрешните процедури, Министерството ќе преземе соодветни мерки за заштита на вработените во куќата и дипломатската професија“, велат од Министерството.
Оттаму нагласуваат дека „претставници на синдикатите се секогаш вклучени при одлучување за правата и обврските на вработените во МНР и, како и досега, сите конструктивни забелешки се добредојдени и се земаат предвид“.
„Министерството за надворешни работи со должно внимание ги следи сите искажани ставови и препораки кои се дел од широкиот консултативен процес и тие претставуваат суштински инпут при креирањето на идните надворешнополитички чекори“, се вели во соопштението.
Македонија
Регистрирани се 266 нови позитивни ковид-случаи, нема починати лица

Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа направени се 953 тестови, а регистрирани се нови 266 случаи на Ковид-19: Скопје – 168, Куманово – 17, Битола – 14, Тетово – 12, Прилеп и Штип – по 9, Гостивар – 7, Кочани и Пробиштип – по 5, Кавадарци и Кичево – по 4, Струмица и Крива Паланка – по 3, Струга и Радовиш – по 2, Неготино и Ресен – по 1.
Од вкупниот број на позитивни (266), регистрирани се 64 реинфекции.
Регистрирани сe 119 оздравени пациенти од: Скопје – 73, Битола – 7, Прилеп и Кочани – по 6, Струмица и Велес – по 5, Куманово и Кавадарци – по 4, Тетово – 3, Гостивар и Виница – по 2, Пробиштип и Делчево – по 1.
Во текот на изминатите 24 часа не е пријавено ниту едно починато лице. Согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза Ковид-19 од Мој термин нема регистрирано починато лице.
Досега во земјата бројот на починати е 9.327, а бројот на активни случаи изнесува 1.273.