Македонија
Со намален капацитет се трага по Мартин Јовановски, кој исчезна во Егејското Море

Потрагата по Мартин Јовановски, третиот Македонец по кој се трага на Халкидик, трае. Брат му Горан посочува дека потрагата е со значително намален капацитет на луѓе и ресурси. Ова е петти ден од исчезнувањето на Мартин. Семејството се наоѓа во Грција и од таму бара помош.
„Ова е фотографијата направена од денот на исчезнувањето на мојот брат. Потрагата сè уште е во тек, меѓутоа со многу намален капацитет. Потребна ни е поголема покриеност од воздух, копно и вода. Доколку некој има каква било информација и е во можност на кој било начин да помогне во потрагата по мојот брат, слободно нека ми се јави. Ве молам, споделете ја фотографијата за волонтерите што помагаат да имаат појасна слика“, напиша брат му на исчезнатиот Мартин.
Ова е второ обраќање во јавност на семејството Јовановски по исчезнувањето на Мартин. Тие и вчера апелираа да се продолжи со потрагата бидејќи веруваат дека Мартин е жив.
Братот на Мартин вели дека овие моменти се исклучително тешки за неговото семејство и додава: „Не смееме да дозволиме да се откажеме сè додека не се пронајде Мартин“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
СДСМ: Од септември покачување на платите во одбраната, полицијата, образованието и детската заштита

СДСМ како одговорна партија во изминативе години донесе важни законски решенија кои значеа повеќе пари кај граѓаните и грижа за нивниот економски стандард. Со неодамна донесениот Закон за служба во Армијата се обезбедени дополнителни придобивки за војниците и вработените во одбраната, а платите во овој сектор од септември ќе се зголемат просечно по 2.000 денари. Од истиот месец следува покачување на платите на вработените во образованието и детската заштита, додека платите во Министерството за внатрешни работи ќе се зголемат за пет отсто, се вели во соопштението од СДСМ.
Од партијата додаваат дека со новата методологија за усогласување на пензиите, следува и рекордно зголемување на пензиите за над 320.000 пензионери.
Вложувањето во човечкиот капитал, грижата за граѓаните остануваат врвен приоритет за Владата и парламентарното мнозинство предводени од СДСМ.
И во време на глобална економска криза остануваме посветени на мерки и политики кои обезбедуваат повисок животен стандард и повеќе пари во секое семејство, се вели во соопштението.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Пари за луксуз власта има, а за Охридски маратон нема, ВМРО-ДПМНЕ и Пецаков ќе го организираат маратонот

Сè што фати СДСМ сè уништи. Секоја традиција поврзана со државата и историјата на државата, па макар било и спортска традиција неспособната власт се обидува да ја уништи. Со години СДСМ и Пендаровски, Охридскиот маратон го уништувале, за оваа година да стават печат на згаснувањето на 60-годишна спортска традиција за Охрид, но и Македонија. Со години како организатори, но и покровители СДСМ и Пендаровски не ги исплаќале наградите и наградниот фонд на учесниците. Срамота, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека плашејќи се да не бидат поврзани со поддршка на каква било македонска традиција или некоја манифестација, без трошка срам се откажаа од оваа меѓународна манифестација, која ја промовираше државата во европски, но и светски рамки. Пари за партиски забави како онаа за Рамковниот договор има, пари за луксуз на министрите на СДСМ и ДУИ има, пари за нови автомобили на министрите има, ама пари за организирање на Охридски маратон оваа криминална власт нема.
Власта соочена со гневот и критиката на охриѓани, но и на сите граѓани проба да спаси нешто кое се обиде да го уништи. Прочитана книга се, СДСМ и Ковачевски знаат само да уништуваат и крадат. ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, нема да дозволат да згасне оваа спортска манифестација.
Со сите расположливи средства, но и со мотив за продолжување на традицијата стара 60 години, Општина Охрид ќе го организира овој маратон. ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Пецаков уште еднаш покажаа дека знаат како да работат и како се почитува традицијата на Македонија. Охридски пливачки маратон и оваа година ќе има, се вели во соопштението.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Понижувањата од СДСМ резултираа со одлуките на Комисијата со која се прифаќа бугарскиот наратив за историјата на Македонија

Поразите и понижувањата се секојдневие со власта на СДСМ. СДСМ потпиша договор со Бугарија во 2017 со кој дозволи историјата да влезе како критериум за добрососедство. Потоа СДСМ дозволи да се создаде Комисија за историски прашања која треба да ги ретушира македонските учебници за историски личности и настани по бугарски терк. Како продолжение на сето ова беше прифаќањето на Преговарачката рамка, а потоа и потпишувањето на Протоколот, преку кој СДСМ прифати историските теми да станат предуслов за евроинтеграциите за Македонија, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека резултатот од сите овие понижувања во низа се одлуките на Комисијата која ги задоволува барањата на Бугарија. Со други зборови, се прави прекин на континуитетот на постоење на македонскиот народ на овие простори. Штетноста на измеќарската политика на СДСМ се гледа во одлуките на Комисијата за средниот век, за прифатениот бугарски наратив за Кирил и Методиј, Климент Охридски, Наум Охридски и цар Самуил. Токму на ова предупредуваше ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ дозволи Македонија да се доведе во потчинета положба во која евроинтегративниот пат и се сведува или на вечни преговори или на асимилација.
Историјата не смее да биде услов и предмет на преговори. Сличен став имаа и експертите и историчарите за кои ваквите одлуки на власта на СДСМ се неприфатливи и штетни.
Затоа ВМРО-ДПМНЕ бара граѓаните да бидат прашани за вакви суштински теми. Доволно бегаше Ковачевски од соочување со својот народ. Но колку и да бега нема да може да избега од поразот кој му следи, се вели во соопштението.