Македонија
Спасовски – Аџиќ во Подгорица: Илегалната миграција е предизвик за безбедноста на двете земји

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за време на работниот престој во Подгорица, Црна Гора, оствари билатерална средба со црногорскиот колега, министерот за внатрешни работи, Филип Аџиќ.
Министрите ја оценија соработката меѓу двете министерства како одлична нагласувајќи го заедничкиот интерес за продлабочување на соработката во борбата против организираниот криминал, илегалната миграција, трговијата со луѓе и шверцот со дрога.
Аџиќ во оваа пригода му се заблагодари на министерот Спасовски за искрената поддршка и изрази очекување дека ќе продолжи интензивната полициска соработка и координирани активности. Потврда за висококвалитетната заедничка работа на полициите на двете земји се многуте оперативни информации разменети меѓу НЦБ Подгорица и НЦБ Скопје, како и значајните успешно спроведени акции насочени кон разбивање на организираниот шверц со оружје, дрога и трговија со луѓе.
Спасовски рече дека Црна Гора е пријателска земја, со која Северна Македонија нема нерешени прашања и истакна дека пријателскиот однос меѓу двете земји треба да биде пример за другите земји во регионот.
Тој особено истакна дека полициската соработка меѓу нашите земји е на високо ниво посочувајќи ја, на пример, соработката на специјалните полициски единици и изрази подготвеност за натамошно унапредување ценејќи дека тоа е од заеднички интерес.
Со оглед на неодамнешното потпишување на договор со Европската Унија за активностите на ФРОНТЕКС во Црна Гора и Северна Македонија, тој ја пофали соработката со таа европска агенција и сподели добри искуства во управувањето со илегалната миграција.
Министрите се согласија дека илегалната миграција е предизвик за безбедноста на двете земји и изразија заедничка волја да придонесат за уште подобро управување со миграцијата и заштита на границите преку поинтензивна соработка во рамките на регионалните иницијативи. „На тој фронт многу е важно усогласувањето на националните системи со системот EURODAC“, нагласи Аџиќ.
„Црна Гора и Северна Македонија имаат заеднички приоритет – членство во Европската Унија, а реализацијата на оваа цел ќе биде олеснета со размена на искуства и добри практики и силни регионални врски“, рече Аџиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно сончево и многу топло

Времето денеска, претежно сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, до средината на следната седмица времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност.
Дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C.
Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.