Македонија
Сончево со мала до умерена облачност и температури до 28 степени
Денеска, се очекува сончево време со мала до умерена облачност и со умерен по должината на Повардарието повремено засилен ветер од северен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од 22 до 28 степени. УВ=8
Во Скопје времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со умерен ветер од северен правец.
Максималната температура ќе достигне до 27 степени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Христова: Со регионалните центри за услуги граѓаните ќе добијат брзи и ефикасни административни услуги
На денешната собраниска седница за пратенички прашања свое обраќање имаше пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Христова и упати прашања до министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
Првото пратеничко прашање кое го постави Христова беше упатено до министерот за дигитална трансформација, и се однесуваше за регионалните центри за услуги, односно таа праша дали се планира отворање на вакви центри за услуги во сите градови низ државата и кои конкретни услуги ги нудат овие центри.
„Министерството за дигитална трансформација е релативно ново, но за периодот откако е формирано постигна високи резултати и воспостави стандарди кои навистина недостигаа во Македонија. Брзата реализација на стратешките активности, подобрување на ефикасноста и транспарентноста во работењето, се доказ дека вистински реформи се можни кога се има визија и одговорност кон граѓаните, а оваа Влада го поседува токму тоа. Министерството за дигитална трансформација постои краток период, но постигна многу. Воведе нови дигитални услуги достапни за сите граѓани, ги скрати административните процедури и времето на чекање, работи на зајакнување на сајбер безбедноста и заштита на податоците, а исто така воспостави механизми на координација меѓу институциите итн. Она што мене ме интересира а и многу голем број на граѓани се новоотворените центри за услуги во неколку градови во државата, за коишто јас лично сметам дека се одлична новина, но и дека е потребна поголема промоција, за што голем број граѓани не се запознаени и се уште не знаат дека со посетата на еден ваков центар ќе добијат брзи, ефикасни и транспарентни административни услуги, сето тоа на едно место. За нив тоа значи повеќе време, помалку бирократија, а повеќе функционалност и доверба. Дали планирате вакви центри за услуги во сите градови во Република Македонија и дали може да не запознаете конкретно какви услуги нудат овие центри?“, праша Христова.
Христова се осврна на наследената тешка финансиска состојба од претходната власт и истакна дека со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ е извршена консолидација на буџетот и е забележан економски раст над очекувањата на меѓународните институции. Во таа насока, второто прашање беше упатено до министерката за финансии и праша за тоа што може да се очекува на финансиски план во тековната 2026 година.
„Како пратеници кога го започнавме нашиот мандат, од првите моменти, беше соочувањето со финансиската состојба во нашата држава, односно каква државна каса наследивме од претходната ненародна влада, која имаше многу други приоритети, само не интересите на граѓаните. Со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт наследивме испразнет буџет, уште во месец јули, а пари во истиот требаше да има до месец декември. Со голема посветеност и труд успеавме да се консолидираме и да бележиме неколку квартали раст на БДП, дури и над 3%, т.е. дури подобро и од проекциите на меѓународните институции. А тоа е јасен сигнал дека владините политики функционираат и даваат резултати. Со консолидиран буџет, со фокус на раст и инвестиции, успеавте да ја стабилизирате економијата. Моето прашање е што може да очекуваме на финансиски план во тековната 2026 година?“, праша Христова.
Македонија
Јаневска: Ред во образованието ќе ставиме со едносменска настава и продолжен престој во училиште
Во многу општини во државата има прекумерен број на наставници, односно работат со паралелки од неколку ученици и затоа блок дотациите кои ги исплаќаме за основното и средното образование во најголем дел се трошат за исплата на плати на наставниците. Проблемот може да се реши со оптимизација на училишната мрежа, воведување едносменска настава и продолжен престој во училиштата. Тоа ќе донесе и подобри резултати на нашите ученици на меѓународните тестирања како ПИСА.
Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска, во Собранието одговарајќи на пратеничко прашање во врска со неисплатениот регрес за годишен одмор на наставниците од средните училишта во општина Гостивар.
„Министерството за образование и наука во 2025 година кон општина Гостивар има исплатено блок дотација за финансирање на средното образование во износ од 320 милиони денари, а понатаму локалната самоуправа е надлежна да ги распредели средствата по ставки. Но, 96,9% од тие средства се исплатени за плати. Така што, јасно е зошто општината не исплатила регрес. Проблем е прекумерниот број на наставници и градоначалникот тоа го знае“, рече Јаневска.
Посочи дека од самиот почеток на мандатот се заложува за оптимизација на училишната мрежа и за воведување на едносменска настава.
„Не е добро да функционираат училишни објекти со по неколку ученици. Мораме да ги споиме со поголемите училишта. Тоа е добро за социјализација на децата и за намалување на режиските трошоци, а од друга страна со воведувањето на едносменската настава и продолжениот престој ќе ги задржиме сите наставници на работа и со нивен дополнителен ангажман од 2-3 часа дневно, нашите деца ќе постигнуваат многу подобри резултати од сегашните“, додаде министерката, потенцирајќи дека лани едносменската настава имало во 150 училишта, а годинава во повеќе од 200.
Македонија
Превозниците вечерва ја прекинуваат блокадата на границите
Вечерва во 20:00 часот ќе биде прекинат протестот на граничните премини за тешки товарни возила, информира АМСМ.
На патниот правец Р-1302 Берово – Струмица (кај с.Ратево) поради поголем одрон сообраќајот се одвива по направена девијација во должина од 50 метри.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег се бележат на патниот правец с.Лисец – Попова Шапка. Појава на магла и намалена видливост на планинските премини: Плетвар до 50 метри, Пресека до 100 метри и Стража до 150 метри.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

