Македонија
Со Арсовска ќе се видиме на суд да објасни како јас сум знаела, а не сум пријавила пожар во Универзалната сала, најави министерката за култура
За министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, вчерашните обвинувања од градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, се лаги, скандалозни тврдења и обид да се манипулира со чувствата на граѓаните што ѝ ја дале довербата да го води Градот. Министерката денес на прес-конференција еден по еден ги покажуваше документите за Универзалната сала, меѓу кои и мислење од ИЗИИС за безбедноста што градоначалничката ја доведе во прашање, потпишано токму од неа, а за личните навреди најави дека ќе ја тужи.
„Обвинувањата што таа лично кон мене ги насочува со нејзиното многу лошо сценарио за филмот ‘Универзална’ не заслужуваат внимание затоа што тоа е една измислена приказна. Инсуинирањето на Арсовска дека сум знаела за пожарот, а не сум пријавила, низата небулози изјавени на вчерашниот прес во следните денови ќе бидат предмет пред судските инстанци, па самата таа ќе има можност подетаљно да објасни за изнесените тврдења за мене поврзани со Универзалната сала. Такви клевети дека јас сум знаела, таа да претпоставува кој кога пријавил пожар, се само предмет да го решиме преку суд. Па да видиме, кога веќе сака да биде обвинител и истражител, нека повели“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.
Таа ги отфрли сите вчерашни обвинувања од градоначалничката како невистини. Извести дека градоначалничката Арсовска со манипулативниот прес скала да го скрие сопствениот неуспех оти изгубила судски спор за одложената реконструкција на Универзалната сала, што граѓаните ги чини 20 милиони денари, а има и уште еден активен судски спор за Универзалната сала.
Министерката уверува дека Министерството ќе продолжи со реконструкцијата на Универзалната сала кога ќе заврши истрагата. Нагласи дека барањето од градоначалничката за раскинување на договорот за преземање на Универзалната сала што го добил нејзиниот Кабинет не е законско.
„Сите одлуки што се поврзани со имотот на Град Скопје и граѓаните се одлуки што ги носи Советот, односно советниците, а не лично таа. Во таа насока нејзиното барање за еднострано раскинување на договорот, кое вчера пристигна до мојот Кабинет, не може да има никакво правно дејство бидејќи тоа треба да е донесено од Советот на Скопје. Доколку Советот одлучи да го раскине договорот со Министерството за култура, Градот ќе мора да ги врати сите средства што досега сме ги вложиле од државниот буџет, а се сомневам дека Градот во овој момент има капацитет за тоа“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.
Министерката не знаеше да каже каде е осигурено градилиштето на Универзалната сала оти тоа го направил изведувачот, а не Министерството како инвеститор. Извести дека во Град Скопје за реконструкцијата доплатил 146.000 денари за комуналии за дополнителна деловна површина. Упати порака дека за разлика од оние што имале прокет и имале пари обезбедни од Владата, а немале капацитет да направат ништо, Министерството како инвеститор ќе ја доврши салата во предвидениот рок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
АХВ спроведе засилени контоли кај операторите со храна во близина на училиштата
Во рамки на 445 инспекциски контроли спроведени во последните десетина дена, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) изрече 15 забрани за вршење на дејност на оператори со храна, додека 696 килограми небезбедна храна од непознати добавувачи беа запленети и уништени, соопшти АХВ.
Контролите биле насочени особено кон објектите во непосредна близина на основни и средни училишта, од каде учениците најчесто купуваат храна.
Инспекциските проверки откриле дека 19 оператори ставале во промет небезбедна храна, кај 30 се утврдиле незадоволителни хигиенски услови, а од вкупно контролираните, 26 оператори не биле регистрирани во АХВ.
„16 оператри немале имплементирано процедури за Добра хигиенска и Добра производствена пракса, а дури 32 немале спроведено задолжителен здравствено-саниратен преглед на вработените лица. Тројца оператори немале спроведено задолжителна дезинфекција, дезинсекција и дератизација во објектите, а 7 од контролираните објекти не ги задоволувале техничките услови за вршење на дејноста. Несоодветно означена храна со контролите била затекната кај седуммина оператори со храна“, стои во соопштението на АХВ.
За утврдените неправилности, АХВ изрече парични казни за 77 оператори во вкупна вредност од 36.470 евра. Издадени се 103 решенија за отстранување на недоследностите и 23 опомени.
Македонија
Денеска сончево, од утре голема промена на времето
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб, а во западните делови умерен ветер од југозападен правец. Минималните температури ќе бидат во интервал од -3 до 5, а максималните од 16 до 20 степени целзиусови.
Во Скопје, наутро во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и претежно тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе биде 1, а максималната 16 степени.
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека утре облачноста ќе се зголеми, а од вторник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд, наместа пообилни. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Македонија
ЦУК: Пронајдени се двете женски лица кои се изгубија на патот кон Дрисла
Пронајдени се двете женски лица кои се изгубија на патот кон Дрисла, информираат од Центарот за управување со кризи.
„Добиена е повратна информација од Полициската станица Драчево дека двете женски лица се пронајдени на црн пат помеѓу Долно Количани и Батинци. Лицата се во добра здравствена состојба и со возило, во придружба на полицијата, веќе се движат кон Драчево. Појаснуваме дека, поради грешка во првичната комуникација, не станува збор за странски државјанки, туку за државјанки на Р.С.Македонија“, стои во известувањето од ЦУК.

