Македонија
Сојузот на средношколците нема одлука за бојкот на наставата, МОН апелира до учениците да не отусуствуваат од часови

По објавувањето информации во некои од медиумите дека учениците од одредени средни училишта се организираат денес да ја бојкотираат наставата поради дигиталните учебници, Сојузот на средношколците се огради од ваквите акции.
Од тука велат дека средношколците не организираат никаков бојкот, туку тоа се одредени групи што манипулираат со јавноста. Сојузот никогаш не организирал ниту, пак, повикал на бојкот поради дигитализацијата на учебниците.
„Најпрвин мораме да кажеме дека нема потреба од такви појави. Дигитализацијата на учебниците се однесува на само на IV одделение, според нашите информации. Само учебниците за IV одделение ќе бидат дигитални од септември, а многу години ќе поминат додека почне процесот на дигитализирањето на наставните материјали во средното образование. Наш став е дека секој ученик треба да го има правото да избере од каков учебник сака да учи. Но, ваквите повици за бојкот ги манипулираат и им штетат на средношколците. Многу ученици денес беа манипулирани од страна на ваквите групи, без да знаат за што точно се бојкотира или кој го организира тоа, па затоа ги повикуваме образовните власти да им ги оправдаат изостаноците. Ученици, овој бојкот е лажен и беспредметен“, наведе Сојузот на средношколците.
Министерството за образование и наука упати апел до средношколците да продолжат да учествуваат во воспитно-образовниот процес, кој треба да биде нивна единствена грижа и интерес.
Во спротивно, како што велат од МОН, отсуството од часови и настава значи загубено време и знаење, кое понатаму тешко се надоместува.
„Бојкотот на наставата значи отпор кон промените што се креирани во согласност со времето и ерата на ИТ-технологијата во која младите живеат. Од интерес е за сите сегашни и идни генерации ученици македонскиот национален образовен систем да се развива, да напредува и да фати чекор со трендовите и процесите во современиот образовен свет, меѓу кои е и дигитализацијата на материјалите за учење, што кај нас како промена ќе се случува етапно и во овој момент воопшто не ги засегнува средношколците“, велат од Министерството за образование.
Истовремено, нагласуваат дека исклучително е важно во целиот овој процес да се следат сите официјални информации и одговори на прашања и дилеми во врска со Законот за учебниците, кои транспарентно и на дневна основа ги даваат Министерството за образование и наука и другите институции што учествуваат во креирањето на промените.
Сите други извори, како што велат од МОН, не се релевантни, а многу често и информациите што се пласираат, особено на социјалните медиуми, имаат манипулативен карактер и цел да поттикнат несакани реакции токму од страна на учениците и нивните семејства.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.