Македонија
Состојбата во земјата е стабилна и нема индиции за загрозеност на границите, констатира Советот за безбедност
Денес во Кабинетот на Претседателката се одржа конститутивната седница на Советот за безбедност.
На седницата со која претседаваше претседателката Гордана Сиљановска Давкова, присуствуваа членовите на Советот за безбедност по функција: Африм Гаши, претседател на Собранието, Христијан Мицкоски, претседател на Владата, Панче Тошковски, министер за внатрешни работи, Владо Мисајловски, министер за одбрана и тројцата членови, именувани од претседателката: Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова и Владо Спиридонов.
На покана на претседателката Сиљановска Давкова, во работата на Советот за безбедност учествуваа и реферираа: началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева и директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски.
Советот за безбедност на седницата констатираше дека состојбата во земјата е стабилна и нема индиции за загрозеност на границите, интегритетот и суверенитетот на државата.
Присутните констатираа дека надлежните институции редовно ги следат состојбите во земјата и опкружувањето и дека системот за национална безбедност е функционален и обезбедува рано предупредување за евентуални закани и ризици.
Учеството на Армијата во НАТО-мисиите, ЕУ-мисиите и во мисии во ОН е успешно и продолжува, а бројот на учесниците во мисиите се одредува во зависност од потребите и одлуките на надлежните институции.
Советот за безбедност ќе се состанува на секои три месеци, а по потреба и почесто.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Црвениот крст од Кочани однесе помош за човекот кој на 112 пријави дека три дена е оставен без храна
Службите на Црвен крст од Кочани утрово однесоа помош до Ванчо Димитров, неподвижен човек во селото Видовиште откако тој вчера самиот се пријавил на бројот за итни случаи 112 дека е во многу лоша здравствена состојба и три дена е без храна. Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) го пријавија случајот, но неколку институции се прогласиле за ненадлежни да му помогнат.
Црвениот крст кај Димитров дома однесе два хуманитарни пакети со конзервирана храна.
Македонија
Магла на патниот правец Шипковица – Попова Шапка, видливост до 40 метри
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено во зимски услови, по претежно влажни коловози.
На патниот правец Шипковица – Попова Шапка има појава на магла со видливост до 40 метри, информира Автомотосојузот на Македонија.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
Македонија
Петрушевски: ДУИ 20 години бира судии, точно ги знаат правните процедури, но одбраа да приредуваат политички циркус
ДУИ 20 години бира судии, точно ги знаат правните процедури, и како одлучува Уставниот суд, но и покрај тоа одбраа да приредуваат политички циркус, за да го одвлечат вниманието од јавноста од тоа што 20 години ја крадеа државата, изјави на денешната прес-конференција пратеникот Бране Петрушевски.
Тој истакна дека ДУИ 20 години ги краде Албанците и Македонците, а секогаш се повикува на Албанците кога треба да краде или кога се спречени во тоа, како сега.
-Стравот на ДУИ е затоа што доаѓа време за одговорност на нивните криминални функционери, кои додека продава патриотизам дебело се нафатирале, а граѓанинот Албанец и Македонец се иселил. ДУИ се демаскирани, сите гледаат дека нивното политичко делување последните неколку месеци е само во насока на заштита на политичките криминалци кои ја ограбија државата. Наместо да седат на ладно, подобро ќе биде да се реформираат како партија, зошто бргу од денес доаѓаат локални избори, да не им се случи уште поголемо изненадување, вели пратеникот.
Петрушевски нагласува дека Владата нема да дозволи никаква опасност по мирот. Институциите се на висина на задачата и заедно со нашите меѓународни партнери разменуваат информации, ја следат состојбата и ќе делуваат според потребата.