Македонија
Сопругата на загинатиот полицаец по вандализмот: До ова немаше да дојде ако работеа камерите кај бистата на Горан
Семејството на загинатиот полицаец во кумановско Диво Насеље, Горан Стојменовиќ, и денес е вознемирено по вчерашното вандализирање на неговата биста и на иконите во паркот во скопско Инџиково, кој му е посветен нему. Неговата сопруга Ане Стојменовиќ за „Макфакс“ вели дека и порано имало оштетувања, но биле на клупите и на летниковецот, никогаш досега вандалите не посегнале по бистата.
„Уште се тресам, не можам да се смирам. Вандалите тоа го направиле среде бел ден, вчера, на празник. Јас отидов кај бистата околу 20 часот и сѐ беше исчкртанo. Соседите, кои живеат веднаш до паркот, велат дека утрото бистата била чиста. Веднаш пријавив во полиција. Дојдоа, направија увид, направија записник и си заминаа. Вакви оштетувања првпат прават. Досега ги кршеа клупите и опремата наоколу, но никогаш не ја оштетија бистата“, вели сопругата на загинатиот полицаец.

Во паркот и порано имало оштетувања, но вандалите првпат посегнале по бистата
Бистата на загинатиот полицаец Стојменовиќ вчера беше исчкртана со син спреј, а пречкртани се и иконите околу неа. Сопругата на Стојменовиќ вели дека не се сомнева во некој посебно.
„Тука доаѓаат и многу луѓе од страна, не само локалното население. Порано, додека работеа камерите во паркот, вакви работи не се случуваа. Се појавил некаков проблем и камерите беа исклучени, одамна не снимаат. До ова немаше да дојде ако работеа камерите. Јас сега ќе настојувам тие пак да проработат, ако не, спремна сум да платам и обезбедување за да не доживееме нешто слично оти за нас е многу болно“, низ солзи вели сопругата Стојменовиќ.

Градоначалникот на Гази Баба доцна синоќа преку „Фејсбук“ најави дека оштетувањата ќе бидат поправени
Таа сѐ уште жали и за златото на сопругот, кое им го украле крадци што пред извесно време им упаднале дома. Имало кражби и во други куќи во околината, но во нивната улица нивната куќа била единствената што ја обиле.
„Ни ги одзедоа спомените. Пријавив и тогаш во полиција, уште нема трага од крадците иако помина многу време“, вели Стојменовиќ.

Вандалите, вчера, преку ден со син спреј ги оштетиле споменикот и иконите во паркот во Инџиково
Доцна синоќа градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, во објава на социјалната мрежа „Фејсбук“ најостро го осуди вандализмот и им порача на граѓаните да бидат спокојни, оти и споменикот и иконите ќе бидат обновени, ќе продолжи традицијата на оддавање почит на херојот Горан Стојменовиќ и чествувањето на Соборот на 12-те апостоли во Инџиково.
Споменикот на Стојменовиќ беше откриен пред четири години на свеченост со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Горан Стојменовиќ загина во антитерористичката акција во кумановско Диво Насеље во мај 2015 година, во која животот го загубија и Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски и Ненад Серафимовски.
Сите посмртно беа одликувани од претседателот на државата со медали за храброст.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

