Македонија
Со 130 илјади евра ќе се спасува инвестицијата на Калето од 4,6 милиони евра: од 2026 музеите ќе бидат пуштени во употреба
Стотина сезонски работници од општините Кисела Вода, Бутел, Ѓорче Петров, Аеродром и Гази Баба утрово ја искосија тревата и ги скастрија грмушките, кои скопското Кале изминативе години го претворија во џунгла. Денешната акција е подготовка за активностите што допрва ќе следуваат за обнова на двата музеја и нивно пуштање во употреба во 2026 година. Министерот за култура и туризам Зоран Љутков утрово објасни дека морале да бараат помош од ЗЕЛС за косење на тревата оти не наишле на соработка во Град Скопје и во Јавното претпријатие „Паркови зеленило“.

Сезонски работници од општините Кисела Вода, Бутел, Ѓорче Петров, Аеродром и Гази Баба утрово ја искосија тревата и ги скастрија грмушките на Калето
„Во последните десетина години скопското Кале, симболот на нашата култура, традиција, историја, беше девастирано, обраснато со вегетација и не му се посветуваше никакво внимание. Ние како Министерство за култура и туризам и Управата за заштита на културното наследство испративме неколку дописи до Град Скопје и до ’Паркови и зеленило’ за да помогнат во процесот на чистење на скопското Кале, но не добивме никаков одговор. Затоа веднаш реагиравме до ЗЕЛС. Сакам да му се заблагодарам на претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, и на сите градоначалници, кои се денес присутни овде бидејќи ја прифатија иницијативата и се реагира во истиот момент“, рече министерот Љутков.

Уредувањето на зеленилото е подготовка за градежните активности за обнова на двата музеја на Кале
Пред неколку месеци министерот Љутков и директорката на Управата за културно наследство направиле увид на Калето и утврдиле дека е неопходно да се обноват и двата музеја.
„Двата музеја се во многу лоша ситуација, ќе треба комплетно обновување на целата механизација внатре што ја има и на климатизацијата. Направивме план и со ребалансот на буџетот обезбедивме осум милиони денари, кои ќе бидат искористени до крајот на годината. Веднаш ќе пристапиме кон распишување јавна набавка за поправка на овие простори, а подоцна и со реализација на целиот овој огромен проект, кој ќе треба веќе од 2026 година да биде пуштен во употреба. Целта е 2028 година, кога Скопје ќе биде европска престолнина на културата, овој простор да биде еден од најискористените“, најави министерот Љутков.

Министерстовото и Управата за култруно наследство барале од Град Скопје да ја искоси тревата, но не наишле на соработка, па затоа се обратиле во ЗЕЛС
Директорката на Управата за заштита на културното наследство, Весела Честоева, рече дека документацијата за обнова на двата музеја е подготвена и уверува дека до крајот на годината ќе завршат со активностите.
„Управата за заштита на културното наследство како инвеститор на овие два музеја, кои треба да почнат со градежни активности со пари од ребалансот, ја спреми техничката спецификација и во наредниот период чекаме да се објави во ‘Службен весник’ ребалансот и ќе го распишеме тендерот за да може да се влезе и да се почне со работа. Управата за заштита на културното наследство до крајот на годината ќе успее да ги заврши овие два инфраструктурни проекта и ќе ги стави во функција“, вели директорката Честоева.

Во последните десетина години скопското Кале, симболот на нашата култура, традиција, историја, беше девастирано, обраснато со вегетација и не му се посветуваше никакво внимание, рече министерот Љутков
Претседателот на ЗЕЛС, градоначалник на општина Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, утрово од Калето вети дека, по изборите, сите културни споменици, кои се симбол на градот, ќе имаат посебен третман. „Еден од најважните културни симболи на градот Скопје е токму скопското Кале. За жал, ете десетина години е во состојба во каква што се наоѓа и практично преку состојбата на скопското Кале можеме да ја видиме состојбата генерално и во градот Скопје. Од друга страна, пак, тоа говори како ние си ја третираме историјата. Историјата не треба да се третира и да се помага во тој дел на ’Фејсбук’ пишувајќи објави ниту, пак, водејќи дебати за тоа, туку преку практични примери како треба да си го сочуваме она што е наше наследство, но и симбол на градот. Мене искрено ми е жал за состојбата во која се наоѓа не само овој објект овде туку и многу други објекти. Ова треба да биде континуиран процес и активности што не треба да се случуваат под капата на медиумите, а се случуваат во моментот, за жал. Но, по локалните избори, и Калето и сите други објекти во градот Скопје, кои се историски симбол на градот, ќе маат посебен третман“, рече градоначалникот Ѓорѓиевски.

