Македонија
Соработка со Чешка за обединет и поефикасен систем за справување со кризи
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, го прими амбасадорот на Република Чешка во Македонија Н.Е. Јарослав Лудва и директорот на Генерален директорат за противпожарна и спасувачка служба при Министерство за внатрешни работи на Република Чешката, Владимир Влчек, заедно со неколкучлена делегација.
Тема на разговор на средбата во ДЗС беше соработката на полето на заштита и спасувањето и за процесите на трансформација на системот за управување со кризи и за чешките искуствата во оваа област. Притоа, Ангелов посочи дека Македонија е во фаза на темелна реформа, со цел обединување на Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување во единствен, функционален и поефикасен систем. На средбата во ДЗС беа споделени искуства за едукација на пожарникари, а и стручни мислења за заштита и спасување, со можност за заедничко учество на планирани оперативни вежби.
Ангелов, при работната средба, им се заблагодари на високите претставници на Чешка за поддршката на Македонија за справување со кризни ситуации: „не само со давањето на опрема и технички средства, како на пример, вчерашната донација на противпожарно возило „татра” со капацитет oд 10 тони за пожарникарите од Кочани, туку и за директното помагањето со чешки сили, со опрема и со техника при справување со огнените стихии, конкретно со противпожарното дејство на чешкиот хеликоптер ,,блек хок” минатото лето, што беше успешно реализирано во содејство со противпожарни сили од нашата земја и од Словенија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска Давкова ја прими Рита Колумбиа, постојана координаторка на Обединетите Нации
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Рита Колумбиа, постојана координаторка на Обединетите Нации во земјава.
На средбата се разговараше за плановите на Обединетите Нации, врзани за реализацијата на претстојните проекти со фокус на стратешките приоритети опфатени во Рамката за соработка за одржлив развој 2026-2030 година.
Претседателката укажа на важноста на досега реализираните програми на Обединетите Нации во функција на градење институционални капацитети, унапредување на владеењето на правото и дефинирање на квалитетни јавни политики. Според претседателката, тие се во корелација со напорите за европеизација на македонското општество и исполнување на стратешката цел – интеграција во Европската Унија.
Соговорнички разменија мислења по однос на иницијативата ОН80, чија цел е поттикнување реформа и модернизација на организацијата заради поголема, ефикасност и релевантност во справувањето со глобалните предизвици.
Тие го анализираа нејзиното значење за преиспитувањето на улогата на Обединетите Нации и справувањето со безбедносните, климатски, економските и технолошките предизвици.
Претседателката посочи на неодложната потреба од длабоки реформи на ООН заради обезбедување ефикасен, координиран и одговорен систем на реалните потреби на државите и граѓаните. Таа, уште еднаш ја афирмираше својата заложба за жена генерален секретар.
Исто така, Сиљановска-Давкова посака планираните буџетски рестрикции, соодветни на иницираната рационализација на работата на ООН, да не се одразат негативно врз реализацијата на нивните програми кај нас.
Македонија
Укинување на техничка влада, криминал, корупција, Груевски, се враќаме во 2016 година, велат од СДСМ
Сѐ она што го говореше СДСМ во изминатиот период се потврдува, велат од оваа партија.
„Власта сака да ја укине техничката Влада, единствената можност за чесни и фер избори. Да се влијае на слободната волја на граѓаните а опозицијата да не види што се прават по министерствата.
Криминалот и корупцијата цветаат. 161 тендер за само една фирма, 51 тендер за омилената компанија на власта преку општините, 9 милиони евра за фирма со еден вработен, 1,2 милиони евра преку Пошта за фирма блиска до ЗНАМ, а одговорност нема.
На листата на Транспаренси интернешенал, Македонија е на ниво на Буркина Фасо и Танзанија“.
Според СДСМ, повторно се враќа времето кога парите на граѓаните се трошат само за богатење кликата на Мицкоски во врвот на власта и за луксузирање.
„Мицкоски има часовници од 60 илјади евра вредни 150 минимални плати, сака да купува авион од стотици милиони евра за нови туристички патувања. Исто како Никола Груевски кој со пари на граѓаните купуваше мерцедес од 600 илјади евра и очила од 60 илјади евра.
Паралелено, власта свесно ја води земјата кон намерна изолација за да може да течат криминалните тендери зад грбот на народот.
Се подготвува враќање на Никола Груевски. Преку дискредитација на предметите од СЈО и релативизирање на пресудите за нивно поништување. Организиран обид со помош на медиумите на Орбан кој контролира 40%, за да се избрише одговорноста за криминалот на поранешната власт и да се претстави бегалецот Груевски како жртва“.
Од опозициската партија со оценка дека се враќаме во 2016 година.
Македонија
Проданоски и Андоновски од Прилеп: Безбедниот интернет е заедничка одговорност
Во Прилеп денеска беше одбележан Меѓународниот ден на побезбеден интернет – 11 февруари, со јасна порака дека дигиталната безбедност на децата и младите мора да биде врвен приоритет. Настанот се одржа во ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“, во присуство на градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
Активноста беше реализирана во рамки на проектот MKSafeNet – Центар за побезбеден интернет на Македонија, преку кој на учениците, родителите и наставниците им се приближуваат конкретни алатки и насоки за безбедно користење на интернетот. Фокусот е ставен на превенција, родителска контрола и создавање сигурна дигитална средина.
Настанот имаше едукативна и интерактивна содржина, со што учениците на разбирлив и прилагоден начин учеа како да препознаваат ризици во онлајн просторот и како одговорно да ги користат дигиталните содржини. Преку разговори и практични примери беше нагласено дека интернетот може да биде простор за знаење, креативност и развој, но само доколку се користи внимателно и со поддршка од возрасните.
„Безбедниот интернет не е избор, туку обврска на сите нас – институциите, училиштата, родителите и младите. Само со заеднички пристап можеме да создадеме сигурна дигитална средина“, беше пораката упатена од настанот.
Од Општина Прилеп истакнаа дека соработката со Министерството за дигитална трансформација продолжува и во наредниот период, со цел унапредување на услугите и зајакнување на дигиталната писменост кај најмладите

