Македонија
Со помош од 800.000 долари од САД ќе се прошират капацитетите на Клиниката за хематологија
Клиниката за хематологија доби финансиска помош 800.000 долари од европската команда на армијата на САД. Овие средства се наменети за проширување на капацитетите за хоспитализација на пациенти со хематолошки болести во рамките на клиниката. Амбасадорката на САД во Македонија, Кејт Брнз, рече дека преку овој проект скопска хематологија покрај медицинската нега што ќе им ја пружи на македонските граѓани, ќе има капацитет да ги згрижи и заболените од регионот.
„Ова е навистина голем предизвик кој ќе им помогне многу на македонските граѓани. Благодарам за партнерската поддршка на Министерството за здравство, Клиниката за хематологија и целиот здравствен систем. Среќна сум што таа соработка се развива. Ќе продлжиме да работиме заедно не само за справување со пандемијата туку и за зајакнување на здравствениот систем, науката, технологијата во интерс на сите граѓани“, рече амбасадорката Брнз при посетата на клиниката за хематологија.
Министерот Венко Филипче, потенцираше дека оваa помош е од исклучително значење за оваа клиника и за зболените пациенти со малигни заболувања кои ќе имаат можност да се лекуваат во својата земја во еден опремен центар по високи стандарди.
„Амбасадата на САД беше првата што ни помогна со лична заштитна опрема, потоа со 60 респиратори кои ги добивме преку НАТО и сега овој проект вреден 300 илјади евра во делот на медицинска опрема. Ова е уште еден доказ дека пријателите и партнерите треба да се тука и да се најдат кога е најпотребно. А САД го покажаа токму тука, дека стратешкото партнерство вреди и дека се тука да помогнат да се пребродат тешките моменти во услови на пандемијата со која се бори целиот свет. Проектот за физичка инфраструктурно реконструирање на клиниката, ќе значи многу. Таа нова метода која започна да се прави на оваа клиника, предводена од овој тим пред деве години, практично ќе значи дека ќе биде достапна до многу поголем број пацинети , а ќе може да ја користат и земјите од соседството“, рече Филипче.
Тој рече дека овој проект за помош во инстраструктурата трае подолг период при што се реновирани повеќе одделенија во болницата „8-ми Септември“, изградена нова зграда во Демир Хисар, реновинарно одделението за неврологија во клиничкиот центар, а во тек се градежните работи на клиниката за максилофацијална хирургија.
Проектот за реконструкција на клиниката за хематологија, предвидено е да биде завршен во декември 2022 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

