Македонија
Социо-еколошкиот форум Скопје: Јавниот простор мора да се уредува според потребите на граѓаните
Вчера, во Скопје, се одржа петтиот Социо-еколошки форум во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“, со канцеларија во Скопје, и Институтот за социјална демократија „Прогрес“.
Форумот почна со едукативна прошетка во централното градско подрачје, каде што преку приказни, набљудување и заеднички дискусии се истражуваше јавниот простор. Преку оваа активност граѓаните го искажуваа своето размислување. Тие велат дека сакаат простор што еднакво им служи и на граѓаните и на природата. Бараат повеќе зеленило, повеќе сенка, клупи, пристапност и инклузивност. Сакаат јавен простор што го одразува достоинството и ја поттикнува благосостојбата на граѓаните.
Оваа година Форумот е фокусиран на placemaking, рамка што го поима јавниот простор како заеднички процес. Во време на растечки социјални нееднаквости и еколошки предизвици овој пристап станува клучна насока кон социо-еколошка правда: правични, зелени, инклузивни и отпорни градови. Социо-еколошката трансформација почнува токму таму каде што луѓето се движат, живеат и се среќаваат.
Странските учесници, активисти, експерти, претставници од граѓански организации и политички претставници имаа можност да ја видат проекцијата на филмот „Скопје ремикс“, во кој се зборува за девет приказни за Скопје создадени од десет реномирани македонски режисери. Секоја од овие девет приказни ја прикажува супкултурната сцена, која најактивно ги користи јавните простори, ги оживува и им дава нова енергија. Преку овој филм учесниците подобро го запознаа Скопје, како и неговата култура, различностите, предностите и слабостите.
Од ФЕС потенцираат дека јавниот простор мора да се планира и уредува според реалните потреби на граѓаните. Недостигот од зеленило во Скопје е сè поочигледен како резултат на долгорочната бетонизација, а тоа го наметнува императивот јавните простори повторно да се ослободат, озеленат и да се стават во вистинска функција на заедницата.
Во текот на вчерашниот ден се одржаа три тематски работилници, каде што се создаваше концепт за простор отпорен на климатски промени, понатаму форумот се фокусира на пристапноста и инклузивноста со целиот јавниот простор да биде навистина достапен за сите. На третата работилница експертите и учесниците се посветија на модели за подобрување на енергетската ефикасност во урбаното уредување.
На панел-дискусијата се дискутира за placemaking како алатка што овозможува креирање поправедни, позелени и поприспособливи заедници, простори во кои секој граѓанин може достојно да живее.
На петтиот Социо-еколошки форум учество зедоа проф. д-р Кирил Сотировски од Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс ем“ (Шумарски факултет); инженерот, сценарист и културен работник; проектен менаџер во Pro Peace Macedonia, Јаков Попоски; политичарот, поранешен градоначалник на Шабац и претставник на Демократска партија на Србија, Небојша Зеленовиќ, политикологот, феминистка и активистка за социјална правда, програмска координаторка во ФЕС Романија, Тудорина Михаи; авторката во независниот медиум „Машина“ и истражувачка во областа на критички урбани студии и просторна правда, Искра Крстиќ. Свое учество исто така зедоа и избраниот локален советник во Град Атина, Грција, Константинос Декавалас; архитектката, урбана истражувачка и проектна директорка, активна на пресекот меѓу просторното планирање, јавните знаења и институционалното управување; Nova planska praksa, Србија, Љубица Славковиќ, како и архитектката, истражувачка и урбан социолог, Ива Петрунова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Работниците се двојно попродуктивни од она што го добиваат преку платите, велат од ССМ
Македонските работници создаваат повеќе од двојно поголема економска вредност од она што го добиваат како плата, покажуваат податоците на Меѓународната организација на трудот (ILO), кои денеска ги посочи Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Според индикаторот за бруто домашен производ по одработен час, продуктивноста во Македонија изнесува околу 34 американски долари по час, што е над светскиот просек од 23,27 долари. Пресметано на месечно ниво, со просечни 168 работни часови, еден работник создава 297.024 денари економска вредност.
Наспроти тоа, нето минималната плата во државата изнесува 24.379 денари, што значи дека работник кој зема минимална плата добива само 17 проценти од вредноста што ја создава.
Од ССМ оценуваат дека распределбата на создадената вредност е „непропорционална и неправедна“, при што најголемиот дел завршува во профит, инвестиции, амортизација, даноци и други капитални трошоци, а не кај работниците.
-Очигледно е дека обидите да се сопре растот на минималната плата не произлегуваат од продуктивноста на работниците, туку од тоа колку се богати газдите и функционерите на сметка на работничкиот труд, наведуваат од ССМ.
Според синдикатот, продуктивноста на македонските работници е повисока од онаа во дел од земјите во регионот, како Црна Гора, Србија, Босна и Албанија, а блиску до нивото на Бугарија. Сепак, минималната плата во Македонија останува значително пониска од повеќето соседни земји.
ССМ заклучува дека работниците се експлоатирани, а ваквата состојба, според нив, е поддржана од страна на работодавачите и институциите, нагласувајќи дека во државата постои економски простор за поголем раст на платите.
Македонија
Осомничениот за убиството за жената од Челопек е поврзан и со други кривични дела
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово изврши увид на лице место во селото Челопек, каде беше пронајдено безживотно тело на 78-годишна жена, за која постојат сомненија дека насилно била лишена од живот.
Од Обвинителството информираат дека се издадени повеќе наредби за обезбедување докази и траги од местото на настанот, кои ќе бидат предмет на дополнителни вештачења со цел целосно расчистување на случајот.
Во врска со настанот, едно лице е лишено од слобода под сомнение дека е сторител на кривичното дело убиство. Постојат индиции дека истото лице во претходниот период можеби било инволвирано и во други кривични дела на подрачјето на кумановско, поради што, по наредба на јавен обвинител, се преземаат интензивни дејствија за утврдување на сите околности и евентуалната поврзаност меѓу настаните.
Од Обвинителството посочуваат дека по целосно испитување на фактите и прибирање на сите релевантни докази ќе биде поведена соодветна постапка против осомниченото лице.
Македонија
Мицкоски: Пораките на Марко Рубио од Минхенската безбедносна конференција се јасен сигнал за сите сојузници
Пораките на американскиот државен секретар Марко Рубио од Минхенската безбедносна конференција се јасен сигнал за сите сојузници, светот веќе не функционира по старите правила. Како Влада, продолжуваме посветено да го зајакнуваме нашето место во трансатлантската заедница.
Подготвени сме да одговориме на предизвиците, да ја модернизираме нашата одбрана и да обезбедиме сигурна иднина за нашите граѓани, објави премиерот Христијан Мицкоски, од Минхен.
Мицкоски од вчера престојува во повеќедневна посета на Сојузна Република Германија, каде што учествува на 62. Минхенска безбедносна конференција, на која, како што соопшти владината прес-служба, ќе ја реафирмира определбата на државата за предвидлив и фер процес на интеграција во Европската Унија, без дополнителни билатерални условувања.

