Македонија
Со сојузничка Португалија потпишан првиот договор за одбранбена соработка, Петровска порача дека со него се засилуваат колективната одбрана и безбедноста на алијансата
Министерките за одбрана на Северна Македонија, Славјанка Петровска, и на Португалија, Марија Хелена Кареирас, денеска во Министерството го потпишаа првиот договор за билатерална соработка во одбраната помеѓу двете земји, со што ќе се интензивира македонско-португалската одбранбена соработка.
Министерките Петровска и Кареирас на заедничка прес-конференција порачаа дека договорот е камен-темелник на развојот на билатералните односи и дека со него ќе се зацврсти колективната одбрана во НАТО.
„Денеска е важен ден за нашите држави и за нашата соработка бидејќи првпат потпишавме договор за билатерална соработка во одбраната помеѓу сојузничките Северна Македонија и Португалија и со тоа покажавме дека НАТО значи и посилна одбранбена соработка затоа што имаме заедничка, единствена цел“, рече министерката Петровска.

Таа информира за областите опфатени со договорот, како интензивирањето на консултациите во доменот на безбедносната политика, мировните операции, заедничката обука и едукација, како и активностите за заштитата на животната средина. Дел од договорот се и родовите прашања во одбраната и безбедноста.
„Како жени лидери во одбраната ја разбираме потребата за целосно вклучување на потенцијалот на жените во областа на безбедноста, но не како бројка, туку како можност за додадена вредност и квалитет во актуелната безбедносна архитектура“, потенцира министерката.
Петровска се осврна и на предвидената соработка во доменот на сајбер-безбедноста за која рече дека е исклучително важен сегмент имајќи предвид дека покрај конвенционалната руска агресија врз Украина, сите земји се соочуваат со обиди за нарушување на општественото живеење, кои се од хибриден карактер.
Министерката Кареирас порача дека договорот за одбранбена соработка ја реафирмира идејата дека заедничките цели во безбедноста и одбраната може да се постигнат единствено преку зајакнување на алијансата. Кареирас се заблагодари за учеството на Северна Македонија во Мисијата КФОР на Косово и мутинационалните сили на источното крило на НАТО вклучувајќи го и заедничкото учество во силите на НАТО во Романија.

Португалската министерка за одбрана ја реафирмира поддршката од Португалија за членство на Северна Македонија во Европската Унија.
„За време на нашиот разговор имав можност уште еднаш да ја истакнам значајната улога што Португалија ја придава на идното пристапување на Северна Македонија во Европската Унија, што ќе го зајакне европскиот проект и ќе придонесе за стабилноста на Балканскиот Регион“, потенцира Кареирас.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

