Македонија
(Видео) Со вештачење ќе се брани кумановката што го прегази дедото во Скопје, прво рочиште по девет месеци од несреќата

По девет месеци од сообраќајната несреќа на мостот „Гоце Делчев“, при што загина 76-годшниот Слободан Ангеловски, почна судењето за возачот Гордана Филиповиќ, која го управуваше возилото „бмв Х5“. Првото рочиште беше одложено поради отсуство на адвокатот на Филиповиќ, кој денеска морал да оди на друго, поважно судење. Судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ следно рочиште закажа за половина месец.
„Доставен е поднесок со барање за одлагање на рочиштето бидејќи бранителот на обвинетата е ангажиран во предмет од организиран криминал како бранител, во кој се обвинети поголем број лица, каде што е предвидено изведување голем број мат и вер-докази“, рече судијката Илиевска-Јосифовиќ.
Во изминатите девет месеци, колку што му требаше на Обвинителството да поднесе обвинение, судот го оцени, АКМИС-от да го распредели предметот, а судијката да закажа рочиште – одбраната изработила и сообраќајно-техничко вештачење, со кое ќе ја докажува невиноста на возачот.
„Има листа на докази на одбраната, која се предлага за изведување. Во прилог на листата на докази доставени се материјален доказ, сообраќајно-техничко вештачење, како и фотографија во боја“, додаде Илиевска-Јосифовиќ.
Обвинетата Филиповиќ е мајка на кумановката Јелена, која имаше 17 години, а пред три години исто така загина во сообраќајна несреќа. Возачот што ја прегази доби 7,5 години затвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од населбата Драчево денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе остане дел од населбата Драчево.
Од 08:30 до 12:00 часот, корисниците од дел од улицата Маркова Река во населба Драчево, општина Кисела Вода, ќе останат без струја.
Македонија
Сончево и ветровито време, температури до 38 степени

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, по должината на Повардарието повремено засилен ветер од северен правец, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 22, а максималната ќе достигне од 31 до 38 степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, повремено засилен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Во следните денови следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.
Температурите ќе бидат во постепен пораст, особено од четврток и за време на викендот кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе достигне до 40°C.