Македонија
Онколошки пациенти ќе имаат увид во истрагата на Обвинителството за криминалот со лековите на Онкологија
Имајќи го предвид фактот дека со предметот што се води во врска со Клиниката за онкологија се испитува евентуална повреда на највисокото уставно загарантирано право на здравствена заштита, Основното јавно обвинителство Скопје ќе преземе дополнителни чекори за обезбедување максимална транспарентност и отчетност на постапката.
„Врз основа на барањето на онколошките пациенти изнесено на средбата што се одржа на 7 септември, Обвинителството денеска ќе побара од неформалната организација, преку која пациентите ги изнесуваат своите барања, да избере тројца онколошки пациенти, кои во текот на целата постапка ќе имаат директен увид во прибраните докази и во преземените дејства“, велат од Обвинителството.
Пациентите ќе треба претходно да потпишат изјави со кои ќе се гарантира тајноста на постапката и на личните податоци во кои ќе имаат увид. Начинот на избор на пациентите е оставен на нивните претставници, кои го изнесоа ваквото барање.
Претходно, Основното јавно обвинителство Скопје ги охрабри сите граѓани што имаат сознанија во врска со овој предмет да ги пријават на надлежните органи. Во текот на денешниот ден надлежниот јавен обвинител телефонски го контактираа 10-ина граѓани, кои сакаат со свои сознанија да ѝ помогнат на постапката.
Јавното обвинителство тврди дека ги презема сите дејства за обезбедување докази со цел проверка на наводите во овој предмет. Во таа насока, како што се додава, од самиот почеток е вклучен и лекарски и друг медицински персонал.
Онколошките пациенти претходно побараа да бидат вклучени во истрагата по објавувањето дека на некои од пациентите на Клиниката за онкологија им биле давани физиолошки раствори, а скапите лекови против канцерогените заболувања завршувале на црниот пазар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска Давкова со ректорите на државните универзитети: разменети мислења за реформите во високото образование со цел достигнување на европските стандарди
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими ректорите на државните универзитети „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, „Гоце Делчев“ – Штип, „Св. Климент Охридски“ – Битола, Универзитетот во Тетово и „Мајка Тереза“ – Скопје.
На средбата на којашто присуствуваа ректорката Биљана Ангелова, ректорот Јусуф Зејнели, ректорот Дејан Мираковски, проректорот Јове Талевски и проректорот Беким Фетаји, беа упатени честитки за изборот на претседателката Сиљановска Давкова и беа изразени очекувања за успешна соработка.
Соговорниците разменија мислење за тековните реформи во високото образование со цел прилагодување на високообразовните институции на глобалните трендови и достигнување на европските критериуми и стандарди.
Претседателката истакна дека, како личност што доаѓа од академската заедница, ќе го поддржува поттикнувањето на научно-истражувачката дејност, посочувајќи дека високото образование е клучно за просперитетот, развојот и напредокот на државата и подигнувањето на неговиот квалитет мора да биде наш врвен приоритет.
Сиљановска Давкова посочи на потребата државните институции заедно со универзитетите да ги интензивираат напорите за поцелосно искористување на ресурсите од механизмите на ЕУ наменети за високото образование и да се искористи можноста македонските студенти и академски кадар да имаат зголемено ниво на соработка преку проектите на програмата Еразмус+ на Европската Комисија.
Во насока на поттикнувањето на развојот преку науката, дигитализацијата и развојот на човечките капацитети, претседателката ја посочи нејзината подготвеност како професор со долгогодишно искуство во високото образование да помогне во правец на подобрување на квалитетот на образованието за сите млади луѓе, промовирање на културната разновидност, поттикнување на иновациите и подобрување на технолошките вештини кај младите.
Македонија
Маричиќ: Европската интеграција на Северна Македонија е важен стратешки план и приоритет за државата и за сите граѓани во неа
Првиот заменик-претседател на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, денес одржа средба со амбасадорот на Република Унгарија, Андраш Клајн, заменик-амбасадорката Кристина Тиханји и претставникот Золтан Марки.
На средбата унгарската делегација ги презентира приоритетите на унгарското претседателство со цел зајакнување на процесот на европските интеграции во претстојниот период. Унгарија претседава со Советот на Европа од 1 јули 2024 до крајот на годината.
Маричиќ со заложба дека европеизацијата на државата мора да продолжи со засилен тек ја истакна важноста од носење важни одлуки за понатамошно реализирање на стратешките цели на Северна Македонија и регионот.
Aмбасадорот Клајн се заблагодари за досегашниот успех и постигнатите резултати од процесот на евроинтеграција, скрининг-процесот, почнувањето на преговорите за државата и комплетната подготовка за реализација на европската агенда на државата.
„Европската интеграција е важен стратешки план и приоритет за државата и за сите граѓани во неа“, истакна Маричиќ.
Македонија
Давкова официјално ќе го применува уставното име, а во јавните настапи има право да каже Македонија како чин на самоопределување, велат од нејзиниот кабинет
Во своите јавни настапи македонската претседателка има право да го употребува името Македонија како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација почитувајќи ги основните човекови права и слободи и во согласност со европските вредности и начела, велат од Кабинетот на претседателката Гордана Силјановска-Давкова.
Од тука наведуваат дека Давкова ќе се придржува до официјалната примена на уставното име. Во согласност со Уставот, како што беше подготвена од службите на Собранието, свечената заклетва беше потпишана со користење на уставното име.
Македонските институции во последните 5 години речиси целосно ги исполнија обврските од преспанскиот договор и претседателката очекува сите македонски партнери да ги почитуваат билатералните и мултилатералните обврски, кои ги презеле кон земјата.