Македонија
СОС детско село и „Нептун“ навиваат заедно во недела

Во рамките на партнерствата на СОС Детско село со корпоративниот сектор, се реализира нова соработка – долгорочно стратешко партнерство со компанијата „Нептун“ Македонија. Двете организации ќе соработуваат во реализација на активности од областа на Општествена одговорност, при што СОС Детско ќе биде клучен партнер на „Нептун” Македонија за остварување на нивните ИМПАКТ цели преку реализација на активности во областа на децата и младите од ранливите категории.
Како почеток на оваа соработка „Нептун” Македонија организира едиствена можност и децата и младите од СОС Детско село да можат да ја доживеат еуфоријата од историскиот пласман на нашата држава на Европско првенство и да можат на вистински начин да ја бодрат нашата репрезентација и да ги запознаат најмоќните фудбалски репрезентации.
На 13 Јуни во кругот на локацијата на СОС Детско село вработените од „Нептун“ Македонија заедно со децата, младинците и нивните згрижувачи и ментори ќе го гледаат првиот историски натпревар на Македонската репрезентација против Австрија на Европско првенство.
Од страна на „Нептун” Македонија обезбедени се сите аудио и визуелни услови за гледање на овој меч во надворешни услови во пријатна атмосфера со обезбедени реквизити за навивање, а заеднички ќе се погрижиме да бидат следени сите мерки и протоколи за безбедност.
За оваа заедничка соработка генералниот директор Горан Цветинов на „Нептун” Македонија изјави: „Општествената одговорност на нашата компанија отекогаш била дел од стратешкото планирање и секоја година ја дополнуваме со нови иницијативи за придонес кон општеството од кое сме дел, во кое работиме и се развиваме. Иницијативата за поддршка кон СОС Детско село нè инспирираше за креирање соработка низ која ќе можеме да ги вклучиме и нашите вработени, и тие да бидат дел од компаниската гордост. Тим билдинзи, волонтерски активности со вработените на „Нептун“ и програми на СОС Детско село, обуки за стручни знаења во областа на сервисирање на бела техника и продажба, се само дел од агендата. За нас ова е од големо значење, особено во оваа година во која поради негативните ефекти од светската пандемија сите ние и како индивидуи и како компании треба да ја покажеме солидарноста и емпатијата кон најранливите – децата. Активностите ги започнуваме со следење на првиот натпревар на македонската репрезентација на теренот во СОС Детско село со дел од вработените на „Нептун“, вработените на СОС Детско село и децата. Домашната атмосфера ќе ја пренесеме во амбиентот на СОС Детско село и очекуваме сета таа позитивна енергија да донесе среќа и за нашата репрезентација“.
За значењето од дологорочни партнерства за СОС Детско село изјави националната директорка Јулијана накова Гапо: „Ова партнерство има големо значење за СОС Детско село, бидејќи долгорочната соработка со НЕПТУН ќе придонесе за стабилност и континуитет на работата за задржување на децата во своите биолошки семејства, за топол дом и љубов за секое дете и младинец од СОС Детско село и за осамостојување на младите во социјален ризик“. (ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.
Македонија
(Видео) Според СДСМ, надворешната политика доживува дебакл

Андреј Жерновски од СДСМ, на денешната прес-конференција ја оцени надворешната политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ како дебакл без ниту еден успех.
Жерновски изјави дека, по една година владеење, Македонија се соочува со „сериозно влошена меѓународна позиција“, без напредок на европскиот пат, без нови инвестиции и со зголемена царина од страна на САД. Според него, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски не остварил ниту еден договор или резултат на дипломатски план.
СДСМ ја критикува и состојбата со дипломатската мрежа, која, како што рече Жерновски, е „разурната, партизирана и нефункционална“, а Македонија се наоѓа „на периферијата на демократскиот свет“.
Како посебно загрижувачка точка беше истакната и заканата, како што наведуваат од СДСМ, за можно бришење на македонскиот јазик од Извештајот на Европскиот парламент, што партијата го поврзува со актуелната надворешна политика на МНР.
Жерновски рече дека за време на владеењето на СДСМ бил обезбеден македонскиот јазик во официјални документи на ЕУ, вклучително и договорот со ФРОНТЕКС, без фусноти и дополнителни објаснувања.
„Тој успех денес е доведен во прашање поради вазалската политика на Муцунски и неговиот шеф Мицкоски“, рече Жерновски.
На крајот, порача дека СДСМ ќе продолжи да се бори за враќање на Македонија на патот на меѓународни успеси, европска иднина и заштитен идентитет и јазик.