Од 2008 до 2014 година за уредувањето на Калето беа потрошени приближно 4,6 милиони евра
За уредувањето на Калето, кое сега со речиси 130.000 евра треба да се поправи и да се стави во функција, од државниот буџет во периодот од 2008 до 2014 година беа потрошени приближно 4,6 милиони евра. Двата музеја беа комплетно направени, но останаа затворени, а третиот музеј, пак, познат како црква-музеј, остана недограден по инцидентите од 2011 година, иако само за него, според јавно достапните податоци, се потрошени речиси 1,7 милион евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЦУК: Пронајдени се двете женски лица кои се изгубија на патот кон Дрисла
Пронајдени се двете женски лица кои се изгубија на патот кон Дрисла, информираат од Центарот за управување со кризи.
„Добиена е повратна информација од Полициската станица Драчево дека двете женски лица се пронајдени на црн пат помеѓу Долно Количани и Батинци. Лицата се во добра здравствена состојба и со возило, во придружба на полицијата, веќе се движат кон Драчево. Појаснуваме дека, поради грешка во првичната комуникација, не станува збор за странски државјанки, туку за државјанки на Р.С.Македонија“, стои во известувањето од ЦУК.
Македонија
ЦУК: Две странски државјанки изгубени на патот кон Дрисла – полицијата упатена на терен
Преку единствениот број за итни повици 112 добиена е информација дека две женски странски лица, кои патувале со возило, се изгубиле во реонот на патот кон Дрисла, информираат од Центарот за управување со кризи.
Оттаму велат дека ЦУК е во постојана комуникација со МВР и Полициската станица Драчево, од каде е побарано упатување екипа на терен.
Полициска екипа од ПС Драчево е веќе упатена кон локацијата и постапува по случајот, соопшти ЦУК.
Македонија
(Фото+видео) „63 сенки ќе ве следат – секој поглед бара правда“ – марш за загинатите во кочанската дискотека
Илјадници граѓани и родителите на жртвите од Кочани денеска маршираа во Скопје. Побараа правда и одговорност.
Маршот во организација на Здружението на граѓани „16 Март 2025“ од Кочани и иницијативата „Кој е следен“ почна во 12:05 часот на плоштадот „Македонија“, продолжи кон Собранието на Македонија, а заврши пред Основниот кривичен суд.
Се движеа носејќи фотографии од загинатите и транспаренти на кои пишуваше: „63 сенки ќе ве следат – секој поглед бара правда“, „Моето дете беше убиено од систем кој не штити туку убива“, „Колку детски животи треба да згаснат за да се разбудите?“, „Ние изгубивме, вие се уште имате за што да се борите“…


Сопругата на пејачот Андреј од ДНК, Наталија Ѓорѓиеска, побара пратениците да иницираат надзорна расправа и посебна анкетна комисија за целосно и независно испитување на случајот.
„Истражувањето што се водеше остана нецелосно, со многу отворени прашања, без одговор и недоразјаснети околности. Ние, семејствата, останавме со сомнеж дека вистината овојпат е сокриена“, кажа Ѓорѓиеска.


Судењето за пожарот во Кочани почнува во среда. Предвидено е неделно да се одржуваат по најмалку две рочишта. Обвинителство распореди 15-мина обвинители кои ќе настапуваат во тимови. Ќе им се суди на сопствениот на дискотеката, фирмата за обезбедување, тројца градоначалници на Кочани, поранешни министри за економија и директори на Дирекцијата за заштита и спасување. Обвинети се за пожарот во Пулс каде загина 63 лица, а над 200 беа повредени.

